1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Патоказот ќе добие „пасош“?

4 јуни 2021

Санкциите на САД во моментов го апсорбираат целокупното внимание на бугарското општество. Меѓу нив се и лица инволвирани во аферата „пасоши за пари“, тема што е добро позната за Софија, но и за Скопје

https://p.dw.com/p/3uQRX
 Außenministerium Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Патоказот за исполнување на обврските од Договорот за добрососедство, со гаранции кои се однесуваат на поефикасна реализација на билатералниот договор, од вчера е доставен на увид во стручните служби во Министерството за надворешни работи, потврди премиерот Зоран Заев. Тој вчера беше внимателен во оценката какви се шансите тој документ да помогне во деблокирање на бугарското вето

„Јас верувам дека сега под раководство на двајцата министри за надворешни постои можност да се усогласат деловите кои е важно да ги усогласиме за да добиеме шанса за 22 јуни, кога е Советот на општите работи за да може да се донесе одлука. Секако, очекувањата треба бидат приземјени. Бугарија има техничка влада и лесно е за разбирање целото ова, но не е невозможно“, изјави Заев.

Доколку тоа да не се оствари, прашањето ќе се решава откако Бугарија ќе добие политичка влада во август или септември.

Но, какви се шансите прашањето да се реши во овој период? Политичарите од власта се воздржуваат од коментари, а во анализите на оваа тема од вчера е вклучен и уште еден аспект: санкциите што канцеларијата за контрола на странски активи на Министерството за финансии на САД ги воведе за неколку бугарски државјани поради нивната голема улога во корупција во Бугарија, како и за нивните мрежи со 64 организации.

Санкциите во моментов го апсорбираат целокупното внимание на бугарското општество - на надлежните институци и на севкупната јавност, бидејќи опфаќаат теми и личности кои со години претставуваат тешко бреме за имиџот на Бугарија по прашањето за битка со криминалот и коруцијата и за владењето на правната држава, а дел беа и причина за масовни протести во земјата. Санкции се воведени против контроверзниот бизнисмен Васил Божков, медиумскиот магнат и бивш пратеник Делјан Пеевски и Илко Желјазков, заменик претседател на Националното биро за контрола на специјални разузнавачки средства. Но, беа дополнети со уште три имиња: поранешниот заменик- министер Александар Манолев, поранешниот претседател на Државната агенција за Бугари во странство (ДАБЧ) Петар Харалампиев, и нејзиниот главен секретар Красимир Томов.

Пасоши за пари

Последните двајца се инволвирани во аферата „пасоши за пари“, која и досега привлекуваше внимание според „начинот и цената“ на кој и голем број македонски државјани добиваа бугарски пасоши, а потоа стануваа предмет на политичко оперирање на Софија со темата и бројката за „лица со бугарска самосвест“.

Според ЕУРАКТИВ Бугарија, врз основа на документи во кои порталот имал увид, САД побарале од Софија да обезбеди вистинска реформа на Државната агенција за Бугарите во странство.

Уште во јануари 2019 година, порталот напиша дека криминалната шема „пасоши за пари“ е сериозно загрижувачка за бугарските сојузници. Извори од Софија за порталот изјавиле дека „на претходната влада главен интерес и бил да спречи истрагата да достигне високи политичари кои ја дизајнирале криминалната шема“.

Петар Харалампиев, лицето за кој САД сега воведе санкции, беше уапсен на крајот на октомври 2018 година, по истрагата за корупциска шема за незаконско издавање бугарски пасоши, во акција во која беа приведени над 20 лица. Лидерот на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, тогаш призна дека тој го номинирал Харалампиев за првата позиција во Државната агенција за Бугари во странство. На обвинувањата дека партијата се финансира со пари од пасоши, тој рече дека е подготвен „да се разнесе на плоштад“ ако ја финансира партијата макар и со една стотинка од Македонија или од друга земја.

Bulgarien Kardzali Menschen vor einer Passbehörde
Криминалната шема „пасоши за пари“ е сериозно загрижувачка за бугарските сојузнициФотографија: DW/Vildan Bajrjamova

На крајот беа обвинети само четири лица, а Харалампиев беше ослободен од притвор со кауција од 100 илјади лева. Судскиот процес против него почна во јануари годинава. Тој и три лица се обвинети за учество во криминална група, за мито, за трговија со влијаније и за перење пари. Меѓу обвинетите е и поранешниот главен секретар на агенцијата, Красимир Томов, кој исто така е ставен под санкции од САД.

Според обвинението, Харалампиев раководел со криминалната структура, лично барал и добивал мито за издавање потврди за бугарско потекло на странски државјани - во некои случаи експресно, дури и во рок од еден работен ден, без законска основа. Со закани за казна и разрешување Харалампиев вршел притисок врз заменик-претседателот на агенцијата тој да ги потпише наредбите за издавање на уверенијата и самите уверенија, како и другите акти во  постапката за нивно издавање.

Дијалогот – единствено решение

Дали и колку ваквите настани во соседна Бугарија ќе остават реално време за посветување на спорните прашања со Северна Македонија? Аналитичари со кои разговараше ДВ не сакаат да прогнозираат, но дел од нив се убедени дека тоа не мора да значи оти разговорот Софија -Скопје ќе падне во сенка на овие настани. Напротив, може да биде дополнителен импулс, со оглед дека станува збор за членка на ЕУ, од која, покрај справувањето со домашните предизвици, се очекува да води сметка и за добрососедските и европските, без оглед дали тоа е во период на службена или политичка влада.

Такви се очекувањата и на други земји кои се залагаат за европска парспектива на земјите од Западен Балкан. Во интервју за бугарскиот весник „Труд“, заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Константинос Власис, одговори на прашањето - каков  е ставот на Грција во однос на бугарското вето за Северна Македонија.

„Грција силно ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, позиција којашто беше потврдена од нашите премиери (грчкиот и бугарскиот -н.з) за време на нивниот состанок минатата година. Како што споменав, меѓу соседни држави, особено во регион како што е Балканскиот полуостров, каде што историјата изминала долг пат, неминовно има несогласувања и разлики. Единствениот начин тие да се надминат, секогаш ќе биде разговор и дијалог. Во тој контекст, ако се има предвид дека Грција ја надмина дистанцата со Северна Македонија пред неколку години, би сакале да бидеме сведоци на надминување на какви било разлики помеѓу Софија и Скопје. Единствената цел е секогаш да поддржуваме безбедност и стабилност во поширокиот регион и да создаваме заедничка европска иднина за нашите граѓани“, вели Власис