Дали Русија стои позади пучот во Мали?
27 август 2020Локалните медиуми известуваат дека лидерите на хунтата, кои го принудија претседателот Ибрахим Бубакар Кеита (ИБК) да се повлече, учествувале на обука организирана од руската армија пред воениот удар. Полковниците Малик Диав и Садик Камара за кои се смета дека се „мозокот“ на пучот од 18 август, поминале цела година на високиот Воен колеџ во Москва. Емануел Дупуј, консултант за одбрана, безбедност и вооружување на Институтот за перспектива и безбедност во Европа (ИПСЕ), за ДВ вели дека полковникот Малик Диав дури бил и затворен во Русија во 2019.
„Покрај ова треба да се потсетиме дека од петте членки на Г5 Сахел (Мавританија, Чад, Буркина Фасо, Мали, Нигерија), четири земји имаат потпишано одбрамбени договори со Русија."
Владеењето на Кеита кое започна исто така со друг пуч во 2012 година се совпаѓа со етаблирањето на француската мировна мисија, а Кремљ веројатно се обидува да се ослободи од Франција во западните африкански земји каде Париз има упориште и големо влијание.
„Тешко ми е да проценам колку се веродостојни овие информации бидејќи нема никаква реакција од Москва," вели за ДВ, рускиот експерт Ирина Филатова, професор на Високата школа за економија во Москва. Таа нагласува дека Кремљ и Мали воспоставија силни врски, а Русија ја снабдува оваа земја со оружје. ИБК, како што го викаат претседателот во Мали, не е популарен во неговата земја, но е клучен сојузник на Западот – поточно Франција, во борбата против џихадистите во областа Сахел.
Реакција на Американската Команда во Африка (АФРИКОМ)
Покрај наводната обука од Москва, според АФРИКОМ, лидерите на пучот во Мали биле обучувани и од САД и Германија.
„Најостро го осудуваме актот на беззаконие во Мали кој е во спротивност со американската воена обука и едукација," вели за ДВ, Кели Калан, началник за медиумски операции на АФРИКОМ.
„Полковникот Гоита учествуваше на претходните вежби за обука на американско-африканската Команда Флинтлок, а исто така присуствуваше и на 18 дневнен билатерален семинар во воздушната воена база Мек Дил во Флорида," додава Калан.
Полковникот Асими Гоита, лидер на воениот удар, исто така учествувал го програма за борба против тероризам и безбедносни студии на Џорџ Ц.Маршал Европскиот центар во Германија.
Повеќе:
-Истрага на причините за смртоносниот инцидент во Мали
-Драма во Мали - стотина луѓе заложници на терористи
-Да се победат причините за бегство
По воениот удар, американското министерство за одбрана ја анализира ситуацијата на теренот во Мали за какви било потенцијални влијанија врз американската воена помош, вели Калан.
„Додека не заврши проценката, нема да има никаква обука ниту поддршка за војската на Мали."
Но, според Џад Девермонт, директор на Африканската програма на Центарот за Стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС), американски тинк тенк, во суштина многу африкански воени офицери биле обучувани во странство, и тие имаат тенденција да бидат природни лидери, кои се одлучни, харизматични и самоуверени.
„Квалитетите според кои се препорачуваат да учествуваат на обука во странство, се истите коишто ги прават успешни лидери на пуч," вели Девермонт за ДВ, коментирајќи зошто Русија е во центар на внимание во однос на актуелните случувања во Мали.
Што знаеме за врските меѓу Русија и Мали?
Аналитичарите велат дека релациите меѓу Мали и Русија имаат корени уште во 60тите години на минатиот век по независноста на Мали од Франција. Но, исто така избрзаа со извлекувањето причинска поврзаност, особено со оглед на тоа дека Франција и нејзините западни сојунизци не успеаа да го стабилизираат Мали.
„Кога жителите на Мали минатиот јануари излегоа да протестираат за заминување на странските сили од Мали, нивната цел беше да побараат враќање на Русија," за ДВ вели професорот на Универзитетот во Бамако, Фатумата Кулибали.
Но, според Стокхолмскиот интернационален институт за истражувања СИПРИ, воената соработка меѓу Мали и Русија е “многу слаба”.
„Русија не беше дел од ниту една од поголемите зделки за оружје со Мали, освен во 2016 кога Мали потпиша договор со Русија за четири Ми-35М воени хеликоптери," вели за ДВ Александра Кимова, истражувач во програмата за оружје и воени набавки при СИПРИ.
Таа додава дека Кремљ испорачал најмалку два нови Ми-35М хеликоптери во Мали во периодот меѓу 2017 и 2019. Според руските власти, таквиот договор е чекор напред кон натамошна соработка меѓу двете земји.
Африка, поле за одмерување на силите меѓу Русија и Западот
Тинк тенкот има спроведено опширно истражување на растечкото влијание на Русија во Африка во последните години. Кремљ ги продлабочи своите воени и економски врски со континентот, особено кога Русија се соочи со санкции од западот во 2014, што отвори опции за други пазари и партнери.
„Една од причините зошто Русија е толку заинтересирана за Африка е да се натпреварува со Западот. Колку повеќе влијание има во Африка, толку помалку контрола има Западот таму”, вели Филатова за ДВ.
Во изминатите десет години руската испорака на оружје за африканскиот континент, со исклучок на Египет, изнесувала 16% според податоците на СИПРИ.
Секоја земја ги користи своите силни страни, вели таа и додава дека за Русија е комплицирано да понудат производи за трговија покрај оние кои веќе ги обезбедуваат западните влади и Кина.
„Затоа на страна од воената опрема, трговијата со Африка никогаш не била значајна. Се разбира Русите се заинтересирани за природните ресурси, но тие може да понудат воена поддршка и тоа е нивната силна страна," додава таа