Десничарскиот терор и потфрлањето на државата
12 јули 2018Канцеларката беше облечена во црно кога во февруари 2012 година застана на говорица и почна да ветува. Тој зимски ден во Берлин се собра целиот германски државен врв, за да им оддаде почит. Жртвите не беа ни познати ни моќни. Освен еден исклучок, сите беа мигранти. Затоа десничарските терористи од самонареченото Националсоцијалистичко подземје (НСУ) и ги убија.
Шест години убивачката банда- трио со бројни помагачи- крстосуваше низ Германија, крадеше, подметнуваше бомби, убиваше. Мотивот - расистичка омраза кон доселениците. И никој не ги запре. Ни полицијата, ни тајната служба, ниту политичката власт.
Сомневања кон жртвите
Дури и полошо: германските истражни органи за убиствата ги сомничеа семејствата на жртвите, мигранското милје, сето го опишуваа како меѓусебен конфликт меѓу криминални доселеници, како турски нарко-дилери и мафијаши. Расистичките клишеа беа водилки на полициската истрага. За Германија, така горда на соочувањето со нацистичките злосторства, тоа беше морален банкрот. Дно за една држава.
Повеќе:
-Доживотен затвор за неонацистката Беате Чепе
-Семејствата на жртвите на неонацистичките убиства бараат објаснување
Но, тој февруарски ден пред повеќе од 6 години канцеларката им се извини на семејствата на десетте жртви. И вети: „Ќе сториме сѐ да ги разјасниме убиствата, да ги откриеме помагачите на помагачите и луѓето од заднина и сите сторители праведно ќе ги казниме“. Беше тоа големо ветување.
И голема надеж вложија семејствата на жртвите во судскиот процес воден против членката на НСУ Беате Чепе- останатите два члена извршија самоубиство-и помагачите. Сега е завршен најспектакуларниот процес во Германија во последните неколку децении. Јасно е дека ветувањето не е одржано.
Бидејќи напорите на политиката и на правосудството работата да се разјасни до крај не траеја долго. Брзо сѐ помалку или повеќе се сведе на првообвинетата Беате Чепе чие име и лице во меѓувреме ги знае секој. Мрежата на помагачи и симпатизери кои сторителите морале да ги имаат за време на животот во илегала, очигледната вмешаност на тајните служби- сето тоа е постепено заборавено. Заборави и канцеларката.
До денес тајните служби и министерствата подигаат ѕидови на молк кога ќе се постави прашањето за нивната одговорност. На обвинителната клупа се најде само мал дел од мрежата на помагачи.
Омразата дојде во парламентот
Грешката на државата е уште подлабока дури и од тоа. Бидејќи тогаш, во 2012 година, канцеларката вети дека државата ќе се позанимава со сите кои „ги прогонуваат другите поради нивното потекло, боја на кожа и религија“.
Но денес, 6 години подоцна, расизмот и национализмот повторно имаат место во општеството, дури и во Бундестагот. Таму партијата Алтернатива за Германија го претставува агресивниот глас на омраза. Ако процесот против НСУ нешто откри, тогаш е тоа следново: омразата убива.