Компликуваниот однос меѓу Германија и Сирија
15 март 2021Минатиот месец Германија стана првата држава која во согласност со меѓународното право осудила поранешен соработник на озлогласената сириска Воена контраразузнавачка служба. Пресудата е донесена по повеќемесечни сведоштва за систематско кршење на човековите права.
Кратко претходно, Германија стаса на насловните страни како прва европска сила која ситуацијата во Сирија ја прогласи за доволно безбедна за да може да се депортираат луѓето на кои во Германија ќе им биде отфрлено барањето за азил. Оваа одлука со гласање беше донесена на конференцијата на министрите за внатрешни работи на германските покраини.
Овие два настани го отсликуваат компликуваниот однос на двете земји. Околу 800.000 луѓе во изминативе десет години во Германија си пронајдоа нов дом. Но поголемиот дел од нив ужива таканаречена субсидијарна заштита– се отвора прашањето дали тие ќе мора да се вратат дома кога Сирија ќе се стабилизира до одредено ниво.
Популистички тенденции
На почетокот од месецов берлинскиот „Тагесцајтунг“ ги праша владите на германските покраини во чија надлежност се депортациите, дали веќе има присилно враќање на Сиријци во татковината и дали такво нешто се планира? Досега немало депортации, а некои од нив одговорија дека на ова може да се спротивстават судовите кои мора да го одобрат тоа за секој поединечен случај.
Повеќе:
-Експерти за бегалците: „Не смее да се повтори 2015-та“
-Ескалација во Идлиб: Се заканува ли нов бегалски бран?
-Германија сака да се ангажира во Сирија, во содејство со Русија
Тогаш како да се објасни оваа „шизофрена“ одлука во врска со Сирија? „Овде на дело се гледаат целосно различни нивоа на власт“, појаснува Рене Вилдангел, експерт за односите на ЕУ со Блискиот Исток. Одлуките кои ги донесоа министрите за внатрешни работи на покраинско ниво не ги одразуваат нужно политичките ставови на државно ниво.
Критичарите, дозволата за депортација ја опишаа како популизам и умилкување на гласачите на кои им е преку глава од бегалската криза. „А ова е изборна година“, вели Вилдангел, „па оттука популистичката дебата и не е изненадување.“ Тој додава дека некои политичари сакаат да демонстрираат остар став иако веројатно нема да можат никого да депортираат во Сирија.
Отворен пат напред
Од друга страна, пресудата на судот во Кобленц – каде во февруари на четири и пол години затвор е осуден Ејад А. – беше возможна само поради тоа шро во Германија како бегалци дојдоа илјадници потенцијални сведоци на воените злосторства во Сирија. Во меѓувреме му се суди и на полковникот на сириската војска Анвар Р. Тој се товари дека ги водел истрагите во озлогласеното „Одделение 251“ каде извршувал злосторства против човештвото.
Во овој поглед, германскиот правосуден систем е исто така единствен – тој може да гони сторители на воени злосторства без оглед од каде потекнуваат и каде тие злосторства се сторени. Германските истражители работат и на сириски случаи од 2011 година.
Како што им кажа јавниот обвинител Јаспер Клинге, на медиумите на почетокот од судењето во Кобленц „ние (Германците) имаме историска одговорност да водиме вакви процеси.“
Односите со Асад
Но, без оглед на тоа што на неговите луѓе им се суди за воени злосторства, Германија како и останатиот дел од ЕУ, веројатно ќе биде принудена да ги обнови односите со државата со која и понатаму раководи Башар Ел Асад. Овие односи никогаш не биле целосно прекинати.“
„Иако Германија ја затвори амбасадата во Дамаск, таа никогаш не ги прекина целосно односите со Сирија„, вели за ДВ Стефан Талмон, професор на Институтот за меѓународно право на Универзитетот во Бон.
Како и поголемиот дел од европските држави, освен Бугарија и Романија, и Германија во 2012 ја затвори амбасадата во Дамаск. Но, Талмон посочува дека се уште има сириска амбасада во Берлин и очигледно има одредени меѓусебни контакти на административно ниво.
Германските експерти предлагаат евентуалното затоплување на односите со Дамаск да биде условено со воспоставување на правна држава во Сирија.