До кога Турција ќе го уценува НАТО и ќе се ценка со САД?
27 мај 2022Многу прашања испливаа по одлуката на Ердоган да се спротивстави на влезот на Шведска и Финска во Северноатлантската алијанса и таквиот став малку ги промени картите на маса, барем доколку сериозно ги сфаќаме заканите на „Султанот". Што во суштина кажува Ердоган?! Видете Шведска, Финска, (Ердоган ја додава и Норвешка) премногу бевте толерантни кон терористите (мисли на ПКК - Курдистанска работничка партија кои во Анталија се борат со децении против Анкара и кои Турција ги смета за сепаратисти и терористи). Нормално, такво мислење за ПКК имаат и мнозинството Турци, па оттука јасна е позицијата на Ердоган. Ердоган бара од двете земји писмен договор во кој се наведени конкретни чекори за ставање крај на „поддршката за тероризмот“, и ја постави темата на ниво на прашање од национална безбедност. Тој воедно побара и екстрадиција на 17 припадници на ПКК и 33 членови на организацијата Фетула Ѓулен, исламскиот лидер кој живее во САД и кого Турција го терети за пучот од 2016-та година. Но, Ердоган оди и чекор понатаму.
Клучното противење е насочено кон Шведска, каде Стокхолм е обвинет за поддршката кон ЈПГ - Единици за заштита на народот, кудско-сирискиот сојузник на ПКК која пак води вооружен бунт во Турција од 1984 година. ПКК е на списокот на терористички организации во Турција, САД и ЕУ, а Ердоган смета дека центарот на ПКК е во Шведска. Ердоган ја обвинува шведската влада за поддршка на ЈПГ и вооружување на нејзините милиции. Од друга страна владата на шведската премиерка Магдалена Андресон зависи од гласот на една единствена парламентарка, од курдско-иранско потекло, чија пак поддршка на владата зависи од ветувањето за поддршка на ЈПГ.
-други колумни од авторот: Дали Путин веќе ја загуби војната?
Секако, да се обвинува Шведска за поддршка на тероризам е тотален нон-сенс. Шведска беше правата земја која што ја прогласи ПКК за терористичка организација, но ЈПГ која важеше за западен и американски сојузник во Сирија во борбата против ИСИС, не е со таков статус. Напротив, Шведска има бројна и добро интегрирана курдска популација и е меѓу првите земји кои решија да им помогнат на Курдите од Сирија. Курдите во Шведска имаат добиено политички азил и статус на бегалци, и ниедна земја каде постои владеење на правото и која се почитува себеси, не би ги променила своите одлуки и политички позиции. Така да, тешко дека Ердоган ќе добие нешто на тоа поле, особено не екстрадиција, освен некој симболичен гест, можеби нешто околу вооружувањето на ЈПГ.
Притисокот врз Шведска е двојно мотивиран од политичката кампања на Ердоган за домашна употреба и изборите следната година, во ситуација кога 90% од Турците гледаат со омраза кон ПКК. Вториот мотив е да добијат меѓународни концесии кои повторно ќе ги искористи за својот личен политички интерес и задоволување на националистичкиот електорат.
Дали ова навистина може да го спречи влезот на Шведска и Финска е дискутабилно и тешко за верување. Дефинитивно може да го забави, барем до НАТО самитот во Мадрид. Однесувањето на Турција во реалноста повеќе наликува на отварање на една игранка каде Ердоган преку сигнализирање на својата аверзија кон проширувањето и реален капацитет тоа да го спречи, всушност посакува и бара на други преговарачки маси и на друг терен серија на компензации и концесии. Тоа значи дека Ердоган не сака да делува против НАТО, туку дека сака да преговара, поточно, да се ценка. А со кого би се ценкал ако не со САД?!
Така листата на барања на „Султанот" се проширува и се состои од барање за прекин на санкциите и военото ембарго поради операцијата „Извор на мир 2019“ во Сирија, враќање во рамки на програмата за производство и набавка на авионот Ф-35 (на што Грција има фрлено око), дозвола за модернизирање на 80 Ф-16 (на што Атина се противи), гаранции дека Конгресот нема да наметне нови санкции заради работењето на Халкбанк со Иран и кршење на санкциите, и конечно, бара ЈПГ да бидат внесени на листата на терористички организации. И ако сѐ тоа не е доволно, Ердоган одлучува да изврши дополнителен притисок врз Вашингтон најавувајќи нова инвазија и експанзија во сирискиот североисток. Помалку парадоксално, ама Ердоган ја уценува експанзијата на НАТО со турска експанзија во Сирија.
Зошто ваквото однесување ѝ е дозволено на Турција, па дури на некој начин и потхрането од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Давос, кој не изрази никаква осуда околу ригидните позиции на Ердоган кон Шведска и Финска? Напротив, Столтенберг кажа дека: „Мораме да прифатиме дека Турција е значаен сојузник. Турција е земјата која најмногу страда од терористичките напади. Многу повеќе од која било друга сојузничка земја во НАТО.“ Потенцирајќи дека Турција е клучна земја од географски и стратешки аспект и сосед на Сирија и Ирак, Столтенберг истакна дека борбата против терористичката организација ИСИС целосно зависи од користењето на можностите во Турција.
Засилен од овие зборови Ердоган со право смета дека има добри карти на масата и дека сега е моментот да ги изигра. Впрочем и реалната стратешка важност на Турција во рамките на НАТО не може да биде потцената. Во Црното Море Турција е единствената земја која има право да го блокира преминот на воените бродови преку Босфор, нешто што само по себе ја прави „одлучувач“ во војната против Украина. Потоа, Ердоган даде силна поддршка на украинската армија, обезбедувајќи ја со дронови. Турција има силно воено и политичко присуство во Либија, Сирија и во Кавказот што ја става во состојба да одлучува за судбината на тие земји и војните во нив, но и да одлучува за судбината на милиони бегалци. Анкара е единствената НАТО членка чија војска е лице в лице со руската војска. Што се однесува до Блискиот Исток, Турција е централна земја за какво било инволвирање и распоредување на НАТО.
Сѐ ова јасно ни кажува зошто ниедна европска држава не се спротивставува на опструкциите на Турција и зошто сите се отворени за дијалог со Ердоган. Тоа подеднакво ни кажува дека решението на овој проблем, повеќе од на некаква преговарачка маса со Скандинавците, ќе се решава на преговори со Вашингтон, каде Ердоган се надева дека барем некое од долгата листа на барања ќе му биде задоволено. Можеби еден долг разговор со Бајден ќе послужи како решение, имајќи предвид колку Ердоган пати по внимание од актуелниот претседател, кој пак на „Султанот" му резервира можеби и премногу ладен однос и премала консидерација.
-други колумни од авторот:9 Мај – Еден датум, многу различни визии за Европа
Нешто што самиот Ердоган дополнително го доведе под знак прашање, откако во еден доста непромислен и неконтролабилен напад кон грчкиот премиер Мицотакис, го обвини дека бил дел од некакво си „лоби на Бајден“. Личниот напад кон грчкиот претседател кој Ердоган наводно не го признавал, заедно со нападот врз Бајден, делува како да ги прекинува сите дипломатски канали. Повеќе од криза во односите со Атина, Ердоган создава раздор во односите со НАТО и САД, додека во исто време ја обвини и Грција, слично како и Шведска и Финска, дека дава поддршка на терористите. Никогаш порано не се случило членка на НАТО официјално да изјави дека не признава премиер на Алијансата, дополнително отворено обвинет за некаква си сомнителна поврзаност со претседателот на САД.
До каде ќе оди Ердоган во своите претенциозни барања никој не знае со сигурност. Тоа што знаеме е дека тактиката секогаш му била да бара многу – за да добие барем нешто. Како земја која се соочува со длабока економска криза и инфлација од 70%, партијата на Ердоган има очајна потреба од обединување на електоратот, во поглед на изборите следната година. Тоа е доволно за да се објасни тврдокорната позиција и опструкционизмот на Турција.