Русија ги манипулирала податоците за вакцината „Спутник”?
17 септември 2020Условите за вакцина за коронавирусот се јасни: треба да делува, да биде безбедна, ценовно достапна и брзо на располагање. Тие основни критериуми важат без исклучок за сите компании кои развиваат вакцина и кои со месеци работат под притисок.
Соодветно големо беше и меѓународното вчудовидување кога Русија кон средината на август објави дека издала дозвола во брза процедура за „Спутник V” како прва вакцина во светот против новиот коронавирус, иако клинички едвај беше тестирана и одлучувачкиот тест за тоа дали е безбедна вакцината едноставно беше прескокнат.
Исти вредности кај различни пациенти?
Сега се множат и индиции дека податоците за вакцината едноставно се манипулирани. Околу 40 научници од Европа, САД, Канада, но и Русија во отворено писмо ги ставаат под прашање податоците објавени на почетокот на септември во журналот Лансет.
Особено паѓаат во очи мустри на бројки кои се повторуваат и се маркирани во отвореното писмо. Иако различни тестирани лица добиле сосем различни форми на вакцината, на различни денови сите имале исто ниво на антитела во крвта.
Тоа е првото нешто што разбудило сомнеж кај научниците. Дополнително и вредностите на Т-клетките кои го уништуваат вирусот Сарс-Ков-2 кај тест лицата е наводно идентичен, што според ставот на меѓународните експерти веќе не може да е коинциденција. Резултатите од статистичка гледна точка биле малку веројатни, многу повеќе личело дека тука има очигледна манипулација, велат научниците од тимот на познатиот молекуларен биолог, Енрико Бучи.
„Тоа е како едно по друго неколку пати да добиеш ист редослед на бројки ако фрлиш коцка”, вели Бучи за „Москва Тајмс”.
Што знаеме за руската вакцина?
Супстанцата Гам-Ковид-Вак Лио користена во „Спутник V" е таканаречена векторска вакцина развиена на московскиот Гамалеја Институтот за епидемиологија. За ваква векторска вакцина се екстрахираат сите заболени гени од вирусот и останува еден вид „транспортер“ на вирусот кој медицинските професионалнци го нарекуваат „вирусен вектор.“
Повеќе:
-Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна
-Руската корона-вакцина: успех или ризик?
-Русија сака да започне со масовно вакцинирање во октомври
На овие безопасни вектори со соодветна постапка им се додава генетски материјал, во слујчајот кај вакцината против Сарс-Ков-2, соодветен ген од коронавирусот. Организмот на вакцинираното лице го препознава како страно тело и гради антитела и специфични Т-клетки против овој антиген. Антителата ги произведуваат самите клетки на вакцинираното лице.
Доколку се користат познати вектори, се штеди време бидејќи тие се веќе испитани и безбедни. Но, и покрај тоа и кај векторските вакцини може да има несакани ефекти, на пример ако имуниот систем ги нападне и векторите.
Што значи името „Спутник V“ ?
Конечно повторно да се биде прв – уште кон средината на август, половина година по избивањето на пандемијата, рускиот претседател Путин гордо го презентираше својот корона-престижен пронајдок.
Русија е првата држава која презентира вакцина против коронавирусот. Оттука и името „Спутник V“ кое треба да асоцира на првиот сателит испратен во вселената. Со овој „Спутник шок“ во 1957 година поранешниот Советски сојуз им покажа на сите.
Со цел да се потенцира довербата во новата вакцина, меѓу првите 38 лица на кои е тестирана беа бројни јавни личности и фукнционери, меѓу кои и ќерката на Путин – дел од нив беа вакцинирани пред камера.
Случајност или манипулација?
Само суровите необработени податоци на кои се темели публикацијата може да разјаснат дали упадливите мустри на бројки се случајност или студијата е навистина изманипулирана. До сега државниот институт Гамалеја нема дадено јавен пристап до своите податоци за „Спутник V“.
Поради тоа научно-истражувачкиот тим во отворено писмо до Лансет побара објавување на сировите податоци. Во научниот свет истражувачите можат да искористат вакво “Писмо за загриженост“ за да укажат на сериозна загриженост во однос на некоја студија.
Веќе кон крајот на мај, реномираниот стручен журнал Лансет беше предмет на голема критика бидејќи постапките за испитување на студијата за хидроксихлорокин биле неуспешни и основните податоци свесно изманипулирани. Така хидроксихлорокинот кој беше пофален како чудотворен лек не само што се покажа како неефикасен кај пациентите со Ковид 19, туку кај некои третманот со овој лек за маларија предизвика и смрт.
Масовна вакцинација до крајот на годината
Иако финалната трета тест-фаза беше едноставно прескокната и се зголемуваат сомнежите за основните податоци поврзани со вакцината, веќе во декември се планира првата масовна имунизација. Прво ќе бидат повикани лица со системски релевантни занимања како медицински персонал или наставници и професори.
Со цел да се отстранат сомнежите во врска со руската вакцина, неизбежна би била анализа на сировите податоци од независни експерти.
Оттука прашање е дали стручниот журнал „Лансет“ имал пристап до овие необработени податоци во процесот на рецензија пред да биде објавена публикацијата. Во секој случај Лансет од авторите побара соодветна изјава за веродостојност.