Децата и младите – големи губитници во ковид-пандемијата
19 февруари 2022Една летна вечер во 2021 година, во време кога младите во Германија накратко добија надеж дека повторно ќе можат да живеат донекаде нормален живот, Аника била можеби насреќната личност на светот. Таа 17-годишна девојка првпат влегла во еден клуб во Келн. Танцувала и за неколку часа заборавила сѐ што е поврзано со маски, тестови и карантин.
„Тоа беше нешто навистина посебно и уште со задоволство се присетувам на чувството. Сите ти зборуваат: ‘Уживај во младоста, прави што сакаш.' А кога нашите деца ќе нѐ прашаат нас што сме правеле кога сме биле млади, ќе мора да кажеме: ‘Седевме дома'“, вели Аника.
Таа е типичен претставник на генерацијата која во некои стручни кругови веќе ја нарекуваат „корона генерација“ и која ќе ги пропушти можеби најубавите години од својот живот. Така наречената Копси студија за коронавирусот и психата на Универзитетската болница Хамбург-Епендорф дошла до заклучок дека децата и младите во Германија моментно поминуваат малку подобро во однос на вториот бран на ковид.
И веројатно дури по неколку години ќе се види какви долгорочни последици оставиле локдаунот и онлајн наставата кај „корона генерацијата“. „И јас имав веќе лоши фази, но сега се чувствувам малку подобро. Пред пандемијата сакав да се дружам и за секој викенд имав посебни планови. Сега сакам и да бидам дома. Така е, како што е. Релативно брзо го прифативме тоа“, вели Аника, која живее во Бон.
Неможност за планирање поради кризата
Ако сѐ биде според планот, Аника в лето ќе матурира. Сонува за незаборавна матурска прослава, а потоа сака една година да работи како волонтерка. Доколку сѐ функционира. И токму тоа е она што младите луѓе во текот на пандемијата мораат да го научат на болен начин: не постои планирање отпорно на криза.
„Сите имаме одреден страв, чувствуваме мала нелагодност кога помислуваме на иднината. Зашто, не знаеме дали пак ќе дојде нешто, некоја нова варијанта на пример. Можеби сепак нема да можеме да го правиме она што сакаме. Постојано е присутно тоа чувство на несигурност“, вели Аника.
Таа неодамна примила трета доза вакцина кај својот лекар Аксел Гершлауер. Тој во изминатите недели, но и месеци, има полни раце работа. Токму кај него сретнаме и една 17-годишна девојка. Нејзиниот ПЦР тест покажал дека е позитивна на коронавирус, се расплака во ординацијата. Вели дека животот ѝ е страшен, две години ништо не смеела да прави. Вели – таа е „губитник во пандемијата.“
„Помалку воочувам бес, а повеќе фатализам“, вели доктор Гершлауер. „Постои летаргија, разочарување, постои длабока фрустрација.“ На децата и на младите, додава тој, им е јасно дека никој нема да им помогне и веќе не очекуваат никаква поддршка. „Не доживеаја никаква благодарност за своите жртви. Само гледаат незаинтересираност од другите за нив.“
Каква е таа „корона генерација“ и колку се разликува од претходните генерации? Како влијае пандемијата врз нивниот карактер? Ако сакате да го дознаете тоа, обратете се кај Клаус Хурелман. Тој е професор по јавно здравје и образование во Школата за управа Херти во Берлин и важи за еден од главните германски истражувачи кога се работи за прашањата поврзани со младите. Тој е и коавтор на „Шеловата студија“ за млади, која веќе со генерации го опипува пулсот на младите генерации.
Губење контрола со последици за иднината
Хурелман вели: „Децата и младите во пандемијата имаат чувство дека немаат веќе контрола врз себе. Не се способни да го контролираат и планираат сопствениот живот и затоа западнуваат во психичка дупка во која им е потребна поддршка и помош. А оние кои и пред пандемиијата биле чувствителни, песимистични и претпазливи, сега се уште повеќе погодени.“
Во Германија живеат околу 2,3 милиони млади на возраст од 15 до 17 години. Хурелман, врз основа на испитувањата, проценува дека една третина од нив поради пандемијата станале многу несигурни, а тоа можеби се одразило на нивниот успех во училиштето.
Со добра работа во образовните институции тоа може да се надополни, но тоа во иднина ќе биде херкуловска задача. Тоа почнува со повторно воведување на младите во живот во аналогниот свет.
Најважната фаза во животот пореметена од пандемијата
Ако дигиталните платформи две години беа единствен начин за воспоставување контакти, тоа може да доведе до ограничувања во развојот, оценува Хурелман: „Неможност да се почувствува мирис на друга личност, неможност таа да се допре. Негледање на нејзината аура, на нејзиното движење. Тоа осиромашување на импулсите доведува до тоа во случај на реален контакт младите луѓе да не знаат веќе како да се однесуваат, како да ги гледаат другите во очи.“
Клаус Хурелман вели дека меѓу младите има и победници во пандемијата на коронавирус: тоа се оние кои имаат соодветен менталитет, кои активно се прилагодија, брзо ги усвоија новите правила и самоиницијативно го реорганизираа својот секојдневен живот за да ја повратат контролата.
Сепак, ако постои некоја фаза од животот во која пандемијата може да има фатални последици, тоа е, нагласува тој – пубертетот: „Тоа е централна развојна фаза со прашања како што се: каде се моите граници, како да се оттргнам од родителите и кој сум јас воопшто? Дури и првите интимни контакти, кои се случуваат во таа возраст, се одложени. Возрасните тие прашања ги имаат оставено зад себе, се имаат пронајдено и ги знаат своите предности и мани. А на младите сето тоа им е блокирано поради коронавирусот.“