1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Гутереш во Москва бара прекин на огнот

ЕМФ | агенции
26 април 2022

Генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш, на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров побара прекин на огнот во Украина.

https://p.dw.com/p/4AS1v
Russland Moskau UN Generealsekretär Antonio Guterres
Антонио Гутереш и Сергеј Лавров во Москва, 26.04.2022Фотографија: Maxim Shipenkov/REUTERS

Антонио Гутереш, според сопствените наводи, сака да направи сѐ за да се стави крај на војната и на страдањата на луѓето во Украина. Генералниот секретар на ОН на почетокот на својата посета на Москва се заложи за итен прекин на огнот.

Иако ситуацијата во Украина е „комплексна“ и постојат „различни интерпретации за она што се случува таму“, дијалог е можен, изјави Гутереш на почетокот на разговорите со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Шефот на руската дипломатија изјави дека околу Украина се насобрале многу проблеми кои мора да бидат решени и додаде дека Русија сака да разговара и за развојот на состојбите во Обединетите Нациии генерално. Лавров се пожали дека на Западот постоеле тенденции за создавање монополарен свет, на што Гутереш одговори дека тој е докажан приврзаник на мултиполарен свет.

Ова е прва посета на Гутереш на Москва по почетокот на руската онвазија на Украина. По разговорите со Лавров, генералниот секретар на ОН треба да има средба и со рускиот претседател Владимир Путин.

По Москва, Гутереш треба да го посети и Киев. Украинската влада остро го критикуваше редоследот на неговите средби. „Во овој редослед нема ниту праведност ниту логика“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Досега ОН играа подредена улога во напорите за ставање крај на војната. Тоа, меѓу другото, се должи и на фактот што конфликтот предизвика судири меѓу петте постојани членки на Советот за безбедност - Русија, САД, Франција, Кина и Велика Британија. Два месеца по почетокот на руската инвазија, се очекува поголема дипломатска улога на ОН, како на пример во делот на хуманитарниот пристап и обезбедувањето сигурни рути за бегство на цивилите.