Двајца професори, илјада проблеми
28 декември 2021Додека новиот премиер Димитар Ковачевски за новогодишните и божикните празници ќе го составува половичниот дел на владата што му преостана, мислам дека може да биде поучно да се земат предвид некои подзаборавени искуства од македонската мачна и долга транзиција.
Насловот на денешната колумна „двајца професори, илјада проблеми“ е мисла припишана на познатиот германски обединител, „железниот канцелар“ Ото фон Бизмарк. Доволно е во владата да има само еден професор. Ако има двајца, ќе има илјада проблеми, кажал големиот германски државник. Оваа максима ја употребував често во новинарските анализи за работата на првите влади на независна Република Македонија, во кои редовно имаше повеќе министри универзитетски професори, како цврсто алиби за стручност и компетентност.
Правниот факултет на УКИМ беше главниот кадровски извор за владиниот министерски кабинет кој во најголем број случаи, освен неколку исклучоци, ја потврдуваше оправданата воздржаност на Бизмарк кон професурата цели 100 години подоцна кај нас.
Составот на првите политички влади, ја исклучувам експретската влада на премиерот Никола Кљусев, на повеќепартискиот парламентарен систем ја споредував како пародија која наводно се случила во османлиската империја која „пропаднала“ од многу советници.
Ни ти везир, ни јас султан
Приказната оди вака. Големиот везир, читај премиерот, еден ден дошол кај султанот, читај претседателот, и му реферирал дека една група млади луѓе сака да се школува на запад. Султанот прифатил со задоволство, како што рекол, дајте им пари нека учат, на царството му требаат учени луѓе и примена на западните вредности.
По неколку години премиерот го известил царот дека сите многу успешно ги завршиле студиите и сакаат да работат. Браво, рекол султанот дајте им веднаш работа на сите. Има само еден мал проблем, кажал Големиот везир, сите тие сакаат да работат во државната управа, во уќуматот. Султанот се замислил и прашал: добро, што школи завршиле тие луѓе. Има адвокати, филозофи, историчари, архитекти, лекари, инженери, агрономи, трговци, банкари...Вака ќе направиш, рекол султанот, ќе им дадеш на сите работа ама добро ќе ги измешаш, адвокатите ќе ги ставиш кај земјоделците, лекарите ќе бидат историчари, банкарите политичари, филозофите банкари, инженерите трговци, оти ако не направиш така, ако сите го работат тоа за што учеле, ниту ти ќе бидеш везир, ниту јас султан.
Други колумни од авторот: Големата фабричка грешка на македонските влади
Ова карикатурално споредување таман помислив дека не предизвикало никаква вознемиреност и поминало незабележително како вообичаена пракса кај нашите самобендисани власти, кога при една случајна средба со тогашниот премиер опколен со климоглавци, стручноста стана непријатна тема на разговор. Ќе му каже ли некој на новинарот дека дојде до промена на системот и дека владите не се социјалистички експертски извршни совети, туку политички, избрани по парламентарни избори. Дали знае уважениот журналист дека претседателот на Америка, Роналд Реган, на пример бил глумец, па станал претседател, а Вили Клас бил диригент па станал генерален секретар на НАТО. Настана едно громогласно смеење за мојата неукост.
Се разбира, на оваа ароганција одговорив со иста мерка, а дали уважениот премиер чул дека епизодниот лош глумец на каубојски филмови, Реган пред да стане претседател на Америка бил двапати многу успешен гувернер на Калифорнија, а Вили Клас бил министер на Белгија во повеќе влади, што и двајцата ги прави компетентни за функциите на кои се избрани и назначени. Кога на човек му е првата работа во животот да биде премиер, тешко е да направи разлика меѓу компетентност, па може да му се случи и „бербер“ да стави министер за наука, демек во повеќепартиска демократска политичка влада. Така заврши таа прилично саркастично цинична средба.
Денес уште потешко отколку пред 30 години
Денес, по три децении, изборот на министри во македонските влади е уште потешка и посложена работа каде компетентноста и стручноста не се најважниот предуслов за заземање на одговорни функции. На прво место се партиската и етничката припадност, така се подразбира се уште формирањето на владиниот кабинет, што поразбира целосна лојалност и одговорност прво кон својата партија и кон партискиот лидер кој е над премиерот, а потоа евентуалната стручност.
Од владите оваа шарлатанска доктрина се прелева во сите институции на системот, во парламентот, во судството, во јавните компании, во државната администрација, во општините, па се до секретараките, келнерите, возачите до наплатувачите на паркинзите. За жал, оваа катастрофална деградација на политичкиот систем е прифатена во јавноста сосема рамнодушно, како нешто сосема нормално и стекнато право за поделба на власта во повеќеглавите влади, каде само еден е официјалниот и одговорен премиер, а другите три – четворица премиери се во дебела сенка, кои ги носат одлуките надвор од владата на одделни теснопартски седенки.
Деновиве да не си му во кожата на новиот мандатар Димитар Ковачевски за состав на владата, од која веќе половината му е стокмена од коалициони а, а брзо ќе дознаеме дали по негов избор, или по диктат на партијата која избра старо- ново раководство кое веќе е озаглавено како спој на искусни и нови млади и стручни кадри.
Ќе договорат ли нешто Ковачевски и Мицкоски
Новиот уште неизбран премиер тврди дека владата ќе биде стабилна и ќе може да издржи до крајот на мандатот во наредните две ипол години, исполнувајќи ги ревносно и одговорно стратегиските државни определби како што се почетокот на преговорите со ЕУ и спроведување на реформите кои се предуслов во поглавијата за членство во европското семејство, што означува длабоки економски и општествени реформи кои најверојатно ќе се спроведуваат во најдобар случај наредните десетина години.
Други колумни од авторот: Може и пион да стане кралица
Ковачевски мирољубиво навестува понуда до опозицијата за консензус за државните приоритети, меѓупартискиот натпревар да почне со трката кој ќе даде поголем придонес Македонија да стане што побрзо успешна приказна која ќе ја смести на мапата демократски држави по урнекот на западноверопските земји и сојузници во НАТО алијансата.
Од другата страна, од опозицијата не доаѓаат навестувања за прифаќање на натпреварот и за таков маратон. Напротив, по оставката на премиерот Зоран Заев, на која толку многу инсистираше опозицијата и по неговото повлекување од претседател на СДСМ, сега сите партиско пропагандни орудија се насочени кон Димитар Ковачевски, како кон пион кој само ќе ги извршува наредбите на Заев . Сега Македонија, ако се суди по меѓусебните партиски обвинувања, има двајца пиони. Еден на Никола Груевски кој го продолжува груевизмот и еден на Зоран Заев кој го продолжува заевизмот. Единствен начин да докажат дека носат самостојни одлуки, без влијание на нивните ментори и намесници е да седнат на заедничка маса и да ги договорат приритетите кои се од најголем државен интерес. Во прифаќањето, или одбивањето на таквата стратегија, ќе се види кој чиј пион е, или поточно дали државни интереси се економските реформи и евроатлантските интеграции, или преобројувањето на предавници и непријатели на државата, барање на амнестија на осудените лица, брзи избори и наводно поништување на склучените договори со соседите.
Доколку нема други мотиви освен јавно декларираните на релевантните големи политички партии кои се речиси идентични за најзначајните државни интереси, мудрата опозиција би препуштила најтешките, болни и непопуларни одлуки да ги донесе актуелната власт, бидејќи истото ќе треба таа да го направи по евентуалното освојување на власта. Христијан Мицкоски и партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ тоа го знае и е подготвен за таквиот чекор. Мотивите за брзи избори на пролет или на есен, сеедно, не се во остварување на стратегиските државни интереси.