Грчките надежи и страв за иднината
19 јануари 2015Јоргос Сарандопулос со внимание ги следи телевизиските вести во неговиот фризерски салон во северна Атина. Извештаите пренесуваат лоши економски прогнози, закани за банкрот и политички пресметки меѓу владата и опозицијата. Како сопственик на мал бизнис и млад татко, Сарандопулос зависи од стабилната економија и од социјалните услови во земјата. Но, ниту една друга изборна кампања во Грција во изминатите 20 години не била толку поларизирачка како актуелната.
Конзервативниот премиер Андонис Самарас се бори за политичко преживување, и предупредува дека земјата ќе мора да ја напушти владата доколку дојде до промена на владата. Во меѓувреме, левичарската Сириза, која води според анкетите, повикува на нови преговори со меѓународните кредитори, па дури и отпишување на грчкиот долг.
Економската криза му го отежна животот на Сарандопулос, кој потекнува од Пелопонез. Како и многу други Грци, фризерот се надева на олабавување на мерките за штедење. Тој мора да го отплати кредитот кон банката кој го земал уште пред почетокот на кризата, кога планирал да го модернизира салонот. За ДВ тој вели дека веќе нема доверба во ветувањата кои политичарите ги даваат во кампањата и кои ветуваат дека се способни да го реорганизираат долгот на Грција преку ноќ.
„Нашите политичари ќе се соочат со реалност при првото одење во странство. Таков беше случајот и со Самарас: пред победата на изборите во 2012 и тој сакаше повторно да преговара, но го смени ставот откако беше соочен со реалноста“, вели Сарандопулос.
Неговата најголема желба е грчките политичари да постигнат консензус за заеднички напори за излез од кризата.
Грција ова не го заслужува
Загрижен е и Леонидас. Добростоечкиот банкар од Атина, кој не сакаше да биде објавено неговото целосно име, вели дека нема трпение за радикалната изборна реторика.
„Ние сме во тешка ситуација и можам само да се надевам дека парламентарните избори ќе донесат малку стабилност“, вели тој.
„Конечно, не се работи за мене, се работи за моите деца. Сакам тие да имаат подобра иднина. Нашата земја навистина не ги заслужува мерките кои мораме да ги преземаме“.
Но како ќе изгледа подобрата иднина за Грција? Тоа е визија која не игра голема улога во предизборната кампања досега. Политичарите се презафатени со меѓусебни обвинувања - рекордната невработеност и улогата на државата во економските проблеми обезбедуваат доволно материјал за предизборна војна на зборови.
Додека левичарската опозиција ветува зголемување на јавните инвестиции и преиспитување на приватизацијата, конзервативниот премиер Самарас инсистира дека ќе продолжи со внимателно регулираните даночни ослободувања и инвестициски олеснувања за компаниите.
За Јоргос Сарандопулос едно нешто е сигурно: „Нови работни места можат да се отворат само преку приватниот сектор и кон тоа можат да помогнат актуелните и идните приватизации“. Овој 38-годишник верува дека токму хаотичната економска структура на државата и моќта на некои синдикати придонесоа за актуелната криза.
Барање за политички промени
Евангелија Алексаки поинаку гледа на нештата. Таа е една од 595 постојани чистачки во грчкото министерство за финансии кои останаа без работа во 2013 година, како резултат на мерките за штедење. Оттогаш, чистачките одржуваат протести пред зградата на министерството речиси секојдневно.
„Ние се бориме за преживување. Нашите откази беа целосно неправедни“, вели Алексаки за ДВ. „На 60-годишна возраст не можете да најдете друга работа, ниту да добиете пензија“. Сите надежи на 58-годишната Алексаки, која доаѓа од островот Крф, се во Сириза. Преку глава и‘ е од ветувањата на владејачките партии и верува дека оние кои предупредуваат од политичка нестабилност само шират страв низ Грција и низ Европа.
„Не се плашам, потребна ни е поинаква политика. Нашите деца мигрираат во странство, нашата земја се распродава“, вели таа. „Никогаш не сум видела толку многу луѓе кои буричкаат по кантите за отпад, или толку многу бездомници. Ни беше ветен раст, но мислам дека побрзо ќе умреме одошто да го видиме тој раст“.
Отпуштените чистачки во меѓувреме извојуваа мала победа: во мај минатата година, судот во Атина нареди 397 чистачки да се вратат на работа во министерството. Грчката влада вложи жалба на пресудата, а конечната одлука се очекува во февруари. Сега чистачките се надеваат на политичка одлука - од новата левичарска влада.