Чешка: „Да живее слободата!“
27 април 2020Откако прашкиот суд ги прогласи ограничувањата поврзани со пандемијата на корона како противзаконски, чешката влада за само неколку часа ги повлече сите такви уредби, што исто така значеше и отворање на границите. За поранешната активистка за граѓански права Ана Шабатова и нејзиниот сопруг Петер Ул ова е радосна вест. „Веќе почна да ни пречи тоа што не смееме легално да патуваме,“ вели Сабатова за Дојче Веле. Тие имаат викендица во Германија „преку шумата на речиси 1.7 километри оддалеченост од границата,“ но не им беше дозволено да одат таму. „Ниту еден исклучок не беше поврзан со нас.“
„Уште од почетоков на корона-лудилово останав заглавена во едно мало село во Јужна Бохемија,“ вели полската режисерка Кристина Краузе, која со години живее во Прага. Сега доаѓаат првите гости. Дури и фризерката Здена. „Нема веќе собрана коса со ластиче! Да живее слободата! Да живеат гостите!“, се радува Кристина.
Филмскиот режисер Петр Јанчарек кој со неговата камера ги документирал последните три години од животот на Вацлав Хавел, остана во Прага. „30 години, половина живот не смеев да патувам на Запад. Сега повторно се потсетив на тие времиња.“ Сега му олесна. „Властите конечно се соочија со ситуацијата.“
Наслов на денот
Всушност прашкиот суд во четвртокот (23.04) за противправни прогласи четири уредби поврзани со коронавирусот издадени од Министерството за здравство. Две се однесуваа на ограничена слобода на движење и две за ограничување во малопродажбата.
Ограничувањата на основните права може да ги донесе владата во согласност со Законот за кризни ситуации, аргументира судијата Стефан Виборни, кој го водеше судењето. На владата и даде време до денеска да ја исправи правната состојба. Кабинетот на премиерот Андреј Бабиш уште на 12 март воведе вонредна состојба која требаше да трае 30 дена. Потоа парламентот ја продолжи до крајот на април и донесе одлука за ограничувања според Законот за кризни ситуации. Но, потоа владата ги повлече овие одлуки. Министерот за здравство Адам Војтех, ги врати назад, но овојпат како правна основа го зема Законот за јавно здравје.
„Итроштината на властодржците"
Експертот за право од областа на здравството, Ондреј Достал, беше среќен за пресудата. „Од аспект на демократска држава повторно мрднавме напред”, вели тој во разговор за економскиот весник „Хосподарске новини”. „Стануваше збор за итрина на властодржците кои очигледно сакаа да избегнат плаќање на отштети”, вели правникот. „Владата излезе од релативно сигурните рамки на Законот за кризни ситуации и направи ризичен избор на Законот за заштита на здравјето како оправдување на забраните”, објаснува во разговор со ДВ Томас Сокол, кој од 1990 до 1992 бил министер за внатрешни работи на Чешка, а познат е како адвокат за бризантни правни случаи. „Судот, а тоа не изненадува, не го прифати оправдувањето”, вели тој.
„Се работи за многу важна пресуда која на егзекутивната власт и покажува дека и во кризни времиња мора да се држи до законите”, смета новинарот и поранешен амбасадор во Франција, Петр Јанушка. „Но, би ме зачудило ако Бабиш не се обиде сепак да ја стави под прашање”.
И да, Бабиш ќе го стори тоа. Министерот за здравство Војтех најави дека ќе поднесе жалба.
„Никој нема да ве прими"
Владата во петокот донесе одлука да поднесе пред Парламентот барање за продолжување на вонредната ситуација до 25 мај. Тогаш треба да отпаднат речиси сите ограничувања поради короната - две недели порано отколку што се планираше до пред 10 дена. Премиерот не очекува преголема успешност на најновите одлуки. Патувањата во странство се само теорија која нема да се оствари. „Никој нема да ве пушти да влезете”, рече тој во петокот. Од соседните држави само Австрија дозволува влез од надвор, но само на оние лица кои имаат потврда дека се негативни на корона која не е постара од 4 дена.