1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија се штити, но може ли да „ќари“ од грчката криза?

Костадин Делимитов30 јуни 2015

Македонија се штити, но може ли и да „ќари“ од грчката криза? Економски можеби, но политички малку веројатно сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/1Fq40
Фотографија: MIA

Грција во ЕУ и еврозона или Грција надвор од еврозоната и евентуално од ЕУ? Кризата во Грција и се‘ поизвесниот банкрот на земјата предизвикува загриженост, но отвора и сериозни дилеми околу можните сценарија. Во безмалку паничната потрага по решение сите опции се отворени, или пак се заговараат, но фактот дека некогашниот регионален предводник е безмалку потонат не е поволен за никого во регионот, па ниту за Македонија, предупредуваат аналитичарите. Властите во Скопје воведоа првични мерки за заштита кои треба да гарантираат пред се‘ финансиска стабилност на земјата. Ова барем засега делува смирувачки, иако загриженоста е присутна. Целата неизвесност ја наметнува и дилемата, кое решение би било полошо или поповолно за Македонија? Дали земјата можеби може и да ќари од трагедијата што му се случува на јужниот сосед? Аналитичарите се внимателни во оценките:

„Многу е хипотетичко, но кога станува збор за Грција тогаш за неа е подобро да остане членка на еврозоната. Што би било пак подобро за нас е тешко да се прогнозира. Дефинитивно дека во делот на економијата напуштањето на еврозоната би значело предизвик. Ако Грција ја воведе повторно драхмата- по кој курс тоа ќе биде, какви ограничувања ќе воспостави и царини. Прво се‘ ќе се поремети, ќе мора да се воспостави режим на девизен курс, девизни ограничувања, царини и сето тоа ќе има влијание, потешкотии во транспортот трговијата вклучително и со Македонија. Вака, како дел од еврозоната и ЕУ сепак мора да почитува одредени принципи и правила. Затоа велам дека е многу неизвесно и ќе зависи од мерките што допрва ќе следат. Тешко е, еве сега се вмешуваат и САД кои стравуваат Грција да не падне во прегратките на Русија и Кина и оттука и нивните сериозно предупредувања до Брисел за отстапки и компромис. Многу е неизвесно и неблагодарно да се прогнозира“, коментира за Дојче веле поранешниот гувернер Љубе Трпески.

Клучно е Грција да се стабилизира

Дел од експертите гледаат и одредена можност за економски бенефит, но предупредуваат дека во кое било сценарио клучно е Грција што поскоро да се стабилизира:

„Секогаш е подобро да имате посилен и подобар сосед со кој што можете да соработувате. Доколку тој има финансиски проблеми, тоа не е добро за никого. Но директни последици за македонската економија не гледам освен поголемиот притисок Грција да ги продава своите компании, особено банките во Македонија. Тоа побрзо би дошло на дневен ред. Во однос на другите компании можно е и тие да имаат проблеми и веројатно да се менува нивната структура. Од аспект на обичниот граѓанин и компаниите пак доколку се оди повторно на драхмата можно е да се зголеми притисокот на увозната страна на Македонија. Во таков случај тие ќе одат на депресирање на вредноста на драхмата што значи дека нивните производи и услуги би можеле да бидат поконкурентни од нашите. Од друга страна оние услуги кои ние традиционално ги користиме, како туризмот може да станат поевтини. Тоа е една од подобрите страни, но од аспект на платниот биланс на макро ниво тоа е проблем на Македонија бидејќи се соочуваме со одлив на девизи. Сепак сметам дека и референдумот е насочен кон тоа дали да се остане во еврозоната и доколку нема договор брзо и ќе излезе. Но генерално за нас повеќе ни одговара Грција да остане во ЕУ, земјата да биде стабилна и да се врати во нормален колосек. Секоја неизвесност ги блокира воспоставените релации и секако неможе да стане збор за нови инвестиции и соработки се додека нема стабилност“, коментира универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Mazedonien Kunden am Schalter der Stopanska Banka in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нема да има бенефити за Македонија

Настрана од економијата, дел од експертите не гледаат простор за позначаен политички бенефит за Македонија од случувањата во Грција. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски не смета дека Грција така лесно би го напуштила друштвото во Брисел, но и доколку тоа се случи тешко дека би го отворило патот за Македонија:

„Прво, мора да се прави разлика дека на Грција и‘ е загрозен опстанокот во еврозоната а не и во Унијата. Дури и за првото има проблем: нема механизам, што и да се случи, Грција да биде исфрлена од зоната! Тоа е возможно само на нејзино барање а сосема е извесно дека Атина нема да преземе таков чекор! Останува на останатите членки да бараат излез, доколку Грција банкротира. Второ, не треба никој кај нас да се надева дека Грција ќе излезе и од ЕУ и дека ќе биде отворен патот за наш прием. Такво опција не постои. Трето, за нас е клучно дека кризата на југот се заострува а тоа значи дека решението за разликата околу нашето име е подалеку од било кога. Наша должност е тоа да го афирмираме во Брисел и да инсистираме на премостување на блокадата, уцената и ултиматумот (прво името, потоа членство) и отворање можност за наш прием под референцата. Четврто, на економски план ќе има сериозни последици во трговијата која веќе е намалена во првите четири месеци од годинава (нашиот извоз за преку 20% а увозот за преку 30%). Меѓутоа, во случај на банкрот, кој изгледа се поверојатен, може да има преселување од грчки бизниси, што би било позитивно“, смета Никовски.

Лоша вест за регионот

Неговиот колега, поранешниот амбасадор Нано Ружин, смета дека овој проблем може да се набљудува од билатерален и мултилатерален аспект:

„Со евентуален излез од еврозоната Грција ќе добие послободен простор за својата монетарна политика, евентуално можност за девалвација и поевтинување на стоките и услугите. Во тој случај можно е да дојде и до интензивирање на економските односи и трговската размена, стимулирање на македонскиот извоз во Грција но и привлечност на грчките туристички понуди. Од политички аспект пак тоа би значело оддалечување на Грција од јадрото на ЕУ, а со тоа и од моќта за поголемо влијание во Брисел. Во такви услови никогаш не би ни се случил или повторил Букурешт 2008 и самитот на НАТО кога бевме речиси исфрлени од грчките тврди позиции благодарение на нејзините силни позиции во ЕУ. Гледано од мултилатерален аспект ова е лоша вест за регионот бидејќи губи значајни позиции во европската економска и финансиска моќ на функционирање. Со овој настан Грција ја губи лидерската улога во регионот сведувајќи се на второстепен актер остстапувајќи им место на Унгарија, Турција, Словенија, односно Италија. Воедно со ова опаѓа и политичката моќ на Грција во регионот што може да има далекусежни последици и врз општата стабилност на Балканот“, коментира Ружин.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Превентивните мерки што ги воведе Народната банка ги ограничуваат македонските банки и фирми да инвестираат и кредитираат во Грција. Гувернерот Димитар Богов смирува дека банкарскиот систем во Македонија е безбеден од евентуалниот финансиски крах во Грција:

„Во Македонија банкарскиот систем ќе продолжи да функционира без никакви последици. Оние банки кои се во грчка сопственост, тие се домашни банки кои што работат според нашата регулатива и тие банки ќе продолжат да работат, единствено што можат е да го променат сопственикот“, изјави Богов.

Грција е традиционално еден од позначајните трговски партнери на Македонија, но од почетокот на кризата во 2008 евидентен е падот на извозот во таа земја. Од 14% во 2007 сега тој опфаќа околу 5% од вкупниот извоз што не ја рангира ниту во првите пет извозни пазари на Македонија. Во истиот период и инвестициите од Грција се незначителни.