1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

Дизни му заврте грб на Нетфликс

Ролф Венкел
9 август 2017

Американскиот медиумски концерн Дизни со промена на стратегијата сака да воспостави директна врска со гледачите. Му врти грб на Нетфликс и стартува со свои стриминг-услуги.

https://p.dw.com/p/2hw75
Micky Maus
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Disney, K. Phillips

Дизни најавува стриминг-офанзива со свои услуги. Наредната година на интернет би требало да биде достапен спортски канал на Дизни - ЕСПН, а во 2019 година би требало да следува стриминг-сервис за филмовите и сериите на Дизни. Тие, барем на почетокот во САД, би требало да бидат достапни само на интернет. Затоа Дизни го откажува ексклузивниот договор со Нетфликс за домашниот пазар. Ваквата вест предизвика пад на акцијата на Нетфликс за повеќе од 3 проценти.

Потегот на Дизни би можел да го забрза менувањето на американскиот ТВ-свет. Досега канали како ЕСПН беа главно достапни со договори за кабелска или сателитска телевизија. Но, благодарение на стриминг-услугите, како оние на Нетфликс и Амазон Видео, толку многу содржини се веќе достапни на интернет, што сѐ повеќе домаќинства ги откажуваат своите скапи ТВ-претплати. Затоа шефот на Дизни, Роберт Ајгер, сега со промена на стратегијата се обидува да воспостави директна врска со гледачите.

Robert A. Iger Walt-Disney CEO
Роберт Ајгер има нова стратегија за развој на Дизни, која веројатно сосема ќе го промени ТВ-светот во САДФотографија: picture-alliance/dpa/M. Reynolds

По овој пат веќе се тргнати и други медиумски сервиси. На пример, ХБО веќе ја прикажува својата програма онлајн, а и Си-Би-Ес во понеделникот најави дека стриминг-понудата ќе биде достапна и во други земји. Дизни со својата палета фигури кои им се омилени на децата, со студиото Пиксар за анимирани филмови, како и Марвел-супер хероите и Војна на ѕвездите, е магнет за гледачите и е практично лига за себе.