Дали вонредните избори ќе значат крај за Педро Санчез?
15 февруари 2019Парламентарната седница на која требаше да биде донесен буџетот за 2019 година требаше да биде само формалност. Но минатата недела преговорите со двете каталонски сепаратистички партии, чија поддршка е клучна за премиерот Санчез, пропаднаа. Овие партии бараа владата да го признае правото на самоопределување на регионот во замена за поддршка за буџетот. Но таа црвена линија владата не беше подготвена да ја премине.
Лидерот на социјалистите (ПСОЕ) и премиер Педро Санчезденеска свика вонредни парламентарни избори за 28 април годинава, иако технички немаше обврска да го стори тоа. Законски, тој може да го усвои ланскиот буџет и да продолжи да владее. Актуелните анкети покажуваат дека во предност се десничарските партии, чии поддржувачи се охрабрени по историската победа во Андалузија, најнаселениот регион во земјата и главно упориште на социјалистите со децении.
Според анкета објавена од весникот Ел Паис, ПСОЕ во моментов води со поддршка од 24 проценти. Конзервативната ПП е на второ место со 21 отсто, додека либералите (Сиудаданос) се трети со поддршка од 18 проценти. Левичарската Подемос и натаму ја губи поддршката како резултат на внатрепартиските превирања и во моментов има поддршка од 15 проценти. Но, деснорадикалната Вокс, која веќе предизвика потрес на регионалните избори во Андалузија, би можела да добие околу 10 отсто од гласовите. Притоа, растот на Вокс, чиј главен советник е поранешниот стратег на Доналд Трамп - Стив Бенон, им штети на конзервативците, но истовремено и ги окуражува гласачите кои се против каков било дијалог со каталонските сепаратисти. Во моментов, анкетите укажуваат на можна тројна коалиција меѓу ПП, Сиудаданос и Вокс.
Сепак, постојат бројни причини поради кои Санчез би можел да свика избори сега. Една од нив, според Пабло Симон, политички аналитичар и уредник на Политикон, е токму фактот што неговите ривали делуваат обединето: „На Санчез му е потребно ПП, Сиудаданос и Вокс да делуваат како хомоген блок, а тој да биде од другата страна“. Регионалните и локалните избори закажани за 26 мај би можеле да донесат коалиции меѓу ПСОЕ и Сиудаданос, а тоа, според Симон, му остава простор на Санчез за пазарење.
„Доколку десничарската коалиција не добие мнозинство од 176 места (од вкупно 350 во парламентот), Санчез победува, затоа што потоа ќе се одржат други избори и може да најде начин да формира влада“, вели Симон алудирајќи на фактот дека е мала веројатноста другите партии да поддржат коалиција во која ќе биде вклучена и Вокс.
Каталонски ризик
За двете каталонски партии, вонредните избори исто така се ризични. Во случај да победат десничарските партии, Каталонија би можела да се соочи со активирање на членот 155 од Уставот, што веќе и се случи минатата година кога Маријано Рахој беше премиер, по што Мадрид ја презема контролата врз регионалната влада. „Доколку десничарска влада го активира членот 155, работите ќе се влошат, затоа што дури и Каталонците кои не се про-независност ќе ги преиспитаа своите позиции“, вели Магда Бандера, главен уредник на магазинот Ла Мареа.
Антонио Баросо, директор на фирмата за политички анализи Тенео, вели дека судењето на каталонските сепаратистички лидери му дава „ветер в грб“ на радикалното крило на движењето за независност. „За време на судењето, ќе биде политички штетно за партиите кои се залагаат за независност да бидат видени како поддржувачи на Мадрид“, вели тој за ДВ.
Локалните избори на 26 мај дополнително можат да ги искомплицираат работите. Расте нетрпеливоста меѓу двете водечки каталонски партии кои сакаат да го урнат градоначалникот Ада Колау и да ја преземат власта во Барселона. За нив, шпанската политика е второстепена. За нив најважни се каталонската влада и Градската управа на Барселона“, вели Пабло Симон.