Губитници и добитници, и еден победник - Македонија!
12 јануари 2019Од бројни честитки со поддршка за одлуката на парламентот, до пораки дека „ќе бидат запамтени оние кои гласале 'за'“ и дека битката за одбрана на името нема да запре. Вакви се реакциите на социјалните мрежи откако парламентот ги усвои уставните измени, а со тоа ја тргна и последната пречка за имплементација на Договорот од Преспа. Пораките испратени од парламентот - дека во овој процес победник е Македонија и нејзините интеграциски перспективи, сѐ уште не допира до сите. Тримесечниот процес во парламентот, вклучително и вчерашното гласање, покажа дека сите политички субјекти не го разбраа подеднакво предизвикот и можноста активно да се вклучат во него, а со тоа и заеднички да ги поделат придобивките.
Повеќе:
„Преспа“ помина во Скопје, на ред е Атина
Кој добива, а кој губи?
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека во овој процес, кој е еден од најважните за земјата од нејзиното осамостојување, има големи придобивки, но и голема цена за нив.
„Кај СДСМ и ДУИ има микс од двете, како и кај Заев и Ахмети лично, но Мицкоски и Беса има чист губиток. Заев има и најголеми придобивки, но и плаќа најголема цена за нив. Тој во моментов е најголем потенцијален добитник, но и оној со највисока потенцијална политичка цена за овој процес. За него, периодот по гласањето е оној кој вистински ќе дефинира дали е добитник или губитник од овој процес. Ако по гласањето ја капитализира придобивката, ја реформира Владата, расчисти со елементите во неговиот двор кои го влечат назад и се фокусира на работата на Владата - има потенцијал да биде сериозен добитник и да ја консолидира својата политичка позиција. Но ако неговиот мандат се сведе само на името, ќе ја почувствува само цената за тоа. На пример, за разлика од Заев, СДСМ веќе губи од процесот - зашто за нив мерилата не се врзани за процесот за името, туку за владеењето, кое е проблематично“, вели Арсовски.
Според него, ДУИ е делумен добитник, во смисла на нејзината политичка стратегија, но губи поддршка која се прелева кај СДСМ, затоа што Албанците веруваат дека Заев е позаслужен отколку Ахмети за евроатлантските интеграции, па ДУИ, исто така, има мешана позиција.
„За разлика од нив, Беса на Касами излезе чист губитник, зашто во финалната фаза на процесот испорача некои барања кои беа толку нерелевантни и задоцнети, што јавноста ги доживеа како чиста политичка уцена за поени. Ова ќе ги чини сериозно во политичка смисла, бидејќи не се покажаа како сериозен партнер во овој процес. На крајот сепак најголем губитник ќе излезе Мицкоски. И покрај сите шанси и подадени раце, тој упорно ја закова својата позиција на антизападен, ретрограден и националистички политичар, за кого де факто во новиот период кој доаѓа нема ни да има многу место. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ во овој процес како целосно да го изгуби компасот, и сега ќе им биде потребен сериозен проект за ребрендирање за повторно да станат конкурентни“, констатира Арсовски.
Да не биде за џабе
Премиерот Заев синоќа од говорницата го пофали парламентот за успешниот исход од процесот.
„Од независноста досега, овој парламент носел прекрасни одлуки, со кои се покачувале плати, закони со кои се унапредувала благосостојбата на граѓаните. Но парламентот имал и тешки одлуки. И оваа денешната не е лесна одлука. Но се сериозни и одговорни одлуки кои ја гарантираат иднината на Македонија“, рече Заев.
Притоа додаде дека најлесно е да се избегне овој процес, криејќи се под превезот на политиканството. Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател се за ЕУ, дека партијата знае оти подобар договор не може да се постигне и дека без договор со Грција нема НАТО и ЕУ, а тоа се децениски аспирации на македонските граѓани. Заев повтори дека за време на целиот преговарачки процес го информирал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кога од мај тој повеќе не сакал да дискутира, иако знаел што се случува во регионот и колку од безбедносен аспект е важно да се постигне договор.
Овие објаснувања и вчерашниот епилог не се изненадувачки за аналитичарите.
„Фактички, до крајот на процесот секој си остана на својот став“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.
„Сега е важно да видиме што ќе се случи во јуни. Ако Македонија не ги почне преговорите со ЕУ, ќе излезе дека сето ова било за џабе. Само почеток на преговори може да даде делумно оправдување за промената на името. Од тој аспект, до јуни ќе бидеме во исчекување, а власта ќе биде пред сериозен предизвик: да ги спроведе забелешките од ЕУ и препораките на Прибе, да спроведе реформи, да ја придвижи економијата... Сега се набилдани големи очекувања кај граѓаните, и тие нема да прифатат никакви оправдувања ако изостанат резултати. Фрустрацијата ќе се намали само ако нема расчекор меѓу ветеното и реализираното. Во спротивно, ќе има нови општествени тензии“, прогнозира Божиновски.
Реформи, избори, или од сѐ по малку?
Европратеникот Иво Вајгл верува во успешен почеток на преговори со ЕУ. Во изјава за МИА тој им честиташе на пратениците за вчерашното гласање, додавајќи дека „ЕУ треба да ги отвори преговорите со Северна Македонија во јуни оваа година, како што ѝ беше ветено на земјата“.
По исцрпувачкиот процес поврзан со решавањето на спорот за името, кој потроши многу ресурси, време и енергија, Македонија практично нема ни ден за губење, доколку сака до јуни да ги исполни нужните предуслови за почеток на преговори со Унијата. Таквиот предизвик би требало да ја елиминира можноста за предвремени парламентарни избори, какви што вчера побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бидејќи подготовката и текот на тој процес ќе го потрошат времето за реформи. Но, со оглед дека секако ќе потроши време за претседателските избори, партиите од власта до крајот на јануари треба да решат дали на „ист трошок“ ќе се впуштат и во парламентарна проверка на силите. Со тоа ризикуваат реформскиот процес да падне во втор план, но од друга страна, и да се изборат за нов мандат со многу поголема поддршка од граѓаните, токму за да не бидат условувани од опозицијата за законите за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Мицкоски вчера порача дека Заев мора да падне, за Македонија да победи.
„Се покажа дека Македонија со Заев губи, и ако останат на власт Македонија ќе продолжи да губи на сите полиња. Ова мора да престане, и ќе се промени само доколку овие луѓе си заминат од власт“, порача Мицкоски.
Од СДСМ експресно му реплицираа.
„Победи напредокот наспроти кочењето и блокадите. Победи вистинскиот патриотизам наспроти служењето за туѓи антизападни интереси. Кога ќе има избори не зависи од Мицкоски, туку од приоритетите на граѓаните и државата. А портпаролот на Бачев, Христијан Мицкоски, може да се подготвува само за нов пораз на кои било избори“, порачаа од СДСМ.