1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Д-р Пановски: Кај нас вирусот е пречекан со сите „почести“!

23 август 2021

Дел од здравствените експерти сметаат дека овој бран ќе го достигне пикот кон крајот на август, други проценуваат дека тоа ќе се случи во периодот меѓу 10-ти и 20-ти октомври

https://p.dw.com/p/3zMe5
Nord-Mazedonien | Kontrolle der digitalen Covid-Zertifikate
Фотографија: P. Stojanovski/DW

На 22-ри август минатата година, од 1.733 тестирани биле регистрирани 159 случаи на новозаразени, односно позитивни биле 9,17% од тестираните. Починале 6 лица.

На 22-ри август оваа година, од 6.591 тестирани, регистрирани се 882 нови случаи, односно, 13,38% од тестираните, што е за 5% повеќе во однос на истиот датум минатата година. Починаа 14 лица.

Генерално, минатиот август процентот на новозаразени бил под или околу 10% од тестираните, во време кога немаше вакцини. Овој август тој е процент е повисок и покрај тоа што заклучно со 21-ви август со прва доза биле вакцинирани 652.340 граѓани, бројот на ревакцинирани достигна половина милион, а голем број лица имаат стекнато имунитет по прележан Ковид-19. Зошто по сето тоа процентите на новозаразени сега растат?

„Минатата година немаше забави и свадби во затворен простор“, вели д-р Никола Пановски, микробиолог и поранешен директор на Фондот за здравство.

„Деновиве медиумите пренесоа изјава на лице од Комисијата за заразни болести, со став дека во Комисијата сметале оти не требало да се доволи такво нешто. Зошто не реагирале веднаш? Јас да сум во Комисијата ќе се спротивставам, јавно ќе кажам. Да не беше таа изјава, немаше да знаеме дека Владата не ги послушала нивните препораки да не се дозволуваат свадби во затворени простории во текот на летото. За жал, вирусот со сите почести е пречекан од нашите власти, но и од неодговорноста на граѓаните. Немаше ни контрола на границите за граѓани кои доаѓаат од земји со висока трансмисија на Делта сојот. Немаше ни реципроцитет во мерките. Ние за патување во Грција и Бугарија требаше да се тестираме, а не и тие за влез кај нас, во време кога во Грција имаше и по 5.000 регистрирани случаи на ден“, укажува д-р Пановски.

повеќе: 

Есента носи нови стравувања од Делта-сојот

Комисијата за заразни болести предлага нови мерки за влез и излез од С. Македонија

Германија: Од недела, С. Македонија на листата земји со висок ковид-ризик

Според него, пропуштена е можноста навреме да се донесат соодветни мерки за заштита од ширење на вирусот.

„Уште на 29-ти јуни апелирав да не се дозволат собирања во затворен простор, и да се направи контрола на границите. Така немаше да се дозволи заразата да ‘букне’, туку ќе се развиваше многу побавно и поблаго. Не тоа не се направи, и беа оставени неколку недели вирусот да се шири на свадби и други собирања во затворен простор. Наместо овде да се заштитиме со мерки, ние се тестиравме за патувања надвор, за да ги заштитиме соседите“, коментира д-р Пановски.

Пикот во фреквентен период

Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски пред четири дена за ТВ „Алсат-М“ изјави дека еден заразен со Делта сојот може да зарази уште 7 лица и ги критикуваше властите што не ги слушале нивните препораки да не се дозволуваат свадби во затворени простории во текот на летото.

„Ова ни се случува поради целосното непочитување на мерките во некои делови на земјата, големата организација на свадби и други забави каде што не се носеа маски, немаше дистанца ниту средства за дезинфекција и масовно групирање луѓе на мал простор. Ако ми кажете стотици, би рекол дека имаше илјадници венчавки, на кои некои заборавија дека вирусот постои“, изјави Караџовски.

Сега веќе не е дозволена организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, но според Караџовски - „свадбите веќе ни се удрија од глава“.

Дел од здравствените експерти сметаат дека овој бран ќе го достигне својот пик кон крајот на август, други проценуваат дека тоа ќе се случи во периодот меѓу 10-ти и 20-ти октомври. А во перидот „помеѓу“ почнуваат школската година, треба да се спроведе пописот, изборната кампања и локалните избори. На први септември учебната година треба да започне со физичко присуство на учениците, а доколку се влоши епидемиолошката состојба, има две алтернативни решенија: комбинирана или онлајн настава. Од петти септември треба да почне пописот на населението, домаќинствата и становите, и да трае до 30-ти септември. Од 27-ми септември до 15-ти октомври ќе трае изборната кампања за локалните избори кои ќе се одржат на 17-ти октомври.

Што треба да се знае за сојот Делта?

Засега никој не може да прогнозира во каква ситауција ќе се одвиваат овие процеси и дали последните владини мерки ќе влијаат на пад на билансот на новозаразени, кој сега има само нагорна линија.

Интерес за вакцинирање

Според Министерството за здравство, заклучно со 21-ви август, во земјата вкупно се аплицирани 1.152.274 дози вакцини. Ревакцинирани се 499.934 граѓани, а со прва доза се вакцинирани 652.340 граѓани. Од нив, една доза имаат примено 70% од лицата над 70 години, 67% над 65 години, 63% над 60 години и 54% од лицата над 50 години.

Поради зголемениот интерес за вакцинирање, министерот за здравство Венко Филипче викендот најави дека од среда или четврток повторно ќе биде отворен пунктот во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

„Тоа ќе биде во малата сала и ќе има 20-ина места каде што ќе може да се спроведе вакцинација. Верувам дека тоа ќе ги растовари метежите и редиците што ги имаме пред здравствените домови“, изјави Филипче.

Вкупната бројка на дијагностицирани лица со ковид во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 168.872, бројката на оздравени пациенти е 152. 098, на починати е 5. 668, а бројот на активни случаи изнесува 11.106. Од нив најмногу случаи се во Скопје (3 693), Тетово (1 855) и Гостивар (1 513). Болниците во Тетово и Гостивар веќе се преоптоварени и пациентите се праќаат во Скопје.

Не се мали бројките ниту во Куманово (715), Струмица (561), Кичево (555), Струга (322), Охрид (303) и Дебар (201). Болничките капацитети се полнат во Кичево и Струга. Помалку хоспитализации има во градовите со висок процент на имунизација - Гевгелија, Кавадарци, Охрид Битола и Штип.