Грчки медиуми: ОН бараат забрзување на преговорите за името
22 февруари 2013Сите грчки медиуми известуваат за вчерашната средба на грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, од која како главен акцент се извлекува изјавата на Аврамопулос дека „Грција презеде значајни иницијативи во контекст на напорите за решавање на прашањето за името, како што е предлогот за потпишување на меморандум за разбирање со Скопје“, јавува агенцијата МИА.
Според грчки дипломатски извори, Аврамопулос на средбата „ја потврдил посветеноста на Атина за продолжување на преговарачкиот процес во рамките на Обединетите Нации“. Медиумите го пренесуваат и соопштението од ОН во кое се истакнува дека генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун сака забрзување на преговорите за „името“ на Македонија, како и за кипарското прашање.
Канцеларијата на генералниот секретар на ОН, инаку, по средбата со Аврамопулос издаде кусо соопштение во кое се вели дека двајцата размениле мислења за состојбите во источниот Медитеран и се фокусирале на можностите за обновување на преговорите за изнаоѓање сеопфатно решение во Кипар и за решавање на грчко-македонскиот спор за името.
„Генералниот секретар ја истакна важноста од забрзување на напредокот во двата процеси и ја повтори неговата лична посветеност за таа цел“, се вели во соопштението од ОН.