Дали помошта има боја?
11 април 2020Познатиот холандски политички научник, Кас Муде, пред некој ден во една анализа, пишувајќи за дилемата дали корона вирусот „ќе го убие популизмот“ го даде одговорот во насловот на текстот: „Не сметајте на тоа“.
„Премногу е рано да се направат големи предвидувања за тоа како корона вирусот ќе го смени светот. Но, веќе можеме да кажеме дека речиси сигурно нема да го ‘убие популизмот’, од едноставна причина што ‘популизмот’ нема еден единствен одговор на пандемијата. Врз основа на неодамнешното историско искуство, јас ќе ги вложам парите на тврдењето дека кризата со корона вирусот во најдобар случај ќе има вкупен умерен ефект врз популистите: некои ќе победат, некои ќе изгубат, а некои ќе останат исти“.
Илузорно е да тврдиме дали Кас Муде ќе го добие облогот, но веројатно би можеле да се сложиме со неговото образложение дека некои популисти ќе останат исти. Во македонскиот случај – вмровските популисти. Оваа криза ги исфрла на површината квалитетите и понекогаш лажните перцепции за одредени политичари, за некои досега експонирани луѓе, па и за цели партии. Секако, партиите не се дел од одговорот на државата на една ваква страшна пандемија, но и тие се парче од мозаикот. Заборавете ги јавните прокламации, гледајте ги постапките. Два дена јавноста е речиси крената на нозе околу одлуката Владата да им ги додели однапред планираните 120 илјади евра на високообразовните институции на МПЦ и ИВЗ. Некои се толку скандализирани што скокаат од столовите.
Ако е тоа скандал, што би можело да биде одбивањето на партиите да се откажат од 4,7-те милиони еврапредвидени во буџетот за нивното функционирање оваа година? Од секаде може да се скрати - од плати, од камати, па дури да се префрлаат пари од еден во друг пензиски фонд, од некои капитални проекти, но една капитална инвестиција - парите за партиите - мора да остане нечепната. Во најдобриот популистички манир перцепцијата што е можно побрзо треба да се пренасочи – кон скандалите на другите, до странската помош, преку драмите во болниците.
Хорор и морален терор
Колку домашниве популисти остануваат исти, вмровскиот лидер Христијан Мицкоски покажа неделава, кога во еден пост на Фејсбук ја објаснуваше економијата во државата и им порача на граѓаните да одговорат на прашањето што го постави: „Дали Зоран Заев и СДСМ намерно ја втурнаа македонската економија и граѓаните во апокалиптично сценарио водејќи се исклучително од личните и партиските интереси и манифестираа огромно незнаење, или е нешто друго во прашање?“
Асоцијациите со апокалипси не се едноставна работа, ниту пак нешто по што лесно се посега во долапот. Наместо потоа со графикони да ја објаснува „намерната апокалипса“ ќе беше исклучително ефектно ако Мицкоски таа асоцијација ја презентираше со оној славен монолог на одметнатиот американски полковник Валтер Курц во камбоџанската џунгла во уште пославниот филм „Апокалипса сега“. Тој монолог на Марлон Брандо е еден од највпечатливите во филмската уметност и бидејќи е поврзан со апокалипса вреди да се цитира дел од него:
„Јас видов ужаси, ужасите што вие ги видовте. Но, немате право да ме нарекувате убиец. Вие имате право да ме убиете. Вие имате право да го сторите тоа, но немате право да ме судите. Невозможно е со зборови да се опише она за оние кои не знаат што значи хорор. Хорор. Хоророт има лице. И мора да станете пријател со хоророт. Хорор и моралниот терор се твои пријатели. Ако не се, тогаш тие се непријатели од кои треба да се плашиш...“
Ако зборуваме за некаква „апокалипса“, тогаш Мицкоски ги имаше видено ужасите од претходните години што ние ги видовме и сега се потсетуваме на нив со „моралниот терор“. Двата извонредни геста на словенечката и унгарската влада да подарат по сто илјади заштитни маски, а Унгарците и 5.000 скафандери, од вмровската пропаганда беа претставени како нешто најголемо што успеала да го направи државава во време на корона кризата. Пред неколку дена опозицискиот „Курир“ излезе со овој наслов: „Мицкоски од опозиција донесе две големи донации, СДСМ како власт ниту една“. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски, во емисија на Алфа ламентираше од позицијата на морална супериорност дека било „дипломатски скандал“ што македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров не го пречекал на аеродромот неговиот унгарски колега Петер Сијарто. „Мислам дека тоа е посилно од Димитров, но, едноставно, не можат да се надминат“.
Ова е дел од она што Кас Муде го тврди дека некои од популистите ќе останат исти и „морално ќе тероризираат“. Македонија доби помош од 66 милиони евра од Европската унија за справување со корона вирусот, 1,1 милион долари од САД за истата намена, вчера во Скопје пристигна помошта од Чешка од еден милион заштитни маски, помош од Турција од 50.000 маски, скафандери и тестови..., но сето тоа е неважно. Нема ниту да се спомене. Нема да се споменат ниту телефонските разговори на Стево Пендаровски со турскиот претседател Реџеп Ердоган и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, околу помошта. Она што е важно е дека вмровските побратими, Јанез Јанша и Виктор Орбан, испратиле по сто илјади маски и тоа за ресорот кој го води вмровскиот министер во техничката влада – Министерството за внатрешни работи.
Така, на помошта ѝ се стави партиска боја. Николоски тврдеше дека Шекеринска воопшто не знаела за помошта од Словенија, „министерот за внатрешни работи Наќе Чулев информираше за тоа дека е организирана помош“. Ако тоа е навистина така, тогаш некој однадвор директно се вмешува во внатрешната македонска организација за одговор на кризата за да ѝ помогне на сестринската партија. Помошта од Словенија беше организирана во рамките на европскиот механизам за помош во кризни ситуации. Петер Сијарто на аеродромот го пречека човек кој е на повисок ранг во хиерархијата во владата од Димитров, вицепремиерот и координатор за странската помош, Бујар Османи. Дали поради оваа партиска боја на помошта или поради нешто друго, маските од Словенија и Унгарија не се најдоа на списокот на донациите, домашни и странски, што стигнаа на сметката на Министерството за здравство, а сумата веќе надминува еден милион евра. Дали тоа беше ситна одмазда на властите или фактот дека таа помош отишла директно во МВР?
Други колумни од авторот:
Автократите ја сакаат пандемијата
Неколку години сегашнава вмровска номенклатура орбитира само околу неколку партии во рамките на Европската народна партија – Фидес на Орбан, СДС на Јанша и ХДЗ на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Одвреме-навреме, Мицкоски ќе ја спомене и австриската Народна партија на канцеларот Себастијан Курц. И кругот, горе-долу, е затворен. Кога Јоханес Хан беше еврокомесар за проширување, Курц, кој многупати дојде во Македонија и како министер за надворешни работи, никогаш не спомена дека Хан е Австриец и дека Виена преку него врши некакво влијание во Европската комисија. Но затоа Сијарто на прес-конференцијата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ не пропушти да каже зошто дошол во Скопје: „Причината што сум тука е телефонскиот повик кој го добив од Христијан Мицкоски минатата недела“ и дека „ние Унгарците сме среќни што имаме придонес во успехот во вашите преговори со Европската унија и што сега имаме унгарски комесар за проширување и можам да кажам, конечно комесар кому целта навистина му е проширувањето на Унијата“. Како проширувањето на ЕУ да не им беше цел на Јоханес Хан, Штефан Филе, Оли Рен. Навистина некои популисти остануваат исти.
На теренот и на трибините
Петар Арсовски во изјава за „Независен“ даде извонредна дефиниција за ова поведение на ВМРО-ДПМНЕ: „Во вакви ситуации вниманието на јавноста е насочено кон институциите, т.е. кон власта, така што СДСМ во моментов е на главниот терен, а ВМРО-ДПМНЕ на трибините. Ако актуелната влада се справи добро со кризата ќе добие политички поени, а тоа ја фрустрира ВМРО-ДПМНЕ“.
Затоа, потребни се морални приказни и меѓународна партиска боја. Меѓунардониот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, се обиде на патетичен начин да ја извлече оваа приказна на површината од калта пишувајќи на Фејсбук дека „Македонија на дело е сведок за искажаниот висок степен на солидарност од страна на четири држави и влади предводени токму од конзервативни партии. Најголемата билатерална помош која Македонија до денес ја доби е од владите предводени од премиерот Јанша, премиерот Орбан, претседателот Трамп и претседателот Ердоган. Тоа, секако, не е случајност, бидејќи конзерватизмот во себе инкорпорира одговорност, хуманост, емптија и сочуство“. Претходно, во стилот од новелата „Пинки го виде Тито“ пишуваше за неговата средба со Јанша: „Последниот пат пред точно една година бевме во неговиот кабинет во Љубљана, заедно со претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. Во оваа прилика би сакал да истакнам, дека секојпат ни било чест и задоволство да споделуваме ставови и мислења со г-дин Јанша, кој е искрен и чесен лидер, голем патриот и со неизмерни симпатии и пријателство кон Македонија“.
Муцунски има капацитети да не остане „ист“ популист како оние во неговото партиско опкружување, но прашањето не е дали тој го гледа тоа, туку дали сака да го направи. Тој многу добро знае дека ниту Трамп знае за помошта кон Македонија, ниту Мајк Пенс, тоа го прави Стејт департментот веќе неколку децении, без оглед која администрација да е на власт. А сигурно знае и за изјавата на Мајк Помпео од пред некој ден дека влезот на Македонија во НАТО ја зајакнал алијансата „колосално“. А тој влез никако не ќе беше можен без договор со Грција. Затоа мачкање со која било партиска боја на помошта што доаѓа во Македонија е неумесно, грдо, па дури и инфантилно. Со која боја тогаш треба да се премачкаат оние 66 милиони евра од ЕУ кои се одобрени најмногу поради одлуката за почеток на преговори со Унијата?
Се разбира, тешко е да се најдат вистинските зборови и наративот во една ваква криза со невидлив непријател. Особено кога не си на власт – како да ги одмериш зборовите, а да не бидат нихилистички кон властите, кога очите на сите граѓани се вперени кон оние што се во првите политички и здравствени редови (поддршката од 82 отсто за Венко Филипче во анкетата на „Детектор“ е супериорен доказ за тоа). И за искусни политички структури тоа е неверојатно тешка задача, а што останува за една неискусна номенклатура во вмровскиот врв, која мислеше дека власта само што не паднала во нејзиниот скут. Сепак, за некои работи има согласност меѓу власта и опозицијата – на пример, дека не смее да има печатење пари или дека мора да се зачува силата на банките за, ако затреба, тие да ја извлечат државата од дното. Но во вревата за партиската боја на помошта тој консензус е фрлен на маргините.