1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Дали руските медиуми шират дезинформации?

Јана Билиајева
28 септември 2019

Речиси четири недели по убиството на Зелимкан Кангошвили ДВ се осврнува на начинот на кој информираа руските медиуми за случајот. Притоа наиде на редица неосновани обвинувања.

https://p.dw.com/p/3PsPv
Mann in Berlin-Moabit erschossen - Motiv unklar
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Убиството се случи среде бел ден: на 23 август околу пладне беше убиен 40-годишен маж во Берлин со истрели во грбот и главата од пиштол со пригушувач. Осомничениот кој брзо беше фатен, е 49-годишник со руски пасош. Жртвата пак е Зелимкан Кангошвили, грузиски државјанин со чеченско потекло. Тој беше командир на чеченските сепаратисти и во втората војна во Чеченија се бореше против Русија. Москва му префрла тероризам и го стави на листата на барани лица. Кога во Грузија имаше неколку обиди на атентати врз него, тој побара прибежиште во Германија. Според истражувањата на истражувачката интернет платформа Bellingcat, германскиот медиум „Шпигел“ и руската интернет страница The Insider, редица факти за убиецот и неговиот пасош  индицираат повразност со руските безбедносни структури.


Први реакции на руските медиуми: Дискредитирање на жрвата

Затоа е интересно како известуваа руските медиуми за случајот: и покрај недостиг на докази руски „Комерсант" за убиството вината ја префрла на Чеченците. Весникот се повикува на „познаници на жртвата" кои не сакаат да бидат наведени со име. Кангошвили бил „влијателен борец" кој можел да биде убиен само од Чеченците од Русија или некои кои пребегале во Европа, изјавиле „познаниците“. Повикувајќи се на „Комерсант" и други медиуми ја пренесоа веста, како на пример новинската агенција Интерфакс.

Во Русија се пишуваше и дека Кангошвили имал исламистичко минато. Притоа тој во Германија беше симнат од листата на лица кои претставуваат исламистичка закана, а на која се нашол по информации од руските тајни служби. Но, повеќе руски медиуми и натаму му префрлаат дека е исламист. 

Шпекулации наспроти докази

Наместо известување базирано на факти, во многу руски медиуми се шпекулира за тоа кој сѐ може да има интерес во скандалот околу Кангошвили. Така државната телевизија „Русија 24“ ги обвини ДВ и весникот „Тагесшпигел“ дека во случајот со убиство Кангошвили затоа гледаат само „руска трага“ бидејќи тоа е „поинтересна и ветувачка“. Модераторот на вестите рече дека известувањето на  западните медиуми  во овој случај „се претворило во ширење теории на заговор“.

Рускиот весник „Всјгљад“ претходно ги обвини германските медиуми дека шират дезинформации поради сензационализам и алчност за скандали, бидејќи „им недостасува бризантен материјал за викенд изданијата“.

Berlin | Demonstration an der russischen Botschaft
Протест на чеченската дијаспора пред руската амбасада во Берлин поради убиството на КангошвилиФотографија: DW/V. Esipov

Без оглед што нема никакви докази за тоа дека убиството на Кангошвили е поврзано со Г7 или изградбата на гасоводот Северен тек2, во руските медиуми се појавија соодветни шпекулации. Така од „ТВ Русија24“ беше речено дека германската канцеларка Ангела Меркел за самитот Г7 имала потреба од „силни аргументи“ за останатите држави-учеснички да ги убеди против враќањето на Русија во кругот на најважните индустриски нации во светот. 

Руската новинска агенција „Ру-АН“ отиде до таму што сугерираше дека САД и другите европски држави сакаат да го изградат овој случај на убиство бидејќи имаат цел да ја прекинат изградбата на Северен ток 2. 

 Тактики за дезинформации

Извештаите на „Русија 24“ за кои новинарите беа обвинети за ширење теории на заговори, е само еден пример на клевета. За ова зборува Бен Нимо од американската компанија за аналитика „Графика“ која меѓу другото открива дезинформации на социјалните мрежи. Според него пријателски настроените медиуми кон Кремљ не само што реагираат со непочитување на несоодветните вести, туку и со искривување на фактите, со обвинувања, дефокусирање и заплашување. Еднен таргет на овие тактики е меѓународната истражувачка мрежа „Белингкет“. Нивните активисти го истражуваа убиството во Берлин, а претходно и случајот со  паднатиот малезиски авион МХ17 над Донбас.  „Кремљ подолго време води кампања за клеветење на „Белингкет„ чии соработници се многу добри во она што го прават,“ вели Нимо. 

Но, се уште не станува збор за голема руска дезинформативна кампања како во случајот на двојниот агент Сергеј Скрипал врз кој беше извршен напад со отров во Велика Британија или како во случајот со авионот МХ17, констатира Нимо. Руската кампања во случајот Кангошвили овојпат ќе зависи од тоа како се однесува германската влада. „Ако германските власти не преземат ништо и работите се забошотат, тогаш не се очекуваат многу дезинформации. Но ако има гласно и јасно објаснување, тогаш сигурно ќе резултира во долга кампања,“ заклучува Нимо.