1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Длабок јаз меѓу Грците и Македонците

Нино Домазетовиќ
24 октомври 2016

Висок процент од испитаниците како во Македонија, така и во Грција сметаат дека треба да се реши спорот за името. Но, околу изгледот на конечното решение, ставовите се дијаметрално спротивни

https://p.dw.com/p/2Rcdy
Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мнозинството Грци и Македонци имаат негативно мислење едни за други, а спорот за името дополнително ги продлабочува недовербата и лошата атмосфера. Податоците од двете анкети кои паралелно се спроведувале во Македонија и во Грција покажуваат дека иако мнозинството граѓани во двете земји сметаат дека е важно да се реши спорот за името, далеку се разликуваат во поглед на модалитетите на конечното решение.

Истражувањето на ЕЛИАМЕП, спроведено во Грција покажува високо песимистичка, интровертна и недоверлива слика на јавното мислење во Грција во однос на меѓународните односи, а од друга страна емотивна во ставовите кон спорот со името. Резултатите не влеваат оптимизам за брзо решавање на спорот и покажуваат дека и по 25 години, ова прашање сеуште претставува релевантна тема на јавното мислење во Грција.

Ниту резултатите од истражувањето спроведено во Македонија од страна на Институтот за политички истражувања не влеваат оптимизам. Резултатите од оваа анкета беа објавени уште во јуни годинава, и покажаа дека иако македонските граѓани посакуваат подобрување на односите со Грција и решавање на спорот, малкумина поддржуваат компромис за името.

Решение да, но какво?

Резултатите од истражувањето на ИПИС спроведено во Македонија покажа дека 71% од испитаниците сметаат дека е важно веднаш да се реши проблемот со името, а резултатите на истражувањето на ЕЛИАМЕП спроведено во Грција покажуваат дека и 77 отсто од грчките испитаници го сметаат истото. И во двете земји, само мал број на испитаници, 14,8% во Македонија и 10% во Грција сметаат дека не е важно веднаш да се реши проблемот со името.

Но, на прашањето дали би прифатиле промена на уставното име за меѓународна употреба со цел Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО, мнозинството од македонските испитаници, т.е. 64,8% одговориле дека не би прифатиле, а 28,3% одговориле дека би прифатиле. Испитувањето во Грција покажува дијаметрално спротивен став: 57% од грчките испитаници одговориле дека се против било каква употреба на зборот „Македонија“ во можното решение за името, а само 28% би прифатиле сложено име кое го вклучува и терминот.

Само 10% од испитаниците во Грција одговориле дека би се согласиле Македонија да биде признаета под уставното име. Ваквиот став преовладува кај младите Грци на возраст од 18 до 34 години. Оваа демографска група е 4 пати поотворена за прифаќање на уставното име на Македонија споредено со граѓаните постари од 55 години и три пати повеќе од граѓаните на возраст од 34 до 55 години. 

Griechenland Generalstreik Streikende vor dem Parlament in Athen
Мнозинството Грци не би прифатела употреба на името Македонија во уставното име на соседотФотографија: Reuters

Силни емоции и недоверба

Во заклучоците од истражувањето на ЕЛИАМЕП ваквите резултати се толкуваат како плод на силните емоции на грчките граѓани кон спорот со името, како и симболичката важност на истото. Тоа најдобро се гледа во однос на употребата на терминот „Македонија“, каде значителен дел од грчките испитаници, односно 55,5% сметаат дека употребата на терминот, во иднина може да претставува закана за територијалниот интегритет на Грција. Така, освен емотивноста и симболиката на прашањето за името, за грчките испитаници спорот за името претставува и потенцијално безбедносно прашање.

Во Грција е голема недовербата и кон меѓународните партнери кои директно или индиректно помагаат во решавањето на спорот. Најголемиот број на испитаници сметаат дека учеството на меѓународните актери во решавањето на спорот оди во прилог на Македонија. Поточно, 41% од испитаниците сметаат дека учеството на ЕУ во решавањето на спорот за името оди во прилог на Македонија, во случајот на САД се согласуваат 44% од испитаниците, а во случајот со Германија се согласуваат 40%. Во Македонија беше „измерена“ голема поддршка за ЕУ и НАТО, но нема податок кој би ја вкрстил таа поддршка со медијацијата во спорот за името.

Во двете земји постои изразено негативна слика за соседот, а нема ни големи надежи дека во иднина, односите меѓу Скопје и Атина би можеле да се подобрат. Само 7,5% од испитаниците Грци ја гледаат соседната земја позитивно, додека 61,5% имаат негативно мислење за Македонија. И мнозинството македонски граѓани (69,7%) имаат негативно мислење на Грција, а само 25,2% имаат позитивно мислење за јужниот сосед. Дека во иднина нешто би можело да се промени на подобро, поголеми оптимисти се во Македонија (39,2 проценти) за разлика од Грција (22 проценти).