1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дизел-Германија прво!

Дагмар Енгел
3 август 2017

Да се избегнат забрани за дизел-возилата, беше целта за која согласни беа сите учесници на дизел-самитот. Да се поврати довербата, ќе беше многу поважно смета Дагмар Енгел.

https://p.dw.com/p/2hc0e
Deutschland Abgas-Skandal: VW sucht nach Wegen aus der Krise
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Од овој т.н. дизел-самит што се одржа во Берлин произлезе токму она што се очекуваше: успеси за сите. Автомобилските производители барем засега го избегнуваат навистина скапото ново хардверско опремување. Премиерите на германските покраини, во кои производителите имаат свои погони, ги осигураа работните места. Градовите добиваат пари за да ги преопремат автобусите и поинтелигентно да ги организираат сообраќајните текови и со тоа да го намалат оптоварувањето за здравјето на нивните граѓани и граѓанки. А политичарите од сојузната влада најавуваат остри проверки за 2018 година и на тој начин си обезбедуваат мир до изборите за Бундестагот за седум недели. Забрани за возила со дизел мотори засега не се на агендата, дизел-Германија може да здивне.

Индустриската политика за Германија...

Но со тоа не е отстранет основниот проблем. Тој лежи помалку во загадениот воздух, кој сѐ уште е подобар од порано (лична забелешка: јас возам еден десет години стар дизел автомобил од германско производство, со норма Еуро 4. Покрај тоа порано пушев навистина многу, и во затворени простории, цели 25 години)

Основниот проблем, имено, лежи во една индустриска политика, која треба истовремено да заштити различни интереси. Оние на автомобилската индустрија , која е значајна за грандиозниот извозен надворешно-трговски биланс на Германија. Потоа интересите на преку 800 илјади луѓе, кои се вработени кај производителите на автомобили, но и оние на бројни луѓе кои лебот го заработуваат во продажните салони за автомобили во германските градови. И конечно интересите на политиката која сака да ги зачува погоните на производителите, благосостојбата и своите избирачи, а некој истотака и големите донации за партијата. Заострувањето на европските норми за издувни гасови во Брисел се кочи а индициите за измами и картелски договарања на авто-концерните веројатно намерно се превидуваат. Сѐ во служба на споменатите интереси.

...е индустриска политика против Германија

И сето ова си тече и тече. Како впрочем и дизел моторот, конструиран во 1893 година, усовршуван преку 100 години, кој сега очигледно стигна до своите граници. А со него и германската автомобилска индустрија, која со дизелот оствари големи профити и притоа не забележа дека светот се промени- крај за моторите на внатрешно согорување, крај за машината за пари „Мејд ин Џермани“. „Точно е дека на државата во минатото ѝ недостасуваше дистанца од автомобилската индустрија“, изјави во минатата недела германската министерка за животна средина.

Политиката и автоиндустријата стоеја толку блиску еден до друг,  така што беше блокиран погледот во иднината. Она што сега го доживуваме е лекција за последиците од една национално ориентирана индустриска политика. "Germany first" или „Прво Германија“ , значи најнапред германските интереси, и тоа на ограничено време финансиски функционираше фантастично. И водеше кон тоа и натаму да се продолжи така. Притоа беа загубени: германскиот автомобил на иднината и довербата. Довербата во автоиндустријата и во политиката, но и нивната способност за обезбедување одржлива иднина.