1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коментар: Да се застане и да се размисли за Авганистан

Флоријан Вајганд
1 јуни 2017

По нападот во Кабул, Германија прекина со протерувањата во Авганистан. Ова е добра можност да се преиспита политиката на азил, смета Флоријан Вајганд.

https://p.dw.com/p/2dxRX
Deutschland Demonstrationen gegen Abschiebungen am Flughafen in München
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Wire/S. Babbar

Мораше да се случат три големи напади во Кабул за да се дојде до привремен прекин на протерувањата во Авганистан: во нападот во јули 2016-та загинаа 80 лица при бомбашки напад врз мирни протести, во март вооружени лица нападнаа воена болница во самиот центар на градот и произволно пукаа околу себе при што убија 49 пациенти, доктори и негуватели. Сепак, депортациите на Авганистанци од Германија непрекинато продолжија. Очигледно мораше да дојде дотаму германската амбасада да биде во голема мера оштетена и преку 80 луѓе да загинат практично пред нејзините порти за сојузната влада да реши да си даде оддишка.

Првиот нареден депортациски лет планиран за ноќта кон 1-ви јуни е откажан, како што се вели „од организациски причини“. Амбасадата била доволно зафатена со справувањето со последиците од последниот напад. Тоа секако се разбирливи причини - но, човек може и да се праша зошто чартер летот не бил пренасочен кон Мазар-и-Шариф, каде што е базата на Бундесверот на северот од земјата и место кое исто така е проценето како „сигурно“. И таму беше нападнат германскиот конзулат во ноември минатата година, но барем во моментов е функционален.

Да се признае неуспехот

Која и да е вистинската позадина за оваа одлука во последен момент - на сојузната влада ѝ отвора бришан простор што итно треба да го искористи за подетално да ја преиспита својата азилантска политика.

Weigand Florian Kommentarbild App
Флоријан Вајганд

Вестите за тоа колку е всушност небезбеден Авганистан доаѓаат од сите страни, од експерти на тинк-тенкови, од црквата и од организации за заштита на човековите права. Одамна е потребна искрена, детална анализа, без прејудициран исход, за ситуацијата на Хиндукуш, која потоа и јавно ќе биде артикулирана. Од владата засега имаме само политички мотивирано „мачкање“.

Никој не сака да биде првиот што ќе си признае дека големиот проект „Безбедност во Авганистан“ чинеше многу пари и напор - и човечки животи - а, успесите, кои и онака на прсти се броеја, со секој ден сѐ повеќе се проретчуваат.

Како никогаш досега се нуди можност на прашањето да му се пристапи со поголема доза искреност. До пред само неколку месеци Унијата на Меркел беше во паника заради есенските избори. Голема беше опасноста токму заради бегалското прашање многу гласови да ѝ припаднат на АФД, доколку ЦДУ/ЦСУ не повлечеа јасни линии во однос на протерувањата. Сега веќе деснорадикалната партија се распаѓа од внатре, додека исходот од изборите во 3 сојузни покраини значително ја засилија позицијата на Меркел. А, фронтот што полека се создава во Европа против непресметливиот американски претседател го замени азилантското прашање како главен двигател на кампањите.

Потреба да се делува и во Германија

Има многу нешта кои треба да се анализираат и потоа систематски да се одработат - и овде, во Германија: постојат очигледни фрапантни недостатоци во самиот процес на доделување азил. Факт е и дека осомничени талибанци се мешаат меѓу обичните бегалци, но тие не се депортираат веднаш, бидејќи треба да им се суди на лице место. Другите бегалци пак, веднаш се соочуваат со  протерување.

Треба и да се размисли кои напори е подготвена Германија да ги вложи - во соработка со меѓународната заедница - за да може Авганистан да стане навистина безбедна земја за враќање на бегалци. Во спротивно на врата ќе ни тропнат уште повеќе бегалци, имено оние на кои во повеќе од 15 години ангажман во Авганистан им проповедаме слобода и демократија, вредности кои во Авганистан не постојат.  Бегалците кои денес доаѓаат во Германија во еден дел и сами си ги создадовме. И токму во тоа се состои нашата одговорност.