Дарт Ведер во Белата Куќа
4 март 20171. Тој себе си навистина се нарекува Дарт Ведер
Дали е сериозен или само му се допаѓа имиџот, Стивен Бенон во интервјуата за „Њујорк тајмс“ и за другите медиуми за себе зборува дека е инкарнација на Дарт Ведер, контроверзниот негативец од „Војна на ѕвездите“. „Темнината е добра. Дик Чејни. Дарт Ведер. Ѓаволот. Тоа е моќ“, изјави тој за „Холивуд репортер“. Слуга на императорот од кого сите се плашат, човек на страна на силата?
Стив Бенон не е само главен стратег на Доналд Трамп туку набрзо ќе биде и член на Националниот совет за безбедност на САД. Познатиот националист, велат аналитичарите, ќе има големо влијание врз политиката на Трамп. Се смета за идеолошки столб на администрацијата на Трамп, па дури му се припишува и декретот со кој Трамп го стопираше доаѓањето на граѓани од 7 муслимански земји во САД.
2. Тој ја прослави „алтернативната десница“
За разлика од Трамп кој се занимаваше со бизнис и ријалити шоуа, Бенон веќе со децении се занимава со политичка теорија на сопствен начин. За политика се заинтересирал уште во 70-тите години од минатиот век, како војник во морнарицата на еден брод-уништувач во Пацификот и во Индискиот Океан. Сметал дека претседателот Картер не реагира доволно решително на киднапирањето на американските државјани во Техеран. Бенон станал десничар, противник на исламот, а во неговите ставови провејува и расизам.
Кој сака тоа подобро да го сфати, треба да го погледне порталот „Брајтбарт“ каде Бенон од 2012. до 2016. година беше уредник, но се истакна и со своите колумни. Помпезните наслови и теориите на заговор на овој портал се подесничарски од Републиканската партија во целина и му помогнаа на Трамп да ја освои Белата куќа. На прашањето дали движењето „алтернативна десница“ е антисемитско, Бенон еднаш рече: „Има ли антисемисти во алт-десницата? Апсолутно. Има ли расисти во алт-десница? Апсолутно. Но не верувам дека движењето е целосно антисемитско.“
3. Вели: Стравот е добар
„Ќе ни се приклучат или ќе умрат, мој господару“, тоа не е цитат на Бенон туку реплика на Дарт Ведер од „Империјата го возвраќа ударот“. Но и Бенон го сака војничкиот јазик и поделбата на пријатели и непријатели. Наводно тој го пишувал говорот на Трамп за инагурацијата. А тој говор беше интониран да укаже на наводна катастрофа и распаѓање на Америка. „Стравот е добар. Стравот води кон делување“, рече Бенон во 2010. година во едно интервју, тогаш во својство на автор на документарни филмови. Неговите „шокирачки“ документарци ја лансираа „алтернативна десница“.
4. Заработува пари додека гледате „Сајнфелд“
Холивуд е место за средба на левичарските безработници? Така поранешниот портал на Бенон „Брајтбарт“ ја гледа американската филмска индустрија. Но Бенон од неа добро заработил, во секој случај од серијата „Сајнфелд“ од 90-те години на минатиот век. Како инвестициски банкар се занимавал со продажба на дел во продукциската куќа која ја правела серијата. Барал од купувачот Тед Тарнер да не го исплати во пари туку во права за таа телевизиска серија. Насетувал дека „Сајнфилд“ ќе биде полн погодок, бил во право и се збогатил. И пред тоа, додека работел во банката Голдман Сакс, сигурно заштедил неколку милиони долари. Како да се направи дил во кој самиот најмногу профитираш- таа умешност е секако заедничка за Бенон и за Трамп.