1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Дали мега-ураганите ќе станат „нормална појава“?

Бригите Остерат
9 септември 2017

Два моќни урагана во рок од две недели, а температурата на водата во Мексиканскиот Залив е меѓу највисоките во светов годинава – случајност? Или сето ова е последица на глобалното затоплување?

https://p.dw.com/p/2jb1P
Hurricane Irma Luftaufnahme Kuba Florida
Фотографија: picture-alliance/NOAA via AP

Сега е сезона на урагани – но, годинава таа е многу тешка.

Помалку од две недели откако ураганот „Харви“ остави пустош во Луизијана и Тексас, предизвика огромни поплави во Хјустон, ураганот „Ирма“ пустоши по Карибите. Во налетот на „Ирма“ веќе загинаа десетина луѓе на разни острови, а особено се погодени Антигва и Барбуда.

Но, веќе се формира нова тропска бура над Атлантикот која следи по „Ирма“: „Хозе“ може да ги погоди Порторико и други карипски острови. Во меѓувреме, ураганот „Катја“ во Мексиканскиот Залив стигна до крајбрежјето на Мексико, и ја погоди државата Веракруз.

Експертите предупредува дека вакви разорни бури може да станат сè почеста појава во сè потоплиот свет. Дали „Харви“ и „Ирма“ се предвесници на она што не очекува?

Infografik Karte Hurricane Irma ENG
Загрозено подрачје од „Ирма“

Активна" ураганска сезона

Тропските бури се категоризираат од 1 до 5 според нивниот интензитет – вклучително и брзината на ветрот, количеството на дожд кое го носат и степенот на штета што ја предизвикуваат, со што за најсилна можна се смета бура од категорија 5.

Додека „Харви“ во зенитот беше оценет како ураган од категорија 4, „Ирма“ е веќе категоризирана како „чудовиште“ од 5-та категорија. Со ветер од 285 км на час ова е еден од најсилните урагани некогаш регистриран на Атлантикот. „Ирма“ е толку силна што ја регистрираа и детекторите за земјотрес. Ураганите „Хозе“ и „Катја“ се засега во категорија 1. Додека луѓето во САД и на Карибите имаа среќа минатата година, „годинешнава сезона на урагани е многу активна, " вели Андреас Фридрих од германската метеролошка станица во Франкфурт.

„Тоа делумно е последица на Ел Нињо. По силниот ураган од минатата година, врз Атлантикот се формираат се посилни урагани." „Ел Нињо" е метереолошки феномен кој е помалку или повеќе нормален, но зголемената температура на морињата всушност ги влоши работите.

Во очекување на „Ирма“

Сѐ посилни урагани

„Во моментов на Карибите е измерена поголема температура на водата и таа е околу 30 степени," вели Фридрих. „Тоа е уште една причина за силни урагани сезонава."

За да се формираат урагани и други видови на тропски бури доволно е температурата на водата да биде најмалку 26 степени Целзиусови. Колку што е потопла водата, толку побрзо испарува и се крева нагоре кон бурата, ја разгорува дополнително и ја прави посилна.

„Повеќе енергија во атмосферата значи поголем потенција за екстремно невреме," објаснува Фридрих.

Со зголемување на температурата на морињата, исто така се зголемува и веројатноста дека водата ќе достигне 26 степени, а соодветно на тоа и веројатноста дека ќе се појават тропски бури.

Sint Maarten Saint Martin Hurrikan Irma
„Ирма“ остави пустош зад себе на КарибитеФотографија: Reuters/Netherlands Ministry of Defence-Gerben van Es

Зголемен интензитет, но не и фреквентност

Иако има докази дека тропските бури се сèпоинтензивни, научниците не сакаат да тврдат дека тие се сè позачестени како последица на глобалното затоплување.

„За да се тврди нешто вакво, ќе ни требаат податоци кои ќе покажат веродостојно зголемување на бројот на бури во последниве 30 години, " вели метереологот Фридрих. „Но, тоа едноставно не е случај."

Наместо тоа има големи осцилации – има подобри и полоши години

„Во седумдесеттите години исто така имавме периоди со силни урагани," нагласува Фридрих. „Едноставно нема препознатлив тренд дека фреквентноста на ураганите е зголемена."

Со оглед на тоа дека тропските бури се реткост, навистина е тешко да се најде статистички доказ дека тие се зголемиле со текот на времето, вели и Моџиб Латиф од Центарот за истражување на океани во Кил. Латиф сепак нагласува дека некогаш иако не можете да докажете некој факт, не значи дека тој не е вистинит.

Рекордни бури

Латиф вели дека е забележан тренд во однос на интензитетот на тропските бури. „Се забележува дека се сѐ почести силни тропски бури (од повисоки категории)," Ова се однесува не само за ураганите на Карибите, туку и за циклоните и тајфуните во други делови на светот.

Во 2008, научниците од државниот универзитет во Флорида открија дека тропските циклони над Атлантикот се во просек сè посилни, со значителен пораст на јачината на ветрот.

„Нашите резултати се квалитативно конзистентни со хипотезата дека со зголемувањето на температурата на морињата, океаните имаат поголема количина на енергија која се претвора во тропски циклонски ветер," напишаа тие во стручното списани „Природа."

USA Hurrikan "Harvey" | Rückblick
Ураганот „Харви“ предизика рекордни поплави во ХјустонФотографија: Reuters/N. Oxford

Сепак е последица на климатските промени?

Да се тврди дека глобалното затоплување е причина за поединечни невремиња како „Харви“ е тешко, нагласува Латиф. „Никогаш не можете да кажете дека настанувањето на некоја бура е последица на климатските промени – но мора да сме свесни дека ваквите бури ќе бидат сè посилни."

И според предвидувањата за идни климатски модели, ураганите ќе стануваат се поинтензивни и ќе бидат позачестени во иднина.

Тери Динан кој работи во економскиот дел на американскиот Конгрес, направил проценка на штетите кои може да бидат предизвикани од урагани и потенцијалното засилување на ветровите и бурите, од денес до 2075 година. Тој открил дека „климатските промени и развојот на крајбрежјата ќе предизвика многу побрзо зголемување на штетите од урагани отколку што се очекува да расне американската економија."

Дополнително, и бројот на луѓе кои ќе бидат погодени и ќе претрпат штети ќе се зголеми за повеќе од осум пати во наредните 60 години, тврди тој.

„Ова што го доживуваме сега е предвесник на тоа какви климатски модели не очекуваа во иднина," вели метереологот Фридрих.

Оттука веројатно е време да престанеме да дебатираме за можните модели и да почнеме да се подготвуваме за идните мега-бури.