1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Заев ќе го пресече молкот?

30 мај 2018

Растат очекувањата дека на денешната прес-конференција премиерот Заев ќе информира и за најжешкото прашање - напредокот во разговорите за името. Прес-конференцијата со интерес ја очекуваат и грчките медиуми

https://p.dw.com/p/2yZce
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Со голем интерес  се очекува прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев, која ќе се одржи денеска во 10 часот во дворот на Владата, кај споменикот на ослободителите на Скопје. Како што најави владината прес-служба, Заев ќе биде придржуван од министрите во Владата. Според брифинзи од Владата премиерот во обраќањето ќе реферира за сработеното во едногодишниот период на Владата, но растат очекувањата дека на прес-конференцијата јавноста ќе биде информирана и за најжешкото прашање - напредокот во разговорите за името.

Таа тема и натаму е обвиена во бројни шпекулации. Покрај медиумски наводи дека „Република Северна Македонија“ е најверојатно договореното име од рамката што ја усогласиле Димитров и Коѕијас, во домашните политички кулоари и натаму кружат информации дека „повеќе предлози и натаму се во игра“, дека е „можно инзненадување“, па дури и дека „повторно бил разгледуван предлогот 'Република Македонија (Скопје)', во некаков модифицан и комплексен пакет. Тој беше петти на предлог-листата на Нимиц. За него грчката страна во повеќе наврати изјави дека го смета за неприфатлив и секогаш фокусот го насочуваше кон другите четири предлози.

Повеќе: 

Коѕијас: Експертските групи работат во Атина на конечниот договор

Ќе стигнат ли Заев и Ципрас до Преспа или ќе ја пропуштат историската шанса?

Заев и Ципрас ќе го сечат јазолот кон средината од неделава?

Името лебди во воздух

Повеќе информации нема ни во грчките медиуми. Новинарите не успееја во изминатите два дена да дознаат кои технички и правни прашања ги усогласуваат експертските групи од министерствата за надворешни работи во двете земји.

Како што пишува „Прототема“ тие се состанувале во салата „Венизелос“, во неокласичната зграда на грчкото МНР, која се наоѓа спроти грчкиот парламент.

„Сѐ укажува на тоа дека договорот е во најкритична фаза и дека се балансираат низа прашања. Ова може да доведе до решение или пауза, и да ги доведе преговорите во вакуум“, пишува весникот повикувајќи се на лица во грчкото МНР.

Притоа потенцира, дека иако германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас тврдел дека Германија не била вклучена во процесот, тој признал дека „кога били прашани, имале  продуктивен, балансирачки ефект од една или друга страна“.

И во грчките медиуми се врти шпекулацијата дека најверојатно „Северна“ или „Горна“ е предлогот што чека усогласување и договор, но доминираат и ставови дека „името се уште лебди во воздух“, па дури не исклучуваат и можност „Скопје да изненади со нови предлози во духот на 'Илинденска', сомневајќи се дека тој предлог и натаму е на маса во иста или модифицирана верзија.

Griechenland Alexis Tsipras beim Präsidenten
Грчкиот премиер Алексис Ципрас: Преговорите се тешкиФотографија: Reuters/C. Baltas

Ципрас: Тешки, но неопходни преговори

Поради комплетната конфузија, и грчките медиуми се надеваат дека денешната прес-конференција на Заев ќе даде одговори на овие прашања. Одговорот каква предлог-рамка е на масата не можел да се насети од вчерашниот говор на грчкиот премиер Алексис Ципрас, на јавен настан по друг повод.

Како „тешки и неопходни“ тој синоќа ги опишал разговорите за решавање на спорот за името. Во говорот ја нагласил улогата на земјата како столб на стабилноста и безбедноста во Јужниот Медитеран и Балканот. Во однос на преговорите со Македонија, истакнал дека „Владата продолжува да се постапува со одговорност и патриотизам“, но и со решителност и верба во потребата да се најде решение.
„Тоа е одраз на нашиот став за создавање на една нова слика за Грција на меѓународно ниво, за зајакнувавње на нејзината улога како столб на стабилноста во регионот, кој влезен во вртлог на паралелни кризи. Како што се случува овие денови во Италија, но и некое време во Турција“, изјавил Ципрас.

Медиумите пренесуваат и други изјави во оваа насока.

„Мораме да го решиме проблемот со името, бидејќи во спротивно ќе има јаз што Турција ќе го исполни. Значи, оние што се борат против какво било решение, всушност, ѝ служат на улогата на Турција на Балканот“, изјавил Ставрос Теодоракис лидер на партијата Потами. Тој истакнал дека договорот „треба да дојде со гаранција на ЕУ и со „печат“ на НАТО.

Медиумите потенцираат дека ова е „последна шанса“ за двете земји, и дека членките на ЕУ го чекаат договорот меѓу Скопје и Атина, со цел да ги изградат своите позиции за Самитот на 28 јуни. Дел откриваат и дека Европејците прават напори на опозициите во двете земји да им ја објаснат важноста од постигнување договор. И во двете земји растат шпекулациите дека можниот договор, ќе биде една од клучните теми на политички обвинувања, што може да го зголеми притисокот за избори порано од планираните циклуси.