1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот Д за кадровски предлог за МВР

2 јануари 2020

Отсуството на Ковачки од состанокот на Мицкоски со предложените кандидати за техничката влада, индицира дека ВМРО-ДПМНЕ денеска може да предложи друг кандидат за министер за внатрешни работи.

https://p.dw.com/p/3VaQU
Mazedonien Skopje Hauptquartier des Innenministeriums
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска треба да одржи прес-конференција, по која се очекува да заврши неизвесноста околу комплетирањето на нивните кадровски предлози за техничката влада. На првиот ден од Новата Година, Мицкоски објави видео од состанокот одржан со другите предложени кандидати  - за министер во ресорот труд, како и со предложените за заменици-министри во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација. Од видеото се гледа дека на тој состанок не е присутен полковникот во АРМ, Драган Ковачки, кого партијата го предложи за технички министер за внатрешни работи, а СДСМ тој предлог го одби како неуставен, повторувајќи го истиот став и вчера. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој по трети јануари треба да биде премиер на техничката влада, вчера потенцираше дека Уставот мора да се почитува и изрази надеж дека опозицијата ќе предложи нов кандидат за министер за внатрешни работи.

„Мислам дека тоа ќе го направат, и заеднички ќе влеземе во таа преодна влада, која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите“, рече Спасовски.

Нов предлог за МВР

И самото отсуството на Ковачки од вчерашниот состанок со Мицкоски индицира дека ВМРО-ДПМНЕ денеска може да предложи друг кандидат за ресорот внатрешни работи, иако Мицкоски вчера не навести ништо конкретно во таа насока.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ветив работа и жилава посветеност која мора да донесе реални резултати затоа што народот не смее да биде разочаран, а илјадници судбини чекаат подобри времиња и промени, заедно да работиме за Македонија која се обновува. Тоа е голема одговорност која ја прифаќам. За добар почеток на годината, на состанок со мојот кабинет и луѓето кои ќе имаат одговорна задача во техничката влада да ја заштитат народната волја. Новата година носи надеж, шанса и промени кои ќе донесат обнова. Нека е среќна и бериќетна", напиша Мицкоски на Фејсбук.

Повеќе:

-ВМРО-ДПМНЕ во четврток ќе го каже конечниот збор

-Техничка влада - да, милитаризација на МВР - не!

-Мицкоски ги стокми кандидатите, СДСМ ќе решава вечерва

Во јавноста се шпекулира со неколку имиња од кои ВМРО-ДПМНЕ би можела да селектира друг кандидат за технички министер за внатрешни работи. Дел од оние кои се спомнуваат имаат професионално искуство во ресорот. ДВ нема да ги објави тие имиња, бидејќи од партијата не потврдуваат, и се воздржани по прашањето со каков став ќе излезат на денешната прес-конференција.

Неспорни предлози

Другите предлози на ВМРО-ДПМНЕ кои се прифатливи се власта, се веќе познати: за министер за труд и социјална политика е предложена Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија. За заменици-министри се предложени: во ресорот информатичко општество и администрација - актуелната пратеничка Невенка Стаменковска Стојковски; во финансии  - Гордана Димитриеска Кочоска, магистер по економски науки; а во ресорот земјоделство - Цветан Трипуновски, поранешен пратеник и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ. 

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

СДСМ минатата недела ги соопшти имињата на нивните членови во техничката влада. Технички премиер ќе биде актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а дополнителен заменик-министер во МВР ќе биде Славјанка Петровска, која сега е шеф на кабинетот на Спасовски. Дополнителен заменик-министер во Министерството за труд ќе биде Санела Шкријељ, исто така актуелен шеф на кабинетот на министерката Мила Царовска. Царовска се „сели“ на позицијата вицепремиер за економски прашања и координација на економските ресори во Владата, откако Кочо Анѓушев најави повлекување од таа функција.