1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рација во Опел

ЕМФ /агенции
15 октомври 2018

По Фолксваген, Ауди, Дајмлер и БМВ, дизел-скандалот го стигна и Опел. Кај автопроизводителот, кој во меѓувреме му припаѓа на францускиот концерн ПСА, денеска се врши претрес.

https://p.dw.com/p/36ZYW
Opel-Neuwagen in Frankfurt a.M.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Поради конкретни сомневања за измама поврзани со дизел-возилата, полицијата денеска врши претрес на деловните простории на автопроизводителот Опел. Покраинската криминалистичка служба на Хесен ја потврдува информацијата за рацијата: „Можам да потврдам дека се преземени полициски мерки во врска со Опел“, изјави портпарол на службата, додавајќи дека со примена на мерките се почнало претпладнево. Други детали не се наведуваат.

Весникот „Билд“ пишува дека рација е спроведена во просториите на Опел во Риселсхајм и Кајзерслаутерн. Според портпаролка на обвинителството во Франкфурт, има сомневања дека „во сообраќај се пуштени дизел-возила со манипулиран софтвер за издувни гасови“. Ширум Европа се погодени околу 95.000 возила. „Билд“ пишува дека се работи за автомобили од моделите Инсигниа, Зафира и Каскада од годините на производство 2012, 2014 и 2017.

Повеќе: 

Дизелот е бесконечен германски проблем

Мочуриштето во кое газат германските автопроизводители

Опел, кој во меѓувреме е дел од францускиот концерн ПСА, пак, соопшти: „Претпријатието повторува дека неговите возила ги почитуваат важечките прописи.“ За постапките кои се во тек нема став. „Претпријатието соработува целосно со властите“, се вели кусо од Опел. ПСА досега се нема изјаснето во врска со претресот.

Портпаролката на обвинителството во Франкфурт изјави дека Сојузната служба за сообраќај (КБА) поднесла кривична пријава, по што обвинителството отворило постапка. Во моментов се работи за пријава против непознат сторител. Постапката, како што се вели, „ќе потрае“.

Низа германски автопоризводители во минатото се најдоа под сомневање дека во возилата вградувале илегален софтвер за издувни гасови, со кој ги фалсификувале вредностите, односно ги правеле пониски од вистинските. Под лупа на иследниците се Фолксваген, БМВ, Ауди и Дајмлер. Аферата беше обелоденета во 2015 година, кога Фолксваген, под притисок на американските власти, мораше да признае дека во 11 милиони дизел-возила бил вграден измамнички софтвер.

На средината од јули годинава Министерството за сообраќај во Берлин потврди дека КБА ги истражува сомневањата за манипулации и кај Опел.