Ден на одлука за „Мерцедес“
19 јуни 2013Исклучување од натпреварите за Светското првенство? Висока парична казна? Или осолободителна пресуда? Сите три опции се во „игра“ кога утре (20.06.) ќе се состанат независини судии на Меѓународниот суд на Светскиот автомобилски сојуз (ФИА) за да пресудат во случајот која веќе со недели е една од главните теми во Формула1 (Ф1).
На обвинителната клупа е „Мерцедес“, германската екипа која во Париз ќе ја претставува шефот на тимот, Рос Браун, се разбира со поддршка на многубројни стручњаци и бројни адвокати.
Дали историјата ќе се повтори? Во септември 2007. година во Париз веќе беше еднаш одржано маратонско, седумчасовно заседание на ФИА, на кое тогашната екипа на „МекЛарен-Мерцедес“ беше казнета со рекордни 100 милиони американски долари. Британско-германскиот тим беше прогласен за виновен во „аферата со шпионажа“.
На екипата и‘ беа одземени сите бодови освоени во конкуренција на конструктори. Тогашните пилоти Фернандо Алонзо (денес „Ферари“) и Луис Хамилтон („Мерцедес“) не сносеа никакви последици.
ФИА тогаш сметаше дека е докажано дека „МекЛарен-Мерцедес“ активно поттикнувал индустриска шпионажа и дека екипата поседувала доверливи информации за конкурентот „Ферари“. Сепак не беше докажано дека „МекЛарен -Мерцедес“ тие податоци ги искористил за на пистата да ја претекне италијанската екипа.
Дали е „Мерцедес“ виновен?
Спорните (наводни) тестови биле спроведени меѓу 15. и 17. мај оваа година во близина на Барселона. Нико Розберг и неговиот тимски колега Луис Хамилтон на молба на „Пирели“ ги испробале новите пневматици на овој производител.
Во Шпанија биле извозени околу 1.000 километри, на околу 10 % проценти од оваа дистанца биле користени гуми на „Пирели“ кои се наменети за употреба во текот на оваа сезона, а не дури за идната сезона. Ова е клучната информација во целиот случај.
Имено, „Мерцедес“ се обвинува дека со тестот ги игнорирал правилата (со кои за време на тековната сезона не е дозволено тестирање на актуелните гуми на болидите) и така остварил предност во однос на конкуренцијата. Ваквите тестови ги забранува член 22 од спортските правила на ФИА. Екипите на „Ред Бул“, „Ферари“ и „Лотус“ затоа тврдат дека се работи за кршење на правилата.
Шефовите на „Мерцедес“ мораат критички да се запрашаат дали можеби сепак направиле грешка во Барселона? Иако Браун и неговите колеги тврдат дека пробните возења биле „приватни тестови“ на „Пирели“, и дека ништо не било тајно.