Грчки пратеници добиваат закани пред гласањето
16 јануари 2019Заканувачки пораки, слики, повици - дел од грчките пратеници се изложени на сериозни закани пред гласањето за доверба на владата на премиерот Алексис Ципрас, кое е закажано за денеска, и претстојното гласање за договорот со Македонија за името.
Според медиумски извештаи, една пратеничка која сака да гласа и за владата на Ципрас и за договорот со Македонија, добила пораки преку телефон со слики на жени со отсечени глави. Други парламентарци информираат за заканувачки телефонски повици, насочени против нивните семејства.
Повеќе:
Како ли ќе живееме без спорот за името?
Почна дебатата во грчкиот парламент за доверба на владата
Освен тоа, во северниот дел од Грција и во Солун, во текот на изиминатите денови осамнаа плакати со фотографии на пратеници, на кои стои прашањето: „И ти ли ќе ја предадеш (нашата провинција) Македонија?“
Полицијата досега има уапсено четири лица.
Прашањето на името предизвикува поделби во Грција. Коалициониот партнер на Ципрас, Панос Каменос, во неделата даде оставка на функцијата министер за одбрана и ја раскина коалицијата поради договорот со Македонија. Ципрас потоа го постави прашањето за доверба на владата, за кое би требало да се гласа до полноќ. На премиерот му е потребно просто мнозинство од вкупно 300 пратеници. Ципрас може да смета на 145-те пратеници од својата Сириза, но за мнозинство му се потребни уште 6 гласови. Набљудувачите сметаат дека тоа ќе му успее. Доколку владата преживее, наредната недела, според најавите, би требало да се гласа и за Преспанскиот договор.