Денеска разговор со Софија за билатералниот протокол?
4 јули 2022Во понеделник е закажана онлајн средба со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска за билатералниот протокол, но таа не е поврзана со рамката, и тој ќе биде потпишан кога Владата на Република Северна Македонија ќе го одобри целиот пакет, објави БНР.
Според македонските власти протоколот не е потишан бидејќи сѐ уште не е усогласен.
По боројните шпекулации околу францускиот предлог (основен или модифициран), на прашање од БНР од бугарското Министерство за надворешни работи изјавиле дека се запознаени со сите предлози на француското претседателство со Советот на ЕУ и прецизирале дека „дејствата на бугарските институции не можат да излезат надвор од рамката создадена со собраниската одлука од 24-ти јуни годинава, во врска со проширувањето на ЕУ и со преговарачкиот процес на Република Северна Македонија“.
„Во соседната земја во моментов има процедура за прифаќање на предлогот на француското претседателство, а евентуалните шпекулации за ова прашање кај нас би можеле негативно да се одразат на тамошните процеси“, изјавиле за БНР од бугарското МНР.
За разлика од ставот на МНР, бугарските политичари викендов не беа молчеливи. Мандатарот за состав на нова влада, Асен Василев од „Продолжуваме со промената“, изјави дека бугарските власти си ја завршиле работата во однос на францускиот предлог.
„Ние ја завршивме нашата работа и гледате дека колегите од Северна Македонија од една или од друга причина го сметаат овој предлог за премногу пробугарски. Да бидеме задоволни од тоа што овој пробугарски предлог им создава проблеми на соседите, а не нам“, изјави Василев по разговорите со „Демократска Бугарија“ за формирање влада.
Ваквите изјави не му помагаат на македонскиот политички врв во објаснувањето дека предлогот ги штити македонските интереси. Дури и Христо Иванов, копретседателот на Демократска Бугарија - партија од владината коалиција, кој важеше за најумерен во однос на прашањето со РСМ, настапи со аргументи кои ја делегитимираат аргументацијата на македонските власти.
„Во моментов политичката елита во Скопје се обидува да ја промени реториката во однос на решението, користејќи, според мене, некакви несуштествени промени, како аргумент за да го убеди македонското општество дека треба да го прифати тоа што го има како можност. И тоа е добро (...) Оттука натаму, претстојат десет долги години, а може и да се повеќе, во кои Македонија ќе преговара со ЕУ. Ние во целиот тој процес ќе ја зачуваме нашата можност да укажуваме различен степен на притисок, вклучително со поддршката на Европската Комисија и на Советот на ЕУ, за нашите интереси“, рече Иванов во дебата на БНТ.
Нови консултации
Ваквите изјави доѓаат во време кога во РСМ течат широки консултации за францускиот предлог. По вчерашната седницата на националниот Совет за безбедност, претседателот Стево Пендаровски изјави дека за него модифицираниот француски предлог е прифатлив. Во случај Владата да го прифати предлогот, тој очекува во заклучоците да има реченица - дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, ако има дополнителни обиди од бугарска или која било страна повторно да се споменуваат прашањата за македонски јазик, идентитет и историја, не треба да чекаме некој да не блокира, туку сами треба да излеземе од преговорите.
По консултациите со владините партнери и со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, синоќа имало нови консултации со помалите коалициски партнери во Владата кои имаа забелешки за францускиот предлог и подготвуваат нивни заклучоци. Консултациите денеска ќе продолжат во 11 часот, кога е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
По вчерашната тет-ат-тет средба Ковачевски -Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека за нив предлогот е неприфатлив. Мицкоски му предложил на Ковачевски две опции: власта да го одбие предлогот и ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори, или да се избришаат четири точки од предлогот.
Премиерот смета дека не треба лесно да се отфрла предлогот.
„Имаме неповторлива можност за обезбедување просперитет на државата, затоа што им го должиме тоа на идните генерации. Време е за мудри одлуки“, рече Ковачевски по средбата. Тој им порача на граѓаните дека е лесно да се отфрли предлогот, но во моментот е потребна мудрост, анализа на сценаријата и рационално размислување.
Се очекува дебата да има и во органите на СДСМ, со оглед на информациите дека и во редовите на социјалдемократите имало незадоволство од францускиот предлог.
Не сме можеле повеќе
Дали македонската влада можела и може да издејствува подобри решенија? Според шефот на државата - не.
„Да бидам искрен, убеден сум дека не сме можеле. Држава со 1,8 милиони жители и просечна плата од 500 евра, толку може од позиција на кандидат за членство. Не тврдам дека во преговорите за сето време во изминативе 2 години не можело да се добие и нешто поквалитетно во одредени аспекти, но, тоа евентуално би биле детали, не би биле суштина сигурно“, изјави вчера Пендаровски.
Во Софија, пак, доминира впечаток за огромен успех на нивната дипломатија. Даниел Лорер, министер за иновации и развој во оставка, францускиот предлог го оцени како „чудо на бугарската дипломатија“.
„Во однос на Северна Македонија нашата влада одново коригираше еден дефект од минатите години - дипломатија која не постоеше. Всушност, со години никој не разбираше што бара Бугарија од таа пуста Македонија. И како резултат на тоа, никој ни во Европа ни во Америка не можеше да артикулира - зошто не се разбираат тие таму на Балканот - каков е проблемот? Со години бугарската дипломатија беш во полн застој, а во овие шест месеци владата на Петков најпосле успеа да објасни што сака Бугарија, зошто не сака Македонија да влезе така во Сојузот, и како што гледате - се случи чудо. Европа не само што разбра дека сакаме права за македонските Бугари и запирање на говорот на омраза, туку Европа рече: ‘Аха, тоа ќе влезе во преговарачката рамка. Јас, ЕУ, застанувам на страната на Бугарија и ќе бидам гарант дека Македонија тоа ќе го почитува’“, изјави Лорер на БНТ4.
Запрашан дали историските прашања навистина остануваат надвор од рамката за преговори, како што тврдат во РСМ, тој не даде директен одговор.
„Никој нема да ни ја заврши нашата работа во целост. Следните бугарски администрации мора да внимаваат на нашиот интерес - ако треба повторно да се стави вето доколку работите излезат од контрола. Ова е огромното достигнување на бугарската дипломатија во овој момент“, изјави Лорер.