1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали се успешни игрите на Путин со гасот?

Џо Харпер
29 декември 2021

Германија пумпа гас назад во Полска поради тоа што Гаспром ја крати испораката на гас во ЕУ. Русија игра игри на хибридна војна со сѐ поподелената Европа, а новиот фронт се чини е гасоводот Јамал-Европа.

https://p.dw.com/p/44x3o
Weißrussland Nsvizh | Gasanlage
Фотографија: Vasily Fedosenko/REUTERS

Најдолгиот гасовод во Европа, Јамал-Европа, вообичаено транспортира руски гас кон Германија, а не од Германија. Минатата недела руски гас течеше главно од Германија назад во Полска. Зошто? За да се затвори една дупка, поради тоа што температурите паднаа на минус 10 степени, а Русија ја крати испораката на гас.

За оние кои предупредуваат дека рускиот претседател Владимир Путинби можел да ја употреби енергијата како оружје доколку не биде пуштен во употреба гасоводот Северен тек 2, тој веќе го прави токму тоа.

На 21 декември Русија ја запре испораката на гас преку Јамал-Европа, што пак веднаш предизвика страв на пазарите. Цената на гасот во виртуелната трговска точка ТТФ на холандскиот пазар на гас за испораките во јануари скокна на 160 евра (на 9 декември цената изнесуваше 100 евра). Потрошувачите во Европа ќе почувствуваат дел од поскапувањето во 2022 година. Тоа ќе придонесе и за зголемување на инфлацијата.

Две третини од гасот кој се увезува во Германија, според наводи на германската Агенција за електрична енергија, гас, телекомуникации, пошта и железница (BNetzA), доаѓа од Русија и поранешните советски републики преку гасоводот Јамал, кој минува низ Русија, Белорусија, Полска и Германија. Неговиот капацитет е 32,9 милијарди кубни метри гас годишно. Во 2020 година, 23% од рускиот гас во Германија стигнале преку Белорусија и Полска.

Вознемирувачки е што се зголемува и цената на гасот на пазарите на финансиски деривати. За јануари 2023 година се достигнува цена до 90 евра за мегаватчас, што е јасен сигнал дека пазарот смета со мала понуда на гас во Европа до крајот на оваа зима и дека налето ќе пристигне само малку гас од Русија кој треба да служи како резерва пред наредната зима.

Infografik Gaspipelines von Russland nach Europa DE
Гасоводи кои транспортираат гас од Русија во ЕУ

Путин ја обвинува Германија

Рускиот претседател Владимир Путин за намалената испорака на гас ги обвинува увозниците во Германија и Франција и нивното непотпишување долгорочни договори за снабдување. Тие, според него, би можеле да го намалат ценовниот притисок со тоа што ќе стават крај на одолговлекувањето на стартот на гасоводот Северен тек 2. Гасоводот наиде на силен геополитички отпор.

„Си ја сечат гранката на којашто седат“, изјави Путин за руските медиуми.

Гаспром ги исполнува долгорочните договори, но практично ја запре продажбата на „спотпазарот“ и нема резервирано дополнителни капацитети во гасоводот и не ги користи веќе резервираните капацитети.

Зошто го прави тоа е прашање околу кое се вртат шпекулации. Дел од набљудувачите укажуваат дека Гаспром можеби претпочита да си го задржи гасот за домашни потреби сѐ додека Русија е среде студен бран.

Грејната сезона во европскиот дел на Русија почна на почетокот на септември. Таа, исто така, се префрли на „стратегија на вредност над волумен“ за која некои веруваат дека можеби ја тестирала својата способност да го одржува веќе постоечкииот волумен.

Со оглед на тоа што Полска по истекот на наредната година веќе нема да ги продолжи своите долгорочни договори за гас со Гаспром, а Украина ѝ е трн в око на Русија, Кремљ прави сѐ што е неопходно за Северен тек 2 да почне со работа. Зошто да се резервираат капацитети на друго место? И, зошто на Западот да не му се покаже колку многу му е неопходен евтиниот руски гас за да се задржи сигурноста?

Рускиот вицепремиер Александер Новак изјави дека Европа пропушта дополнителни руски испораки поради одолговлекувањето на Северен тек 2: „Шефовите на држави и влади направија грешка со тоа што ги намалија долгорочните договори“, изјави Новак за руската телевизија Росија 24. „Сите проблеми во западна Европа ги создадоа сами и не е неопходно за тоа да се обвинува Гаспром. Подобро е да се погледнат во огледало“, рече тој.

И, уште нешто: за Русија и претходните германски влади, Северен тек 2 беше исклучиво комерцијална компанија. Сега е очигледно дека не е.

Deutschland Lubmin Nord Stream 2 Anlage
Фотографија: Odd Andersen/AFP

Полска и Украина ја обвинуваат Русија

Но, Полска оваа недела ја обвини Москва дека ги запира своите испораки преку Јамал-Европа, обвинувајќи го Гаспром за „манипулација“.

Украинскиот гас-оператор пред неколку дена рече дека Русија испраќа помалку гас во Европа преку Украина отколку што е тоа договорено со договорот за транзит. Гаспром и Украина потпишаа петгодишен договор за транзит на руски гас во Европа на крајот на 2019 година.

Украина има резервен транзитен капацитет приближно двојно поголем од оној на Северен тек 2, но Гаспром не го користи.

- повеќеГерманија: Стопирана дозволата за Северен тек 2

Чиста политика

„Кога Кремљ - тоа се Путин и неговите силовики (силници) пријатели во енергетскиот сектор - гледаат знаци на слабост и политичка глупост кај дел од своите перцепирани противници, тие едноставно не можат да одолеат на нагонот за напад, без оглед на стратешката штета по руските долгорочни интереси“, вели за ДВ поранешниот ЕУ-дипломат Албрехт Ротахер.

„Прво, не им се допаѓа неискусната и морализирирачка нова германска влада, а особено Зелените, кои - доколку бидат успешни со нивните политики за климатски промени - ќе го загрозат рускиот бизнис модел базиран на фосилни горива“, вели Ротахер. „Оттука, поривот да се демонстрира 'кој е волкот во шумата' и да се држи лекција за енергетска политика кога зимата е најстудена во централна Европа, кога има најголема побарувачка и кога соларните панели се длабоко под снегот, а ветерот не дува“, оценува Ротахер.

Бенјамин Л. Шмит од Центарот за европска политика, недвосмислено го осудува она што Кремљ го прави со месеци. „Ова е енергетско оружје на Кремљ против Европа“, нагласува Шмит.

Ана Микулска од Центарот за енергетски студии на Бејкер-институтот за јавни политики на универзитетот Рајс во САД, се согласува: „Русија се обиде да создаде тешки услови на пазарот на гас во Европа, без да мора да посегне отворено по геополитички мерки“, смета Микулска.

„На извесен начин, секој од овие елементи - складирање, лиферување само на договорени количества и сега обратни текови во Полска, се комерцијално прифатливи. Но, кога ќе се искомбинираат и кога ќе се погледнат во светло на еден многу тежок пазар на гас во Европа, кој не е доволно снабден, тогаш се појавуваат сомнежи во теоријата на Гаспром дека се работи исклучиво за бизнис и пазар.“

DW Karikatur | Sergey Elkin | Gas-Preisanstieg in Europa
Карикатура на Сергеј Елкин

Германија е виновна

Германија играше ризична игра со Русија во текот на напуштањето на фосилните горива. „Германското напуштање на нуклеарната енергија, јагленот и конечно нафтата, беше одлична топка во рацете на Русија, со оглед на тоа што обновливите енергии сѐ уште не се во состојба да ги покријат нараснатите потреби“, вели Ротахер.

„Зависноста на ЕУ од руски гас се зголеми од 40% на 53% и тоа само од лани до годинава, бидејќи Холандија го прекина производството и американскиот течен гас се испорачува во Источна Азија (Јапонија, Кореја, Тајван), каде што достигнува уште повисоки цени.“

Ситуацијата се влошува и поради фактот што институциите на ЕУ ја исклучуваат енергијата и надворешната политика од нивната извршна должност, а земјите-членки водат често спротивставени политики. Европа е предводник во заштитата на климата, но темпото на декарбонизација е пребавно за да може да ги надмине промените во глобалниот енергетски сектор.

„Она што сега го гледаме со враќање на гасот преку гасоводот Јамал во Полска, според мене, е само почеток на поголеми работи кои допрва ќе доаѓаат. Мислам дека веројатно ќе следува уште потешко продолжение“, додава Ротахер.