1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се опише неописливото

2 декември 2020

Бугарските политичари, кога тврдат дека сме едно, имаат чуден пристап: да ги засакаме, ама преку „тепање“. Можеби се надеваат на некој стокхолмски синдром. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/3m7It
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Одлично е што во Македонија почнува пилот-проект за сексуално воспитување во училиштата.  Потребна ни беше само една молскавична деценија да се вратиме од задолжително учење веронаука кон сексуално воспитание, како приоритет кој младите генерации треба да го осознаат во 21 век.  Секако, наставниците сега ќе се соочат со вечниот проблем: како да се опише неописливото, мистичното сексуално искуство, чинот на водење љубов на помладите генерации.  Со истиот проблем најверојатно се соочува и македонската меѓународна политика, кога треба да го опише процесот кој во моментов нашата земја го доживува од страна на Бугарија. Сите паралели се намерни.

Дополнително, сексуалното воспитание е можеби и најдобрата призма низ која, претходната недела, се етаблираше, на доста пластичен начин, хипокризијата кај одредени функционери во Брисел.  Се прашувам, дали било возможно, пратеникот од редовите на ФИДЕС, партијата на Орбан, кој јавно се залага против хомосексуалноста, па дури дотаму, што е автор на спорниот пасус во Уставот на Унгарија со кој бракот се дефинира исклучиво како заедница помеѓу маж и жена, во текот на генг-бенгот, исто така успешно да се повика на пратеничкиот имунитет, како што тоа го правел кога го бркала полицијата?  Истата хипокризија можеби ќе се открие во овој период и на македонската политичка сцена, кога ќе ги видиме едните исти пратеници истовремено гласни за евроинтеграции, но уште погласни против неопходните реформи, јавно против заштита од дискриминација на ЛГБТ заедницата, но тајно за свингерски забави, а истовремено упорни во обидот паралелно да ги штитат и жртвите на комунизмот од режимот, и комунизмот од неговите жртви. Сите паралели се намерни.

Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Шегата настрана, Европската унија се соочува со далеку поголеми проблеми одошто овој мизансцен на ноќниот живот на европратеницитесо кој се забавуваме во последниве неколку дена.  Процесот на проширување е заглавен во кулоарите на балканските фрустрации, блазиран со фасаден напредок кој ја заменува формата со суштината.  Така, Турција веќе трета деценија се мачи да се отплетка од тој процес, а ЕУ се мачи да ја одржи внатре, а притоа двете страни се во перманентна агонија.  Србија тапка во место, и нема да отвори ниту едно ново поглавје во догледно време. Албанија нема напредок по клучните прашања, што ја спречува да добие датум за првата меѓувладина конференција.  На крајот, Бугарија, Полска, и Унгарија, секоја на свој начин, ја држат ЕУ во заложништво поради домашни политички калкулации.  Сето ова се сведува на поедноставен проблем, но со комплицирани последици: ЕУ во моментов сеуште наивно функционира како хипи-комуна, без вистинска сила да се конфронтира со сопствените земји членки кои ги игнорираат, или отворено ги кршат, принципите и вредностите на кои унијата е заснована.  Одбегнувајќи го неопходниот конфликт дома, па дури и до степен на промена на некои од механизмите на одлучување, ЕУ го заменува тој неопходен процес со шминка: да покажеме некаков напредок, дури и ако е тој фиктивен, по било која цена.  Така, се плашам, постои ризик, на подолго време, претставниците во Брисел на последниот потег на Бугарија да продолжат конечно само да ги дигаат рамењата, или преносно и преќутно, како во последниот случај во Ле Детур, „опашката“.  Сите паралели се намерни.

Други колумни од авторот:

-Инает наместо разочараност

-Ден потоа

-Сепак ќе биде „трудно“

Затоа, мала е веројатноста ЕУ да успее да ја одблокира преговарачката рамка за Македонија. За властите во Бугарија опстојувањето на оваа позиција секако ќе биде непријатно, особено пос интервјуто на Заев за БГНЕС, но секако далеку понепријатно би било да ги изгубат изборите, и тие таа одлука нема да можат да ја донесат сами, без надворешен притисок.  Тоа е можеби најсветлата точка од фамозното интервју на Заев: неговата емпатија и чекор кон меѓусебно разбирање, ја става Бугарија во далеку понеповолна ситуација одошто претходно, што е дополнителен успех за нас.  Тие сега имаат два едноставни избора, како што некои аналитичари веќе констатираа: да го задржат ветото и да ја изгубат поддршката, и притоа да му наштетат на Заев, или да ја задржат поддршката и да го поддржат овој чекор на Заев, но да се откажат од ветото.  За нив, па и за ЕУ, ова не е мал влог, имајќи предвид дека Заев е политичарот кој е немерливо нивната најдобра опција во Македонија во моментов.  Токму затоа имаме еден шизофрен одговор на интервјуто од Софија, од каде истовремено се обидуваат и да го пофалат и да го понижат овој чекор.  Бугарските политичари, кога тврдат дека сме едно, имаат чуден пристап: да ги засакаме, ама преку „тепање“.  Можеби се надеваат на некој стокхолмски синдром.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Дома, имаме исто така една заемно исклучива перспектива кон овој процес: некои велат дека после антагонистичкиот став на Бугарија кон нас, воопшто решавањето на ова прашање ќе значи крај за Заев и пад на неговата поддршка дома.  Паралелно, други пак велат дека овој гамбит мора да се изигра до крај: ако успее, се е простено, но ако пропадне, тоа е крај за сегашната политика на оваа власт.  Мислам дека двете тврдења се делумна симплификација на динамиката.  Балканот е, сепак, една оперетска варијанта: лесно се лутиме, брзо се смируваме, и после сме најдобри другари.  Доказ за тоа е поддршката и новото пријателство од Грција после преспанскиот договор, земја од која пред решавањето на спорот наративот не беше ништо помалку непријателски кон нас одошто овој кој доаѓа денес од Бугарија.  Сепак, релативно брзо после решавањето на отворените прашања, односите доживеаја квантен скок напред, дотаму што Грција е сега еден од најголемите поддржувачи за брзо одобрување на преговарачката рамка.  Истовремено, решавањето на ова прашање не само што не му одзеде гласови на Заев, напротив, ја зацврсти неговата позиција како единствен вистински промотор на евроатлантските интеграции дома.  Затоа, не сум сигурен дека пробивот со Бугарија би бил проблематичен за Заев.  Сепак, мислам и дека втората теза не е целосно вистинита, а тоа е дека ова е прашање на живот или смрт веднаш, и мораме по било која цена да го решиме сега.  Мислам дека наша работа е чесно да работиме на надминување на отворените прашања, но без вештачки рокови или нереални очекувања, а особено без прогнози за потоп ако не успееме до одреден датум.  Ние сепак, во овој процес, одговараме само за сопственото поведение.  Не можеме ние истовремено да ја завршиме и нашата, и туѓата работа.  Сите паралели се намерни.