Десетици илјади Италијанци и Шпанци на протести против штедењето
28 октомври 2012Десетици илјади демонстранти се собраа во Рим на митинг кој го организираа синдикати и левичарски партии во знак на протест поради владините мерки за штедење.
Демонстрантите носеа транспаренти со натписи „Монти заминувај“, упатени до премиерот Марио Монти, незадоволни од низата структурни реформи кои владата ги воведе во обид да ја совлада должничката криза. На чело на протестната колона беа носени и марионети кои ги претставуваа италијанскиот премиер Монти, но и германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Барак Обама.
Демонстрациите беа одржани со масовно присуство на полиција. На демонстрантите им се придружија и жители на области погодени од земјотресот во регионот на Емилиа Романа. Стапката на невработеност во Италија е 10,7 отсто, но таа цифра е многу повисока кај младите.
И во шпанскиот главен град Мадрид повторно илјадници луѓе протестираа пред зградата на парламентот извикувајќи „Оставка“. Тие беа гневни и ги обвинуваа пратениците за несоодветно претставување. Владата на шпанскиот премиер Мариано Рахој планира до 2014. година да заштеди 150 милијарди евра. Предвидени се, меѓу другото, кратења во образованието, воведување повисок данок на додадена вредност и продолжување на, годинава повторно воведениот, данок на имот. Освен тоа, трета година по ред треба да бидат замрзнати платите на државните службеници.