1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идентитетот и националните држави

Александар Андреев/бг10 март 2015

Рајмонд Детрез, балканолог и историчар, во интервју за ДВ говори за создавањето на националните држави и развојот на идентитетите на Балканот.

https://p.dw.com/p/1Emfh
Фотографија: BGNES

ДВ: Професоре Детрез, во Бугарија е објавена Вашата книга посветена на преднационалните колективни идентитети на Балканот од крајот на 18. и почетокот на 19. век. Која е Вашата основна теза?

Детрез: ...Главната теза на мојата книга е дека пред 18. век луѓето на Балканот себеси се сметале првенствено за православни христијани, а народноста им била од второстепено значење. Тоа објаснува зошто не се споменува националноста на новомачениците (жртвите на турското ропство), зошто православните Бугари стапувале во брак со православни Грци, Власи, Албанци, дури и Арапи, но не и со бугарски католици и помаци; зошто толку лесно се погрчувале Бугарите во градските средини, доколку промената на етничкиот идентитет не го засегала нивниот религиозен идентитет; зошто Албанци, Бугари, Власи и други православни народи во Османлиската империја долго време го користеле грчкиот како „свој“ книжевен јазик, зошто учествуваат во грчкото востание од 1821 година, кое започнува имено како востание на православните христијани против османската власт. Тоа се историски факти. Културниот живот на балканските народи пред 19. век е потопен во религијата, а да се бара во неа „националното“ е бесплодно и смешно.

...Јас не тврдам дека луѓето на Балканот не знаеле за својата народност. Туку тврдам дека за нив, таа немала никакво суштинско значење. Секако, сето тоа се менува низ 19. век. Православните христијани од различно етничко потекло, кои со векови живееле заедно без проблеми, кои општеле и тргувале меѓу себе и формирале заеднички семејства, под влијание на „националното будење“ одненадеж треба да изберат некоја националност - категорија со која дотогаш не се занимавале, и притоа да се разграничат од другите.

...Еден холандски комичар се шегува дека има болести од кои човек не може да се разболи, доколку не знае за нив. Така е и со националниот идентитет. Си живееш спокојно сѐ додека не те прашаат каков ти е идентитетот и не те убедат дека твојот идентитет е ваков или онаков и дека треба да го чуваш и пазиш. Со други зборови: не им верувајте на оние кои ви тврдат дека се грижат за вашиот национален идентитет“.

Raymond Detrez
Рајмонд ДетрезФотографија: privat

Кои се нишките кои ја поврзуваат бугарската држава формирана во 1878 година со двете средновековни бугарски држави?

Тие врски се многу слаби. Пред 19. век низ цела Европа се лансираат различни национални идеологии. Некои од нив имаат успех и водат кон создавање на национални заедници и на национални држави, други се покажуваат неплодни. Важна компонента на тие национални идеологии е приказната за средновековната држава, која треба да се возобнови. Но не сите нации располагаат со таква. Да, ако немаш славна средновековна историја ти си лишен од важен пропаганден инструмент, но во крајна линија тоа не е фатално. Албанците, Македонците, Летонците, Естонците, Словаците, Белорусите, Украинците и други немале во минатото своја држава, за да им заврши таква работа. Или пак, доколку имале, тие средновековни држави се оспоруваат од други. Но, сепак повеќето од нив веќе се децении живеат како устоличени национални заедници.

Во последните децении на 19. век Русија и Големите сили се обидуваат да инсталираат свои сфери на влијание на Балканот. Сметате ли дека и во моментов постои сличен интерес?

Тој процес не е сопрен откако Големите сили започнаа да се занимаваат со Балканот. Во време на Студената војна, Балканот е поделен на сфери на влијание меѓу Истокот и Западот. По Студената војна, НАТО ги исполни вакуумот кој настана по уривањето на источниот блок, односно распадот на Варшавскиот пакт. Можам да разберам зошто балтички земји, Чешка, Полска и други земји од Централна Европа ја бараат заштитата од НАТО, откако половина век беа окупирани од Советскиот сојуз. Исто така можам да си претставам дека Русија се чувствува загрозена поради ширењето на НАТО на исток. Иако низ целата своја историја непрекинато воделе агресивни војни, Русите секогаш се сметале себеси за жртви на надворешна агресија. Главната причина за конфликтот во Украина е поморската база Крим, која Русите не сакаат да ја загубат, а уште помалку сакаат таа да падне во рацете на НАТО.

Професор Рајмод Детрез (67 г.) е балканолог, директор на Центарот за југоисточноевропски истражувања на Универзитетот во Гент, Белгија. Со него разговораше уредникот на редакцијата на бугарски јазик на ДВ, Александар Андреев