1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Либија за Путин е новата Сирија?

Керстен Книп | Хасан Хусеин
23 декември 2019

Русија од пред неколку дена е присутна со своја војска и во Либија. Го поддржува генералот Хафтар кој се спрема за осојување на главниот град Триполи. Доколку успее, ќе расте и влијанието на Русија во Либија.

https://p.dw.com/p/3VG4U
Russland Moskau Lawrow mit General Khalifa Haftar aus Libyen
Фотографија: picture-alliance/TASS/S. Savostyanov

Поканите се испратени, а адресатите покажаа интерес: рускиот претседател Владимир Путин, како и турскиот колега Реџеп Таип Ердоган се изјаснија дека сакаат да ја поддржат меѓународната конференција за Либија која германската влада ја планира за јануари следната година. Дефинитивна потврда за присуство од двајцата нема, но нивните изјави оставаат простор за надеж дека ќе го сторат тоа. Германската влада со т.н. Берлински процес се обидува да ги поддржи мировните напори на специјалниот пратеник на ООН, Гасан Саламе. Конференцијата планирана во тие рамки треба да создаде рамковни услови за внатрешнолибиски политички процес под посредништво на ООН. Ако се приклучат и Русија и Турција, во Берлин би биле присутни и две од најважните меѓународни страни во конфликтот. Но, особено Русија според информации на медиумите, во изминатите месеци воено е многу ангажирана во Либија.  Таму е разгорена војна на многу тешко еден од друг раздвоиви фронтови,  вели експертот за Либија Андреас Дитман, кој предава на Географскиот институт на универзитетот Гисен. „Ситуацијата е комплицирана бидејќи таму се случува посредничка војна."

Платеничката војска „Вагнер"

Од септември годинава Русија во конфликтот е застапена со свои сили, јавува магазинот „Надворешна политика".  Нивниот дописник тврди дека дошле преку 100 платеници од т.н. „група Вагнер" – одлично обучена и исклучиво дисциплинирана единица. Опасни биле особено нивните снајперисти, го резимира магазинот исказот на либискиот командант Мохамед Ал Дарат, кој се бори за „Владата за национално единство” предводена од премиерот Фајиз Ал Сараџ. Вели дека нивните погодоци во главата и во градите укажуваат на професионалност која никогаш претходно ја нема видено, а е одговорна за 30 проценти од загубите во неговите единици.
На тие сили алудираше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на почетокот на месецов кога изјави дека неговата земја е подготвена да испрати војска во Либија доколку владата на Ал Сараџ го побара тоа. Русија до сега го негира постоењето на таквата паравојска, но Ердоган не е убеден во вистинитоста на тврдењето. „Има безбедносна фирма во Русија со името Вагнер. Нивниот персонал е испратен во Либија", се повикуваат медиумите на Ердоган.
Платениците се борат на страната на генералот Хафтар, кој ја предводи „контравладата” со седиште на истокот на земјата која самата се смета за легитимен претставник на либискиот народ. Хафтар, кој во минатото студирал во Москва, но со години има живеено во САД, до есенва ја уживаше поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп. Но, минатиот месец пречека повеќечлена делегација од Вашингтон предводена од американскиот амбасадор во Либија, Ричард Норланд, која не само што го притискаше да отстапи од офанзивата врз Триполи која ја започна пролетоска и ја засили неодамна, туку и му ја пренесе загриженоста на САД за тоа што „Русите го искористуваат конфликтот на сметка на либиското население."

Libyen Mitglieder der National Army LNA in Bengasi
Некои експерти сметаат дека Русија лиферува оружје на борците на генерал Хафтар во ЛибијаФотографија: Reuters/E. O. Al-Fetori

Интересите на Москва

Кремљ одржува контакти и со контра-владата во Тобрук, а руските енергетски компании имаат склучено договори за соработка со државната Национална компанија за нафта. Но, Путин очигледно смета дека на крајот ќе превлада генералот Хафтар, кој ја ужива поддршката и од неколку земји од Заливот, но и од Франција. Неговите сили уште од 2016 година ја презедоа контролата врз речиси сите важни нафтени полиња во Либија. Руската компанија Тафнет е веќе активна во басенот Гадамес на западот на земјата, за кој и двете влади тврдат дека е под нивна контрола. Ако и` успее на Москва да добие поголем удел во либискиот нафтен сектор, тоа ќе и` донесе многу моќна позиција на меѓународниот енергетски пазар, која ќе може да ја искористи и на политички план. Истото важи и за миграцијата.  Либија е клучна точка во однос на ова прашање во Африка, бидејќи поголемиот дел од луѓето кои се движат кон Европа поминуваат преку Либија. Кога Москва би можела да влијае и на овие движења, ќе стане неизбежен фактор во тоа за Европа исклучително важно прашање.

Европа се двоуми

Со оглед на ваквиот развој на настаните, ставот на Европа е неверојатно воздржан, смета историчарот Адел Ал-Латифи кој предава на Универзитетот во Париз. „Ова двоумење на Европа не е ништо ново. Тоа веќе можеше да се види во однос на Сирија, па дури и Украина. Притоа Украина е уште поблиску до Европа," вели Ал-Латифи во интервју за ДВ. „Дополнително, Европа нема ни формирано единствен став во однос на Либија. Италија и` дава поддршка на владата во Тобрук, а Франција пак го поддржува генералот Хафтар." И навистина, поединечни европски земји се ангажирани во Либија, како на пример Франција, но Европа како целина е воздржана. Германија се потпира на дипломатија, а други земји пак претпочитаат да си се држат до сопствените интереси во регионот.