1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Објавен толковен речник со 100.000 зборови

ДТЗ
5 мај 2021

Македонците се народ со богата лексика, со долга јазична традиција и со лексичко наследство кое не може да се оспори, порача премиерот Зоран Заев. Речникот е достапен на дигиталната платформа makedonski.gov.mk

https://p.dw.com/p/3t0tp
Mazedonien Skopje Bücher
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Македонците се народ со богата лексика, со долга јазична традиција и со лексичко наследство кое не може да се оспори. Ова го порача премиерот Зоран Заев на промоцијата по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај на интерактивната платформа makedonski.gov.mk, на која од денеска достапен во електронска верзија и бесплатен за користење е Tолковниот речник на македонскиот јазик (ТРМЈ). Во шест тома и со над 100 илјади зборови дигиталниот Толковен речник во иднина ќе им биде достапен на проучувачите на македонскиот јазик и на сите граѓани, вклучително и на дијаспората. Наскоро на платформата ќе биде поставен и Правописот на македонскиот јазик кој онлајн-верзија има од пред две години. 

-повеќе на темата: Посланието на Блаже Конески до Македонците

Авторите и редакцијата на ТРМЈ ги подготвија печатените 4200 страници за електронското издание, откако по предлог на Советот за македонски јазик и на барање на Институтот за македонски јазик, Владата одлучи трајно да ги откупи материјалните права на составувачите на лексикографскиот труд.
Премиерот Зоран Заев на промоцијата, која беше организирана во Спомен-собата на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик, им порача на лингвистите и сите македонисти во светот да го ползуваат отворениот ресурс на дигитализираниот Речник како изворник за создавање на многу други специјализирани речници. 
„Токму вака се сака јазикот. Кога алатките за описменување и правилно користење на македонскиот јазик стануваат лесно достапни секому, покажувате грижа за јазикот. Кога овозможувате иднина преку платформа, која ќе овозможи развој на јазикот, покажувате конкретен чекор за заштита на јазикот“, рече Заев. 

-повеќе на темата: Ден на словенската писменост- Јазикот е наша татковина

Претседателот Стево Пендаровски, кој е и покровител на „Годината на Конески" – манифестацијата по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески, потенцираше дека Конески бил свесен оти македонскиот јазик и писменост имаат долг временски континуитет и дека процесот што го почнале преродбениците во 19 век, кулминирал со Крсте Петков Мисирков.
„Конески, како и Мисирков пред него, бил свесен дека јазикот ја дели судбината на народот што е негов носител. Македонскиот јазик му дава легитимитет на македонскиот идентитет и затоа Конески сметал дека нашето јазично прашање ние сами треба да го решаваме и никој нема право да ни се меша во тоа. Македонскиот јазик е наше приватно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија. Затоа и со последната статија, Конески нè потсетува на нашата обврска да го продолжиме делото на неговата генерација, вложувајќи во македонскиот јазик“, истакна Пендаровски.