1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден Д за францускиот предлог во Собранието

ДТЗ
14 јули 2022

Ќе допрат ли пораките на Урсула фон дер Лајен до сите пратеници во Собранието? Иако е потребно просто мнозинство, исходот на денешните случувања е неизвесен до крај, меѓу другото и поради најавените протести.

https://p.dw.com/p/4E5Ou
Belgien EU Gipfel Ursula von der Leyen
Фотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP photo/picture alliance

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска доаѓа во Скопје со мошне набиена дипломатска агенда. По утринската средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски и пладневните разговори со премиерот Димитар Ковачевски и со собранискиот спикер, Талат Џафери, таа во 13 часот ќе има обраќање пред македонските пратеници. Половина час подоцна ќе почне пленарната седница со една точка на дневен ред -  францускиот предлог за одблокирање на евроинтеграции, околу којшто веќе две недели се кршат копјата во земјата.

Доаѓањето на високиот претставник на Европската комисија во земјата се толкува како гест на поддршка на македонските евроинтеграции, но и последен обид на европските дипломати да укажат за важноста од донесувањето на една тешка одлука - прифаќањето на предлог-преговарачката рамка, која за дел од партиите во парламентот е неприфатлива и длабоко задира во македонскиот идентитет и јазик. Холандскиот амбасадор во земјата, Дирк Јан Коп, во средата порача дека овој компромис „нема да победи на натпревар по убавина“, но дефинитивно ќе ја однесе земјата во ЕУ. 

Nord-Mazedonien Skopje | Neue Regierung | Premierminister Dimitar Kovacevski
Премиерот Димитар Ковачевски очекува од партиите да се однесуваат одговорно и државничкиФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Додека премиерот Димитар Ковачевски очекува од пратениците да размислуваат државнички, како претставници на народот, пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека Фон дер Лајен ќе се обиде со убави зборови да го амортизира францускиот предлог во Собранието, но дека пратениците на опозицијата ќе го разобличат тоа. Левица најавува „Ден Д“ и протести пред Собранието за време на седницата. 

(Не)извесен исход 

Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка која што влегува во собраниска процедура се носи со просто мнозинство, односно со 41 пратеник од присутни 61. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски деновиве порача дека усвојувањето, односно неусвојувањето на оваа информација нема да смени ништо посебно, бидејќи Владата веќе го прифати документот. Во меѓувреме и партиите од албанскиот блок се изјаснија дека францускиот предлог е прифатлив за нив. Но, дел од помалите партии кои се дел од владејачката коалиција се уште размислуваат кое копче да го притиснат на собраниската седница, поради што исходот на седницата е се уште неизвесен. 

Опозицискиот блок ќе ги ислуша пораките на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но повеќе од јасно е дека нивниот став околу предлогот е веќе зацементиран. Своето незадоволство тие го изразија и со протести на улиците кои траат веќе 11 дена, а продолжуваат и денеска. 

Nord-Mazedonien Skopje | Protest gegen EU-Politik & Bulgarien
Опозицискиот блок ќе ги ислуша пораките Урсула фон дер Лајен, но повеќе од јасно е дека нивниот став околу предлогот е веќе зацементиранФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пратеникот Антонијо Милошоски на прес-конференција ги повтори партиските ставови дека предлогот за симнување на ветото е без преседан. „Се бара да се ревидира историја и да се промени Уставот за воопшто да може да почне преговори, и тие да бидат врзани со натамошни промени на учебници и историски личности. Тоа е понижувачки“, рече тој. 

Потенцирајќи дека многу видни лидери од Европа имале обраќање во македонскиот парламент, но тоа било бескорисно, тој истакна дека „Македонија знае што е добро за неа, а што не е добро“. „Во моментов сме соочени со уцена која утре со убави зборови ќе се обиде да ја амортизира и сегашната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Го почитуваме нејзиното време, но си го почитуваме и нашето достоинство и знаеме што е добро, а што не е добро за Македонија“, рече Милошоски. За ВМРО-ДПМНЕ се прифатливи заклучоци со кои ќе се бара од францускиот предлог да се исфрлат билатералниот протокол и сите други уцени вклучувајќи ја и промената со која Бугарите треба да влезат во Уставот. Со оглед на тоа дека за оваа измена е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, опозицијата најавува дека нема да дозволи оваа измена да помине во законодавниот дом. 

Државничка одлука 

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА порача дека очекува плодна и суштинска дискусија во Собранието.  „Очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата, која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии“, вели Ковачевски.

Во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи. Заклучоците кои ќе се донесат практично ќе ја задолжат Владата, во процесот на преговори да води исклучителна грижа за црвените линии и да се обврзе на заштита на националниот идентитет. Во таа насока владејачката СДСМ го има поднесено заклучоци со кои се гарантира безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, за кои со ЕУ во ниту еден момент не се преговара. 

„Бараме овие заклучоци да бидат единствени заклучоци за сите политички субјекти - чинители во Собранието“, порача Миле Талески, пратеник на СДСМ. До Собранието пред неколку дена предлог-заклучоци поднесе и пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој се надева дека тие ќе помогнат да се постигне компромисно решение меѓу партиите. 

Безбедносни мерки 

Поради протестите коишто се најавуваат за напладне, МВР најавува дека ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во однос на утрешната седница на која ќе се дискутира за францускиот предлог.

Nord-Mazedonien Skopje | Protest gegen EU-Politik & Bulgarien
Поради протестите коишто се најавуваат за напладне, МВР најавува дека ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратеницитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Секако дека протести, јавно изразување на својот став, мислење итн., е демократска вредност, демократско право, меѓутоа тоа мора да биде и на демократски начин. Демократијата не подразбира анархично однесување, напротив демократијата подразбира однесување во рамките на законот. Апелирам до сите, пред сè до организаторите на овие собири, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што имаат испратено допис пред неколку дена како организатори на тие собири, секако тука се и други политички структури како Левица итн., здруженија на граѓани да направиме сè на мирен и достоинствен начин да поминуваат сите овие собири“, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема