1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дел Понте воздржана во Хрватска

Еберхард Нембах1 октомври 2005

Соработката генерално е добра, но сеуште стои нерешениот проблем со избеганиот екс-генерал Анте Готовина, изјави Карла Дел Понте во Загреб

https://p.dw.com/p/AchT
Плакат со Анте Готовина
Плакат со Анте ГотовинаФотографија: AP

Таа е разочарана што Готовина е сеуште на слобода, дури и ако во последните месеци имаше позитивен развој во однос на овој проблем, изјави главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте во Загреб. Деталите ќе им ги соопшти на министрите за надворешни работи на ЕУ, в понеделник. Нејзините партнери за разговор, хрватскиот претседател Стипе Месиќ и премиерот, Иво Санадер, се надеваа очигледно на попријателски зборови со оглед на тоа што некои земји на ЕУ ја ставија својата согласност за почеток на Хрватска запреговори за приклучување кон унијата во зависност од оценките на Дел Понте. Санадер, во разговорот со главниот обвинител на судот во Хаг, рече дека самиот на претставниците на ЕУ в понеделник ќе им објасни колку интензивно неговата влада трага по Анте Готовина.

Судирот околу испораката на осомничениот воен злосторник, Анте Готовина, им го спласна одушевувањето на голем број Хрвати од ЕУ. Во последните анкети, само една третина од испитаниците беа за приклучување кон унијата, додека мнозинството отфрла испорака на Готовина на Хашкиот трибунал. За повеќето Хрвати тој е херој:

“Готовина ја ослободи Хрватска. Европа не направи ништо кога Хрватска беше окупирана.“

Друга жена вели:

“Сеедно колку пари сакаат да дадат за да се предаде Готовина – тоа нема да им успее. Никогаш, никогаш! Зашто за нас тој е јунак а не злосторник, никогаш!“

Како командант на хрватската армија Готовина е осомничен дека е одговорен, меѓу другото, за убиство на 150 Срби, за протерувања и уништувања. Преговорите на Хрватска за приклучување кон унијата требаше да почнат уште пролетта , но поради нерешениот случај Готовина, тие се одложени во последен момент и тоа на неопределено време. Хрватската влада оттогаш се обидува да докаже колку интензивно трага по Готовина. Се сослушуваат роднини, се затвораат банковни сметки, а уапсен е и еден бизнисмен кој важи како најголем поддржувач на Готовина. Според последните сомневања на Карла Дел Понте, Готовина се крие во хрватски манастир. Против ваквото тврдење хрватскиот премиер Санадер се спротивставува категорично:

“Дозволете да кажам дека нема информација што сме ја добиле ,а која води до тоа дека генералот Готовина е во Хрватска. И последната изјава не е прецизна. Нема прецизни информации кои можат да ни бидат од помош.“

На ваквите трвдења не верува пред се Велика Бртианија, која заедно со неколку други земји на унијата отфрла преговори за приклучување на Хрватска. Како најважен поддржувач на хрватска во ЕУ важи Австрија, кој ги стави под знак прашалник преговорите со Турција. Но, поврзантост меѓу двете рашања нема, вели австриската министерка за надворешни работи, Урсула Пласник:

“Се работи за европскиот пат на Хрватска и за европскиот пат на Турција. Се проценува напредокот на секоја земја на овој пат. Убедени сме дека сега е дојден моментот за да се утврди конкретен датум за Хрватска и да се почне со преговори.“

Хрватските политичари во последните години целата политичка активност ја подредија на целта – приклучување кон ЕУ. Реформите ќе бидат продолжени во секој случај, потврдуваат претставниците на владата и опоаицијата – сеедно какво ќе биде решението на европските министри за надворешни работи.