1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали 2018 ќе и ги отвори вратите на Македонија во ЕУ и НАТО?

7 декември 2017

Следниот самит на НАТО е за шест месеци, но листата на гости веќе сега е жешка тема. Средбите на високо ниво се местата каде оние кои се надеваат на членство вообичаено ги добиваат поканите за придружување на Алијансата.

https://p.dw.com/p/2ov17
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Малку е веројатно дека такви покани ќе бидат испратени од самитот во Брисел следниот јули, иако претставници на НАТО велат дека е прерано за таква проценка, и дека последната анализа за напредокот ќе биде направена во април следната година. Сепак, Македонија се надева дека ќе биде на врвот на листата за прием. Земјата е практично кандидат за членство од 1999 година, истата година кога заедно со Албанија му се придружи на Акциониот план за членство (МАП). Тирана доби покана во 2008 година, и во 2009 стана полноправен член, додека Црна Гора која се приклучи кон МАП во 2009, веќе во 2017 стана членка на НАТО.
Во Скопје се свесни дека времето полека истекува, а земјата останува заглавена во бројни проблеми. Новата македонска влада сепак најавува дека 2018 ќе биде годината во која сето тоа ќе се промени.


Придвижување во спорот за името

Но, најголемата грижа на Македонија последниве години како полека да попушта. Спорот за името, поради кој Грција го блокира влезот на земјата во меѓународните организации под името Македонија влегува во нова фаза на преговори. Во НАТО велат дека двете земји ќе мора да го решат проблемот, а дотогаш Македонија не може да се надева на членство. Но и двете страни покажуваат зголемена подготвеност наскоро да го стават проблемот настрана. 

Повеќе на темата: 

Почеток на крајот на спорот за името?

Македонија одлучна да го реши спорот за името со Грција

Даниел Сервер, директор на Програмата за конфликтен менаџмент на Џон Хопкинс универзитетот во Вашингтон, смета дека ЕУ и САД треба да сторат повеќе итно да се реши проблемот и тоа на база на Привремената спогодба од 1995 година, потврдена и од Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди дека Грција немала право да го блокира влезот на Македонија во НАТО под привремената референца бјРМ.
„Европејците и Американците треба да и кажат на Грција да го прифати тоа“, вели Сервер за ДВ.


Не е само името

Но би било поедноставување да се каже дека името е единствената пречка за Скопје, објаснува Џејмс Макеј, прв човек на канцеларијата на Евроатлантското и глобално партнерство на НАТО. „Имаше назадување на демократијата, владеењето на правото, одговорноста на безбедносните и на разузнавачките служби“, вели тој за ДВ. Макеј сепак нотира дека владата на Заев презела обврска да ги направи неопходните промени „и ние будно ќе ги следиме реформите во тие сектори“. 

Таквите задачи вообичаено поблиску се набљудуваат од ЕУ, но Макеј вели дека еден од помалку познатите аспекти на соработката меѓу НАТО и ЕУ е дека персоналот од обете организации се координираат „речиси на дневна основа“ за напредокот на Западниот Балкан. Тој го пофали Скопје „дека блиску соработува со ЕУ за да се обиде систематски да ги реши овие проблеми“.

Интересот е запирање на Русија

Роза Балфур од Германскиот Маршалов фонд ги повикува сите кои го следат Балканот да го поддржат растечкиот оптимизам во Македонија. „Во Македонија расте поддршката за членство во ЕУ од минатата година. За разлика од Србија, каде многумина во Русија гледаат најдобар пријател, Македонците се повеќе приврзани на приклучувањето кон ЕУ. Затоа, јас не би се фокусирала на проблемите, туку на позитивниот тренд кој се засилува“, вели Балфур.

Но, има и уште една поента: руското влијание на Балканот го загрижува НАТО. „Би сакал да можам да кажам дека работиме на интеграцијата затоа што сме добри луѓе“, се шегува Макеј. „Но искрено, тоа го правиме затоа што се работи за голем безбедносен интерес на НАТО да немаме нестабилност на нашите граници“, вели Макеј.