Дали и кои „снимки“ ја откажаа средбата Јункер-Груевски?
24 февруари 2015Зошто претседателот на Европската комисија ја откажа најавената средба со македонскиот премиер? Ова е прашањето кое вчера предизвика лавина од шпекулации, откако портпаролката на ЕК, Мина Андреева, на прес-конференција во Брисел ненадејно соопшти дека претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ја откажува средбата со премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, закажана за в четврток.
„Во контакт сме со властите на Поранешната Југословенска Република Македонија. Како што знаете, на17 февруари земјата ја посети еврокомесарот Хан. Единствено што можам да кажам е дека поради развојот на ситуацијата постои согласност дека не е добар момент оваа средба да се одржи сега“, објасни портпаролката на ЕК.
Изненадувањето е уште поголемо, ако се има предвид дека и во мисијата на ЕУ во Скопје не знаеле за ваквата промена. Средбата Јункер-Груевски минатиот петок беше најавена од портпаролот на ЕК на редовна прес-конференција, а ставена беше и на дневниот распоред за 26 февруари.
Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, вчера, невешто се обиде да создаде впечаток дека воопшто не слушнал дека е најавена и планирана таква средба.
„Нема да има таква средба, барем според оние сознанија кои јас ги знам. Ние имаме секојдневна комуникација и се разменуваат размислувања и видувања по однос на ова прашање. Но, комесарот Хан беше тука само пред неколку дена и мислам дека она што го имаме како комуникација е сосема доволно во овој правец. Не мислам дека ќе се случи такво нешто (средба Јункер-Груевски н.з.), барем според она што јас го знам во моментов, што не значи дека нема да се случи понатаму“, рече Попоски.
Три претпоставки
Ваквата конфузија и менувањето на агендите за средби од час во час, ја зголеми загриженоста на македонската јавност за развојот на ситуацијата во земјата, но ги зголеми и шпекулациите. Во домашните политички кулоари доминираат три претпоставки за мотивите за откажаната средба. Прво, дека е испратена порака до политичките елити во Македонија, дека Брисел нема да замижи пред натамошното зголемување на тензиите со објавување снимки без јавна легитимација на оној кој го прави тоа и без намера за нивно насочување во правни рамки. Второ, дека тоа е во директна спротивност со посочените сугестии и најавени заложби за време на посетата на Хан, за создавање услови за враќање на дијалогот. Како трета и најзагрижувачка, е претпоставката дека можеби Брисел има и одредени сознанија за постоење докази за прислушкувани странски дипломати во Македонија, вклучително и од администрацијата на ЕК, што во старт создава ризик за било каква средба, од која подоцна би можеле да произлезат непријатни импликации, ако сознанијата се покажат како точни. Средбата Јункер - Груевски, не е првата што е откажана. Претходно, посетата на Скопје ја откажа и директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Кристијан Даниелсон, а дипломатски извори како причина за тоа ја посочија политичката криза предизвикана со аферата „Пуч“.
Но, не се замрзнати само активностите „надвор“. Нема никакво поместување, ниту информации од Јавносто обвинителство за прашањата на кои граѓаните чекаат одговор - има ли обвинение за Заев за случајот „Пуч“, ќе се процесуираат ли материјалите што ги достави опозицијата и дали се истражува кој ги објави видео-снимките од наводен разговор на Љубе Бошковски со финансиер на неговата кампања, кои вчера на Јутјуб добија продолжение со уште четири нови снимки.
Од Обвинителството велат дека во интерес на истрагата не можат да откријат како снимките со Бошковски стигнале до медиумите. Нема одговор ни дали тие се снимени со спроведување на посебни истражни мерки и зошто не се уништени по одреден период, како што предвидува законот. По апсењето на Бошкоски, на барање на собраниската Комисија за надзор врз работата на УБК, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во писмо одговори дека во случајот со Бошкоски не постојат посебни истражни мерки (ПИМ). Тој одговор, деновиве јавно го презентираше тогашниот претседател на Комисијата, Тито Петковски. Ако Бошкоски не бил предмет на ПИМ, останува нејасно од каде потекнуваат снимките.
Но, Обвинителството нема одговор ни дали е завршена истрагата за првите објавени видео-снимки од средба Груевски-Заев, кои уште пред три недели се појавија на Јутјуб. Според експертите, три недели се и повеќе од доволен период за да се утврди кој ги објавил.
Во насока на политичка разрешница
Професорот и поранешен министер, Љубомир Фрчкоски, смета дека последните настани навестуваат дека ќе се оди во насока на политичко решавање на кризата.
„Како што одминува времето, со развојот на скандалите со прислушувањето, но и со покажувањето дека институциите кои би требало да го решаваат правно се дел од скандалот, односно проблемот, меѓународната заедница го заострува и го квалификува ставот за кризата. Почна од упатување кон правна разврска и повик за транспарентност и непристрасност на судовите, преку обид за политички менаџмент од страна на европски парламентарци, сега продолжи со најава на САД за откажување визи за политичари, медиумски директори и судии ако се дел од кршењето на човековите права, а заврши со барањето на Али Ахмети за целосно правно и политичко посредување од ЕУ за решавање на кризата. Овие изјави и иницијативи покажуваат насока на одење кон политичка разврска на кризата, со меѓународни посредници, и кон експертска влада со подолг мандат и предвремени избори подготвени од неа“, вели Фрчкоски.
Во насока на засилено внимание врз состојбите во Македонија се толкува и најавата што вчера ја објави весникот „Вест“, дека Соединетите Американски Држави би можеле да поништат визи или да забранат влез во САД на политичари, новинари, претставници на судската власт, бизнисмени и други официјални лица, за кои постојат сомневања за корупција, перење пари и за кршење на човековите права. Такви мерки би можеле да се преземат во случај ако политичката криза во Македонија доведе до драматично непочитување на човековите права и на основните слободи. Ваквите мерки не се однесуваат само на забрана за влез, туку и а замрзнување на сметки и забрана за располагање со имотите кои тие лица ги имаат на територијата на САД.
На прашањето на Дојче веле, за потврда на ваквите најави, од Амбасадата на САД, го добивме следниот одговор:
„Отворени се сериозни прашања и пред и над сè, одговорност е на граѓаните на Македонија и нивните институции да ги разрешат транпарентно и согласно владеењето на правото. Има голем број различни фактори кои можат да спречат издавање на виза за САД или нејзино укинување. Овие фактори се јавна информација и се јавно достапни.“
До одговорот следува линк, кој ги објаснува законски предвидени постапки, кои се однесуваат на дел од претходните предупредувања.
Во Македонија и досега имаше примери кога на официјални лица им беше одземено правото да патуваат, но и да располагаат со имот или банкарски сметки во САД. На поранешниот премиер Љубчо Георгиевски му беше поништена американската виза во 2006 година, а повторно вратена во 2011. На списокот за забрана за добивање американска визи се‘ уште има 11 македонски државјани, меѓу кои е и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.