Неонацистите од Златна зора на условна слобода
20 март 2015Никос Михалолиакос, партиски водач на грчките десни екстремисти, од септември 2013 е во ќелија од истражниот затвор во казнената установа во Коридалос, предградие на Пиреја. Тогаш тој беше одведен на сослушување со лисици на рацете. Во тие денови беа уапсени и партискиот портпарол Илиас Касидиарис, пратеникот Јанис Лагос - надлежен за синдикални работи, главниот пропагандист Христос Папас и други членови на Златна зора, која ја сметаат за десноекстремна партија. Сите беа осомничени за „формирање криминално здружение“. Според грчкиот кривичен законик, за таков деликт е предвидена казна од 10 години затвор, а во спој со други казниви дела е можна дури и казна доживотен затвор.
Но, во Грција не може да се нареди истражен затвор во траење подолго од 18 месеци. Тој рок веќе е пречекорен, па сега се очекува уапсените привремено да го напуштат затворот под одредени услови до почетокот на судскиот процес против нив, кој е предвиден за 20 април. Папас ќе излезе од затвор на 29 март, а за Михалолиакос и Лагос се’ уште нема решение на надлежниот судија.
Првобитно процесот против Златна зора беше предвиден за есента 2014 година, но постојано беше одложуван. Има повеќе причини за тоа, смета Василики Георгиаду, доцент по политички науки на универзитетот Пантејон во Атина. „Долги, понекогаш и предолги траења на постапката се ионака вообиачени во Грција“, вели таа во разговор за ДВ. Освен тоа, ова е сосем посебен и досега единствен ваков случај: со текот на времето досието во врска со Златна зора нарасна на преку 1100 страници. Правниците кои се задолжени за изработка на обвинителниот акт мора да работат особено темелно, за се’ да биде ставено врз солидна правна основа. Во меѓувреме имаше и предизборна кампања и промена на владата во Грција и се чини дека одговорните сакаа да се избегне впечатокот дека ги политизирале можните кривични дела, вели политикологот Георгиаду.
Обвинителниот акт не беше едногласно составен
„Правосудните власти беа во трка со времето, но не успеаја да избегнат пречекорување на рокот“, пишува Јоана Мандру, репортерка од судски настани, во весникот Катимерини. Возбудувања предизвика и едно сфаќање, кое го споделуваат малкумина од правниците: Никос Салатас, еден од тројцата судии кои работеа на обвинителниот акт, смета дека во овој случај не е исполнет описот на кривичното дело „членство во криминално здружение“. Реномирани правници и судии го критикуваа тој став, објаснува Мандру. Сепак мора да се очекува дека Златна зора во својата одбрана ќе се повикува на тој факт.
На 20 април на обвинителната клупа ќе треба да седнат повеќе од 60 пратеници, членови и соработници на деснорадикалната партија. Се чини дека не е пожелен медиумски спектакл околу овој жежок случај: наспроти очекувањата, се претпоставува дека процесот нема да се одвива во судот, туку во особено добро обезбедениот затвор во Коридалос - и тоа во мала просторија, во која не е предвиден простор за претставници од медиумите. Како што наслушнала, вели Георгиаду, новинарите ќе го следат процесот во посебна просторија уредена за нив, оти инаку би била преголема медиумската навала во затворот во Коридалос. „Тоа не е добро, смета најголем дел од заинтересираните, оти овде е во прашање историски единствен случај во Грција, ако не и во Европа“, нагласува Георгиаду. Одговорните во секој случај мораат да се погрижат јавноста доволно да биде информирана за текот на процесот.
Упориштата на Златна зора
Георгиаду научно го истражувала подемот на Златна зора во изминатите години и искажува загриженост дека деснорадикалните, и покрај тешките обвиненија од страна на правосудството, и натаму имаат значителен одѕив кај избирачите, особено во провинцијата. „Оваа партија во меѓувреме има свои упоришта - одредени изборни окрузи на Пелопонес, во кои уште во 70-те години на минатиот век ултрадесните или на кралот верните политичари добиваа натпросечно многу гласови, но потоа неочекувано се свртија кон умерените конзервативни партии. Или и во места во регионот Западна Македонија, каде порано прилично успешно беше Ортодоксното народно движење, една деснопопулистичка маргинална партија“, обаснува политикологот Василики Георгиаду.
Но, вистина е и дека по истрагата на грчкото правосудство барем е запрен натамошниот подем на партијата. „До моментот кога беа уапсени водечките пратеници од Златна зора, таа деснорадикална партија во анкетите беше на околу 15 проценти со тенденција на пораст. Но, оттогаш таа го губи потенцијалот и станува помалку атрактивна за гласачите кои се определуваат од протест“ вели Георгиаду.