1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали во фатаморганата има оаза?

22 мај 2021

Бугарија е на пат да ја уништи политиката на ЕУ за регионот. Тоа ќе биде целосен пораз за Унијата. За тој пораз ќе нема зборови за објаснување, освен можеби еден – фатаморгана, како што рече амбасадорката Анке Холштајн.

https://p.dw.com/p/3toCv
Bulgarien EU Fahnen Flaggen
Фотографија: Fotolia/Boris Znaev

Би можеле да избирате: дали од вашиот хи-фи систем да ја слушате елегичната балада „Чај во Сахара“ на групата „Полис“, или на вашиот голем телевизор да го гледате извонредниот филм на Бернардо Беролучи, „Чај во Сахара“ (The Sheltering Sky – оригиналниот англиски назив). И можеби да замислувате дали музиката или филмот се една уметничка фатаморгана или вистинска оаза за вашите сетила. А и да размислите за зборовите на германската амбасадорка Анке Холштајн, дека поради несфатливата бугарска блокада почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ (а во догледен број години и членство) се претвора во фатаморгана.

Оваа изјава на Холштајн веројатно на најпрецизен начин ја отслика денешната ситуација и јазолот во кој Софија го заплетка Скопје. Можеби Холштајн се обидува да ѝ ја пренесе на најдиректен начин фрустрацијата на Берлин што не успеа за време на неговото претседателство со ЕУ да ја крене бугарската блокада и да амортизира дел од овдешните размислувања дека Германија не направила доволно за да се исправи неправдата. Пред некој ден во дебатата насловена „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“ таа буквално го рече ова: „26 земји се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја, која прави штета на целата Европска унија и го уништува нејзиниот кредибилитет во Западен Балкан“.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Ако продолжиме со филмовите тоа на исклучително асоцијативен начин поттсетува на легендарниот „Малиот Цезар“ (1931) со фасцинатниот Едвард Џ. Робинсон, кој ја раскажува приказната на ситниот гангстер кој се искачува во редовите на организираниот криминал сѐ додека не стигне до неговите горни ешалони. И без да го знаете крајот тој може да го насетите. Се разбира, во никој случај Бугарија не можеме да ја поистоветиме со некаков ситен гангстер, тоа сепак е сериозна држава. Но во Европската унија сега има многу „мали цезари“, кои поради устројството на Унијата и непходноста од консензус, поради своите исклучително лични интереси ги поткопуваат заедничките политики. Еве, оваа недела Унгарија го минираше заедничкиот став на ЕУ околу лимитираната војна меѓу Израел и Хамас, со кој требаше да се побара итен прекин на огнот, само поради „братската“ врска меѓу Виктор Орбан и Бенјамин Нетанјаху. За примирјето навистина да дојде откако Џо Бајден конечно мораше да преземе решителен чекор (пет телефонски разговори со Нетанјаху) и откако Израел веќе ги искористи воени можности што му стоеја на располагање (а не постигна некој голем успех) па беше прифатен формалниот мировен предлог од Египет до обете страни.

Провалата во Софија

Кога вчера пред доаѓањето на Аугусто Силва и Оливер Вархеи во Софија Бгнес, најцврстиот бранител на тврдите позиции на Бугарија го објави португалскиот предлог за симнување на блокадата (а Екатерина Захариева ден претходно рече дека веќе го видела), тоа требаше во старт да ја минира посетата на европскиот двоец, а министерот Светлан Стоев или премиерот Стефан Јанев, да не можат да изјават ништо што би можело да значи некакво приближување во дијалогот. И така и се случи. Дури и самото толкување дека со префрлањето на бугарските забелешки во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација (како што, наводно, стои во португалскиот предлог) Софија ќе ја загубела можноста да блокира кога ќе помисли дека Скопје не исполнува некои од договорот меѓу двете земји, е испаколичено уште во самиот старт.

Bulgarien will um EU-Vertrauen kämpfen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога во Софија се размислува како и кога да се стави блокада, а не да му се помогне на соседот да оди напред, работите навистина одат „малоцезарски“. Таа опседнатост со мала слика на натскасна наместо да се гледа во платно од Рубенсови димензии им носи штета на сите, а најмногу на оние кои гледаат во дурбин од обратната страна. Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, тоа го објасни на ефектен начин зборувајќи за бесмислената бугарска блокада и проблемот на неговата земја со Словенија (кога таа веќе беше членка на ЕУ). Правејќи паралела со притисоците на Словенија за време на процесот на пристапување на Хрватска во ЕУ, тој оцени дека условите на Љубљана биле „рационални, можеби и меркантилни. Тоа е дозволено, но Словенија никогаш не нè потопуваше со намера да нѐ удави“, рече Милановиќ. А се работеше за територијален спор, и во Пиранскиот Залив и на копното. За уште да каже: „Ова не се прави во 21. век. Апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската унија“.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Чии ставови промовира Оливер Вархеји

-Бугарските избори и македонската јавност

-Пред 80 години почна војната и создавањето на македонската држава

Софија без прекин тврди дека нејзе треба да ѝ се даде специјален медал што за време на бугарското претседателство го вратила Западен Балкан на агендата на ЕУ. Тоа никој не го потценува, туку има пофалби. Но дали сега тоа треба да се исклеса во камен и да се стави на влезот во Европскиот совет и сите кандидати да ставаат ливчиња со желби како во Ѕидот во Ерусалим. Фактите се и малку поинакви. Пред самитот на ЕУ со Западен Балкан во Софија Црна Гора и Србија веќе ги беа почнале преговорите. На самитот главни ѕвезди беа Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои и таму ја бараа архитектурата за Преспанскиот договор. Оттогаш, „од враќањето на Западен Балкан на агендата на ЕУ“, се случи еден голем чекор назад по француското вето за преговорите со Македонија, па усвојувањето на новата методологија за процесот на пристапување и речиси ништо политички не е мрднато напред. Новата методологија, сакале или не, мораа да ја прифатат и Црна Гора и Србија, иако преговараат со години. Па, парадоксално, Оливер Вархеи оваа недела во Европскиот парламент рече дека се надева дека скоро (најрано во јуни) ЕУ ќе ја одржи првата „политичка“ меѓувладина конференција со Црна Гора. По онаа оригиналната пред многу години. Кому тоа му изгледа како голем чекор напред. Со блокадата на Македонија тврдењата на Софија дека таа го вратила Западниот Балкан на агендата на ЕУ стануваат бесмислени. Затоа што Софија од наводен промотор станува најголем кочничар на проширувањето на ЕУ во регионот, бидејќи, според сите изјави, двоецот Македонија и Албанија нема да се дели. И со тоа барањето на Софија, Скопје да признае дека македонскиот јазик некогаш бил дел од западнобугарскиот дијалект, ја претвора Европската унија во фатаморгана за македонските граѓани. Не е без смисол и прашањето дали тоа го прави намерно.

Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Без оглед што мислите за црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, тој неделава даде точна квалификација за моменталната европска перспектива на земјите од регионот. По вечерата на шесте лидери со шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, тој изјави дека „денес сме подалеку од ЕУ отколку што бевме во 2014 година“. Тој потсети дека на Солунскиот самит во 2003 година (клучниот состанок на ЕУ за иднината на регионот) била дефинирана јасна перспектива за земјите од Западниот Балкан, па дури и дека бил одреден и некој краен рок дека сето тоа ќе биде завршено во 2014 година. Од тоа нема ништо. Тој рече што кажал на вечерата: „Реков дека сега можеби е последниот момент нашите односи да ги напаравиме појасни и дека мораме да знаеме дали е реална перспективата на земјите од Западен Балкан во ЕУ во догледно време и дека мораме да дефинираме јасна временска рамка“.

Кога опашката мавта со кучето

Во сличен тон зборуваше и Зоран Заев во интервјуто за „Политико“. Македонскиот премиер изјави дека ЕУ ризикува да го загуби влијанието на Балканот ако не ги одржува своите ветувања. И дека доколку ЕУ не донесе одлука во јуни за Македонија и Албанија каков мотив би имале Србија и Косово да дојдат до решение, или Босна и Херцеговина да ги спроведе неопходните реформи. „Толку многу жртви (промена на името - н.з.). И после тоа ЕУ не испорачува. Тоа е проблем. Покажуваме повеќе европски вредности и европски манири отколку ЕУ“, рече Заев.

Овие негови зборови ги пренесоа многу европски медиуми, но Бугарија и натаму бара да добијат написмено потврда за бугарските корени на македонскиот јазик.

Вчера, кога Силва и Вархеи беа во Софија и Скопје, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел на својот редовен блог порача дека Европската унија треба да испорача конкретни мерки за регионот и предупреди дека во него се зголемува националистичката реторика. Дека ЕУ има страв од губење на Западниот Балкан и поради бавниот процес со проширувањето и поради лошата реакција на Унијата околу пандемијата. И уште дека очекува Македонија и Албанија да добијат одлука за меѓувладините конеференции во јуни.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Она што последниве месеци го прави ЕУ и важните метрополи многу наликува на стилот што го примени Џо Бајден за време на војната меѓу Израел и Хамас. Истрајна и силна дипломатија зад сцената, а не во јавноста. Таков беше и моделот за посетите на Силва и Вархеи, само што „некои мали национални интереси“, како што вели Холштајн, не ја провалија мисијата во Софија.

Бугарија за геополитичките интереси на ЕУ и можното губење на регионот за догледно време е она што научниците за меѓународни односи го нарекуваат како „опашката што мавта со кучето“. Ако тоа го дозволи ЕУ и најсилните земји во неа во случајот со Македонија ќе се префрли како домино коцки и врз другите земји во регионот. Дури и групата Г7 на нивниот неодамнешен состанок во Лондон во соопштението јасно порача дека Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите во јуни. Бугарија добива секоја година огромни пари од ЕУ, Унијата помага на сите начини во нејзините реформи, па сепак, таа е опашката што го врти кучето. Кој знае, можеби во јуни Македонија и Албанија ќе ги видат јасните контури на европската оаза. Или, пак, како што вели Анке Холштајн, ЕУ ќе остане фатаморгана. Тоа ќе биде целосна одговорност на Европејците кои ќе ги остават македонските граѓани без вода среде пустина. Тоа може да биде горчлива судбина. Резултатот ќе биде многу јасен – огромна недоверба кон ЕУ и целосно замрзнување и стрмоглавување на односите со Бугарија. Каде, ако забележувате, во неколку месеци наназад ги снема зборовите за Македонците како „браќа“ и слични такви називи, туку повеќе се зборува за соседи.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар