1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Денот на жените 2018: Што ни донесе #MeToo?

Мелина Грундман
8 март 2018

Ќе стане ли #MeТoо историја во движењето за женски права? Или дебатата за сексуално вознемирување е само краткорочен тренд? Развојот во светот покажува: #MeТoо ги обединува жените од цел свет во борбата за нивните права.

https://p.dw.com/p/2twbM
Proteste beim Weltfrauentag in Asien Südkorea
Фотографија: Reuters/Kim Hng-Ji

Глумицата Алиса Милано во октомври 2017. година во твит ги повика нејзините фанови да пишуват за #MeТoо ако некогаш биле сексуално вознемирувани. Со огромна брзина акцијата се прошири низ цел свет и ѝ се приклучија милиони жени. Со оглед на тоа дека кампањата пред сѐ ја поддржуваат актерки и луѓе од филмската бранша, критичарите ја оценуваат како површна. Образложението гласи: #MeТoо е дебата на западњачката општествена елита и не ја погодува суштината на сексуалното насилство врз жените. Но, дебатата стигна и до жените надвор од шоу бизнисот. Хаштагот се користеше и во муслиманскиот свет, особено откако Каиро од фондацијата „Ројтерс“ беше прогласен за најопасен град за жени поради што жените од арапскиот свет ѝ се приклучија на кампањата. Криста Штоле, претседател на организацијата „Земја на жените" којашто низ целиот свет се бори за родова еднаквост и право на самоопределување на жените и девојките, се надева дека дебатата сепак нешто придвижила: „Јас сум оптимист дека дебатата ќе се оддржи во живот и дека ќе ги охрабри жените да ги пријават сторителите и јавно да зборуваат за своите чуства и проблеми."

Стоп за насилството врз жените. Доста е!

И Уте Герхард, поборник за женски права и раководител на првата катедра за истражување на женски и родови права во Германија им се спротивставува на критичарите: „Сметам дека е многу важно што излезе во јавност целата димензија на сексуално вознемирување, понижување и дискриминација на жените во професионалниот живот, а дебатите добиваат најмногу внимание кога познати луѓе ги поддржуваат. Истото се случуваше и со прашањето на абортусот."

Кога на почетокот на 70-те години во Германија се дебатираше на жените да им се одобри право на абортус без да бидат кривично гонети, неколку јавни личности меѓу кои и Роми Шнајдер и Сента Бергер во манифестот на Алис Шварцер обзнанија дека имаат абортирано. Таа акција се смета за пресврт во движењето за женските права во Германија. Според Герхард, актуелната #MeТoо дебата не е нов пресврт, но таа смета дека може да доведе до реформи со кои би се заострила законската одредба за сексуално вознемирување. Според актуелните закони сексуално вознемирување не е казниво ако е вербално или со гестикулација.

Vergewaltigungsopfer in Großbritannien #MeToo movement

Насилство против жени

Генерално, насилството против жените во светот е голем проблем, но исто така и во Германија, потенцира Штоле. „Што се однесува до насилството врз жените, не се разликуваме многу од другите земји. И во Германија секоја четврта жена, барем еднаш во животот, била жртва на семејно насилство. Се разбира постојат и поекстремни форми на насилство отколку овие во Германија, како на пример, обрежување на гениталии. Но, насилството од страна на мажите секогаш ги ограничува жените и ги плаши. Но, ние барем имаме центри за заштита на жени и советувалишта, за разлика од Африка или Јужна Америка каде вакви центри не постојат."

Повеќе на темата: 

#Репост: 8. март: Како до еднакви можности за жените и мажите?

Зошто 2018-та е година на жените?

Моја Европа: #MeToo е само почеток

#СегаКажувам - крик против сексуалното вознемирување

Друг проблем во Германија којшто во најширока смисла е поврзан со #MeТoо и со условите за работа што ги наложуваат мажите е разликата во платите меѓу мажите и жените. Индексот gender pay gap ги покажува разликите во платите меѓу родовите. Според овој индекс, жените во Германија, кога се земаат во предвид факторите како половина работно време, позицијата во фирмата или пак браншата, заработуваат 6% помалку отколку мажите на истите позиции. За да се неутрализира нееднаквоста, Герхард предлага да се етаблираат мерки кои работодавците ќе ги поттикнат да исплаќаат еднакви плати. На пример, така што државните субвенции ќе бидат условени со еднаквост на платите.

Symbolbild Stopp sexuelle Belästigung!
Фотографија: Imago/Reporters

Недостасува солидарност

Герхард нагласува дека во Германија има премалку жени кои се борат за своите права. Таа и покрај актуелноста на иницијативи како #MeТoо, Timesup и слични, смета дека недостасува солидарност меѓу жените. Често пати самите жени не можат да постигнат согласност, на пример, оние коишто работат и домаќинките, по прашањето на воспитувањето на децата. „Жените по вакви прашања мора јасно да се поддржуваат, без разлика на различните интереси и мора да покажат солидарност, " вели Герхард.

И во земји како Буркина Фасо во која активистки се борат против обрежување на гениталии, најчесто ги попречуват други жени коишто се ориентирани кон традиционалните вредности. „Активистките мора да трпат лични напади и навреди коишто најчесто доаѓаат од потесното семејство. Тоа е тешко и бара многу сила."

Во таа смисла дебатата #MeТoо според Штоле и Герхард е знак на солидарност којшто го придвижи важниот процес на градење на свеста и коешто во Германија веќе следната година би можело да придонесе за промена на законската регулатива. Но, за двете најважно е пред сѐ преку постојани акции да се насочува вниманието во општеството врз проблеми кои водат до нееднаквост. А #MeТoо е во секој случај една од таквите акции.