1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на жалост за жртвите од невремето во Македонија

ЖА/мета/афп8 август 2016

Македонија денеска одбележува Ден на жалост во чест на загинатите 21 лице во големото невреме кое ги зафати Скопскиот и Тетовскиот регион на викендот.

https://p.dw.com/p/1JdLw
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Денеска е Ден на жалост во Македонија, според одлуката на Владата донесена вчера по страшното невреме со 21 жртва. Знамињата пред владата се на половина копје во знак на жалост.

Според последната информација од Министерството за внатрешни работи по катастрофалното невреме во Македонија на викендот, од пронајдените 21 загинато лице, 20 се идентификувани и предадени на семејствата, а една жртва не е идентификувана. Загинатите се главно во реонот на приградските населби Сингелиќ, Стајковци, Црешево и обиколницата кај Смилковци. Најголем дел од жртвите се удавиле, меѓу нив и едно осумгодишно девојче. Некои биле затекнати во автомобилите и понесени од водната стихија или зафатени од свлечишта.

На вчерашната вонредна седница, Владата донесе одлука на семејствата со загинати да им додели еднократна парична помош од 300.000 денари, а претходно такви одлуки донесоа Градот Скопје за 180.000 денари и општина Гази Баба за 100.000 денари.

Во скопскиот и тетовскиот регион е прогласена кризна состојба во наредните 15 дена.