1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Декемвриска игра на големи и мали шаховски табли

Тони Поповски
4 декември 2021

Додека во шахот има јасни правила, во геополитичките игри, играчите играат според сопствени правила. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/43oSY
Symbolbild: Schach
Фотографија: Colourbox/S. Mironov

„Шахот е војна за табла. Целта е да се скрши умот на противникот“, е една од најпознатите изреки на Боби Фишер.

Како играч на шах, аматер, од лично искуство би потврдил дека шахот наликува на животот и тоа многу повеќе отколку што би посакувале. Иако неретко исходот во шаховските партии е реми, победите предизвикуваат радост барем до наредната партија, особено победи со стил, а поразите болат и после многу одиграни партии. Ако не сте подготвени бргу да се опоравите од пораз, подобро е да направите пауза во играње, или да престанете да играте, по можност навреме. Ќе избегнете дополнителен стрес, кој е лош за имунитетот.

Непо и Путин ги предизвикаа Карлсeн и Столтенберг

Сите љубители на шахот, во моментов го следат долгоочекуваниот дуел за светскиот шаховски престол. Предизвикувач е Јан Њипомниши, руски велемајстор, попознат како Непо, бидејќи освен него, сите останати имаат потешкотии правилно да го изговорат неговото презиме. Престолот веќе девет години го има „окупирано“ норвешкиот велемајстор, Магнус Карлсен. Двајцата играчи се од иста генерација, родени девет месеци (Јан) и 12 месеци (Магнус) по падот на Берлинскиот ѕид. До овој геополитички настан, шахот многу често беше инструментализиран во студената војна. Постарите меѓу нас се сеќаваат на спектакуларните дуели меѓу Фишер и Спаски и сите поврзани околности .

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони ПоповскиФотографија: privat

Влезот во декемвриските крупни и студени геополитички игри се случува на две локации, навидум околу Белорусија, но суштински околу Украина и околу далечниот Тајван. Во оваа игра, Русија и Кина се чини дека се во офанзива, а САД, НАТО и сојузниците како да се поставени во дефанзива, со повремени „контранапади“. Притоа треба да се има предвид дека за разлика од шахот како игра со јасни правила, во геополитичките игри, играчите играат според сопствени правила.

За нас секако од поголемо значење поради релативната близина е тензичната ситуација поврзана со Украина, за која тактичко загревање со мигрантска криза има на границата помеѓу Полска и Белорусија. Кризата околу Украина не случајно се продлабочува во момент на транзиција на власта во Германија, во пресрет на француските претседателски избори, и потрагата на ЕУ по стратешки компас. Истата го зафаќа Балтикот, но и Црното Море, со потенцијално влијание врз сите држави во овие региони, вклучувајќи го и нашиот источен сосед, каде значаен дел, особено на повозрасното население, негува емпатија кон Русија. Оваа емоционална поврзаност на Бугарите со Русија не се должи толку на примерното субординирање на Москва, од другата страна на железната завеса, колку на историскиот факт дека современата бугарска држава се оформува по ослободувањето на нејзината територија од страна на Русија во Руско-Турската војна (1877 - 78).

„Не верувам во психологија. Верувам во добри потези“ – Боби Фишер

Бидејќи современата политика е заснована на владеење преку задоволување на емоциите на избирачите, интересно е да се следи како бугарските социјалисти, како стара партија, со втор изборен резултат од партиите кои ќе ја сочинуваат новата бугарска Влада, ќе се постави по однос на украинската криза. Констатирањето на постоечката состојба на владење со Крим од страна на Русија, за време на изборната кампања, и покрај тоа што потоа беше дообјаснувано, веќе му создаде предизвици на реизбраниот Претседател на Бугарија, кој е од социјалистичко носталгична провиниенција.

Претходни колумни од авторот:

Ефект на германската пеперутка

Националното во рационалното и ирационалното

Нова сезона на нашиот политички трилер

Сево ова и не би имало врска со нас доколку не се земе предвид „ултиматумот“ на социјалистите до мандатарот Петков, да не отстапува од тврдата позиција кон нас. Како што објасни во нејзиното интервју после изборите, Нинова како Претседателка на БСП во оставка, посочи дека примарна целна група на партијата отсекогаш било повозрасното население и дека за „поразот“ на изборите (завршија како четврта партија) голем фактор било машинското гласање и воздржаноста на ова население да излезе да гласа поради ризик да не се посрамоти во контактот со изборната машина. Имајќи предвид дека рускиот претседател Владимир Путин е познат играч со способност да игра геополитички шах на повеќе помали, поблиски или оддалечени табли, со цел да ја добие играта на главната табла, на границата со Русија, секоја случајност со зголемените етнички тензии на Западниот Балкан, во српските, албанските и бугарските „светови“ можеби е, но можеби и не е случајна. Игра во која дури и разбирливиот афинитет кон Русија на многумина особено повозрасни Бугари, членови и симпатизери на БСП, може да биде пресуден фактор за опстојување на нивната блокада на нашиот европски пат.

„Еден лош потег поништува четириесет добри“ – Бернхард Хорвиц, германски, а потоа британски шаховски мајстор од 19-от век.

Во декемвриската игра на малите шаховски табли, секако е битно, како ќе ги одиграме наредните потези. Во моментов нашите играчи не обрнуваат должно внимание на игрите на големите табли, бидејќи едните се преокупирани со создавање поголемо собраниско мнозинство и проширена влада, а другите со правење притисок за предвремени собраниски избори. Иако на партиите тоа им е работа, да се борат за власт, сепак не е за отфрлање, одвреме-навреме, а особено кога играта на големите табли се вжештува, да седнат и да договорат мерки за јакнење на колективниот имунитет на државата и општеството. Овој пристап подразбира да запрат меѓусебните обвинувања за тоа кој е „вирус“, а кој е „антитело“. За внатрешна поларизација секогаш сме имале неограничени количества на гориво. Од таа причина, почесто губиме „шаховски“ партии отколку што ги добиваме. Колку за утеха, барем во преокупацијата на самите со себе, и во низата геополитички „шаховски“ порази, наликуваме на Унијата.

Како што почнав, така и ќе завршам, со една пригодна изрека на Зигберт Тараш, германски велемајстор, од крајот на 19 и почетокот на 20 век: „Не мора човек да игра добро, доволно е да игра подобро од противникот“. Би додал од „вистинскиот“ противник, ако умееме да го препознаеме.