Демонстрации против Путин на неговиот роденден
7 октомври 2017Претставници на опозицијата во Русија соопштија дека се уапсени демонстранти во градовите Твер и Самара, во централна Русија. На демонстрации повика опозицискиот политичар Алексеј Навални, а повод е 65-от роденден на рускиот претседател Владимир Путин. Навални имаше цел да мобилизира илјадници свои приврзаници. Планирани се собири во околу 80 градови во земјата. Најголем собир се очекува во Санкт Петербург, родниот град на Путин.
Руските власти во Москва и Санкт Петербург ги забранија планираните собири во центрите на двата града. И покрај тоа, во Москва на демонстрации излегоа неколку стотини луѓе, јави агенцијата АФП. Според очевидци, присуството на полицијата во центарот на главниот град е зголемено. Дозвола за протести не е издадена во повеќето градови во кои беа планирани демонстрации. Набљудувачите стравуваат дека се можни насилства и апсења. Руските медиуми јавија дека ноќеска во градот Краснодар, во јужна Русија, е уапсен шефот на штабот на Навални. Министерството за внатрешни работи на Русија за агенцијата Тас ја потврди оваа информација.
Навални не може лично да излезе на протести, поради тоа што е во притвор. Причина: повеќекратен повик на недозволени протести. Тој беше уапсен на крајот на септември.