Две третини од Германците сметаат дека расизмот е голем
3 август 2018Дебатата за расизмот е жива, страстите и емоциите се нејзин составен дел. Поранешниот фудбалски репрезентативец Месут Озил се повлече од националниот тим, а одлуката ја поврза и со обвинувања за расизам на сметка на Германскиот фудбалски сојуз и неговиот претседател Рајнхард Гриндел.
Во моментов, две третини од Германците сметаат дека земјата има голем или многу голем проблем со расизмот. Тоа го покажува репрезентативното истражување на јавното мислење, спроведено на почетокот на неделава од страна на „Инфратест димап“. Истражувањето е спроведено по барање на телевизијата АРД и весникот „Велт“.
Пред сѐ приврзаниците на социјалдемократите, Левицата и Зелените се тие кои сметаат оти Германија има голем проблем со расизмот. На такво мислење се меѓу 73 и 77 проценти од нив. Наспроти тоа, 62% од симпатизерите на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) се на мислење дека во земјата има мал или дека воопшто нема проблем со расизмот. Мнозинството Германци со мигрантско потекло (68%) се на мислење дека земјата има голем проблем со расизмот, но тука се разликуваат само малку од Германците кои немаат странски кроени, зашто и во оваа група 63% испитаници се на истото мислење.
Успешноста на интеграцијата на доселениците, според мислењето на испитаниците, е и прашање на време. Според истражувањето, мнозинството (62%) смета дека луѓето кои со децении живеат во Германија се добро или многу добро интегрирани, додека само 28% истото би го рекле и за мигрантите кои во Германија дошле во последните години.
Повеќе:
#MeTwo: Расистичкото секојдневие на Германија
Случајот Озил и прашањето: колку е расистичка Германија?
Сепак, расизмот, азилот и бегалската политика во никој случај не се најважните теми за германските граѓани. Истражувањето покажува дека најгоре на листата на приоритети им е здравствената политика - 69% сметаат дека тоа е многу важно прашање. Тоа се должи пред сѐ на фактот што милиони Германци се упатени на нега, за што трошоците се големи, а недостигаат илајдници негуватели.