1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дејвид Мекалистер никако да се јави

19 декември 2020

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП „жестоко“ ќе реагирал по наводите во студијата за лажните вести. Но Дејвид Мекалистер молчи. Зошто?

https://p.dw.com/p/3mwtn
Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Фотографија: Petr Stojanovski

Сигурно го беше многу заболела Христијан Мицкоски една реченица во извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент околу мапирањето на лажните вести и дезинформациите во Западен Балкан, што тој се обиде со нова тура лажни вести да го дискредитира, да го потцени, да ги изврти неговите наводи. Па дури на одреден начин и да го злоупотреби и претседателот на овој комитет, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер, и самата институција. Таа една реченица ѝ е доволно позната на македонската јавност: „Други големи канали за дезинформација, откриени во нашата анализа на социјалните медиуми ја вклучуваат веб-страница ‘Инфомакс.мк', профилите на социјалните мрежи поврзани со кампањата за бојкот на референдумот и профилите на социјалните медиуми на истакнати поединци, вклучително и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, антизападниот коментатор Миленко Неделковски и поранешниот премиер Никола Груевски".

Друштвото на Мицкоски навистина не е за некакво гордеење, но никој отстрана не го ставил во него туку тој самиот се „изборил“ да биде член на дружината. На човекот кој самиот изјави дека „ќе ја предводи македонската хистерија“ во нелогичните, неприродните и надвор од умот закани на Бугарија, не му пречи тоа што во извештајот е наведена целата мрежа на медиуми финансирани од структурите на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Македонија, кои се главните „производители“ на лажните вести, туку нему му пречи зошто неговото име се нашло во извештајот на Европскиот парламент. Не му пречи ни што партијата што тој сега ја води е наведена како главен поттикнувач и диструбутер на лажните вести и дезинформации, туку зошто е споменато неговото име.

Во основа, во неговата реакција нема ништо неочекувано – тој се претставува како наводен лидер на македонскиот непокор, на „револуцијата“ што ќе ги собори од власт „предавниците“ (во неговата реторика нема никаква промена од реториката од последните три-четири години на груевистичкото владеење). И во таа негова наводна мисија тој самиот себеси си е портпарол – нема толку телевизии на коишто тој не би се појавил во еден ден да ја шири приказната за Христијан Мицкоски.

Прашањето што се појавува од чувствителноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ што се најде во извештај на Европскиот парламент не е дека тој ги најде зборовите да ги демантира овие наводи, туку што во објаснувањата за да се заштити себеси ги оклевети други луѓе.

Сеопфатна анализа

За потсетување, извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент е опсежна студија на осумдесетина страница за лажните вести во целиот Западен Балкан, а за Македонија се посветени малку повеќе од две.

Во резимето на почетокот од извештајот се вели дека „оваа студија за дезинформација на Западен Балкан беше спроведена во согласност со заложбата на Европскиот парламент (ЕП) за ‘холистичко размислување за странско, авторитарно мешање и справување со ранливоста во сите аспекти на демократското управување и институциите’. Со согледување на постоечки академски, тинк-тенк и други истражувања, како и оригинална анализа на податоци на социјалните мрежи на Интернет - и посветувањето на еднаква тежина и внимание на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија - студијата ги мапира клучните трендови и модели во дезинформациите и контрадезинформациите во целиот регион во периодот од 2018 до 2020 година. Дезинформациите се ендемичен и сеприсутен дел од политиката низ целиот Западен Балкан, без исклучок... Оваа студија открива дека дезинформациите најчесто се симптом - наместо причина - за подлабоко распаѓање на социјалната кохезија и демократското управување.

Ако целта на нарачетелот била ваква сеопфатна анализа тогаш кон таа студија треба секој, па макар бил и политичар, да се однесува со одреден респект.

Но, што се случи?

Во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24 пред дестина дена, Мицкоски овој извештај го нарече „лажна вест од медиумите блиски на Зоран Заев, кои три години за да ги покријат грешките на власта растураат пердуви по опозицијата“. Интересно би било да се знае кој би можел да биде Беким Фехмиу од прочуениот југословенски филм „Собирачи на пердуви“, кој освои Гран при на фестивалот во Кан. Можеби би требало да се отвори јавен конкурс за медиумите кои би сакале да ја понесат оваа награда од новиот вокабулар на лидерот на опозцијата.

Она што Мицкоски се обидува да го претстави како лажна вест всушност е лажна одбрана и лажни тврдења, кои полека му обезбедуваат место во сличен таков извештај. Во тоа гостување Мицкоски рече дека разговарал со претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер (важен член на сестринската германска партија ЦДУ) и „очекувам жесток демант деновиве“.

Други колумни од авторот:

Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

Во вителот на хипокризијата

Водич за блокада во ЕУ

ВМРО vs ВМРО-ДПМНЕ

Еве, оттогаш поминаа десетина дена, но „жесток демант“ нема. Дури нема ни обична изјава. Мекалистер молчи и сосем веројатно дека нема да се јави. И има зошто да молчи. Затоа што наводите што ги кажува Мицкоски за извештајот се дезинформации со коишто сака да ја исплакне таа една реченица. Токму реакцијата на Христијан Мицкоски е потврда за ширењето на лажните вести во Западен Балкан. И како политичарите треба многу повеќе да внимаваат на она што го кажуваат.

Мицкоски во „Студио 10“ изјави дека „комитетот има 75 члена и 74 заменици, кој било член во тој Комитет може да нарача да се изготви извештај кој што ќе го финансира некоја невладина организација".

Вистината е сосема поинаква. Во заглавието на извештајот јасно стои дека таа студија е направена на барање на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, а не од некој негов член, а уште помалку дека во тоа била замешана некаква невладина организација. И дека Европскиот парламент го усвоил на 1 декември 2020 година. Зошто не реагира „жестоко“ Мекалистер? Затоа што Мицкоски ги напаѓа авторите од кои Комитетот ја нарачал оваа студија и ја усвоил.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

„Ако го забележите извештајот, кој е негов уредник, тоа е граѓанин на Бугарија, на чиј Твитер профил јасно стои на која провиниенција припаѓа и чиј роденден честита и со кои структури кај нас го изработуваат и неколку реченици против големиот пријател на Македонија, г-динот Орбан, и стои одоздола како и Фејсбук профилот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, без ниту еден аргумент, без ниту еден библиографски факт, без ниту еден факт“ – објаснувањето на Мицкоски е малку повеќе конфузно, а не математички прецизно, па тешко се разбира суштината.

Тој ги извртува главните факти. Извештајот нема уредник, а тој веројатно мисли на рецензентот Димитар Бечев. Речиси нема човек во Македонија од политичката и научната сфера кој не знае за Бечев. Тој е извонреден политички научник познат во светот – член на Атлантскиот совет во Вашингтон, предавач на Универзитетот во Северна Каролина, предавач на Харвард, на Лондонската школа за економија, а неговите колумни ги објавуваат „Њујорк тајмс“ Си-Ен-Ен, Ал Џезира, „Форин полиси“, „Политико“... Таков меѓународен углед нема ниту еден македонски политички научник, за жал.

Кредибилитетот на авторите

Обидувајќи се да ја сврти тезата кон неговата националност, Мицкоски се насочува кон тоа дека тој бил Бугарин (што по некаков дефолт би требало да значи дека не е баш наклонет кон македонските политичари). Се разбира тука се работи само за неговиот интерес, затоа што Мицкоски веројатно добро знае дека Димитар Бечев самиот во повеќе свои текстови и во неколку отворени писма до бугарската влада отворено пишуваше дека блокадата на Македонија е неразумна, дека треба да се откаже од неа и дека двете земји и двата народи ќе изгубат. Тој беше еден од предводниците на меѓународната сцена во оценувањето на нелогичноста на бугарската блокада.

Тоа може да го прави ако ги осудува постапките на владата во Софија, но ако е рецензент на извештајот на комитетот АФЕТ во ЕП, тогаш за Мицкоски е „бугарски граѓанин“.

Дејвид Мекалистер не би можел „жестоко“ да реагира затоа што би требало да го нападне и кредибилитетот на луѓето од кого Комитетот го нарачал овој извештај. А тие не се поврзани со некаква невладина организација, како што се обидува да сугерира Мицкоски, туку угледни професори. Четворица од нив се професори на познатиот Кингс колеџ од Лондон: Семјуел Грин е професор по руска политика и директор на Институрот за Русија; Грегори Асмолов е предавач за дигитално претприемништво и маркетинг; Адам Феган е професор по европска политика; Офер Фридман е предавач по воени студии и автор на книгата „Руската хибридна војна“; и најпосле Борјан Ѓузелов доаѓа од универзитетот Квин Мери во Лондон.

Од сите нив Комитетот за надворешни работи побарал да изработат сеопфатна студија за лажните вести и дезинфорамциите во овој регион, во која поради една реченица која не му се допаднала на Христијан Мицкоски господинот Мекалистер треба „жестоко“ да реагира, откако Европскиот парламент веќе го усвои овој извештај. Точно е дека во извештајот пишува оти „содржината на овој документ е единствена одговорност на авторот и какво било мислење изразено во него не мора да значи

Дека го претставува официјалниот став на Европскиот парламент. Тој е адресиран до членовите и вработените во ЕП за нивната парламентарна работа“, но тоа не е исто со она што го тврдеше Мицкоски – дека „ЕП не ги споделува или не се согласува со ставовите изнесени во овој извештај“.

Поуката од оваа епизода е многу јасна – политичарите треба многу повеќе да внимаваат што прават, а не после да се лутат кога некој ги оценува нивните постапки. Се разбира, речиси е невозможна самоконтролата кај еден политичар кој сака да ја освои или задржи власта, кој поради неговите цели сака да внесе конфузија во едно општество, кое потоа ќе ги загуби своите координати или изградени начела. Затоа Христијан Мицкоски треба повеќе да внимава на она што го зборува или за што се застапува, отколку да мисли дека нему му била нанесена лична штета и „штета на кредибилитетот на самиот комитет и ЕП“. Барем една работа во политиката е јасна – никој не може да ти нанесе поголема штета отколку ти самиот себеси.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар