Добрила Кацарска и Емет Саливен
22 декември 2018Во ситуација на општо неверување во настаните и актерите во нив – од расправата за уставните амандмани, преку законот за амнестија, до возбудливите сцени од судењето за 27 април – повторно се крши довербата во некои институции за кои на миг помисливме дека почнала да се составува како некое раздробено античко грнче извадено од земјата. Во држава полна со луѓе со кратки фитиљи некаква постапка што е надвор од она што некој замислува дека треба да биде стандард наеднаш се претвора во скандал, непримерен скандал, па веднаш почнуваат да се носат екстремни оцени.
Процесот за настаните од 27 април е како мал воденичен камен што го носи речиси секој граѓанин на Македонија, па затоа настаните од судницата речиси секој ден се главни вести во медиумите. Неочекувано за многумина, судијката што го води овој процес, Добрила Кацарска, исплива како главна личност во него. Адвокатите многу често се бесни на неа, обвинетите влегуваат во вербални расправи со Кацарска, обвинителите често се трудат да го скријат незадоволството, правните експерти објаснуваат дека начинот на водењето на процесот отстапува од рамките што ги одредува Законот за кривична постапка... Во основа, сите се обидуваат судијата да го стават на шините да биде само обичен разводник на возови. Како некој длабок ум тој треба само да молчи и да дава збор, да запишува по нешто и со шублер да ги премерува доказите. И после, по големото мислење, од длабочината на доказите, откако долго ќе се изнамолчи, да ја донесе пресудата.
Бидејќи Добрила Кацарска излезе од оваа замислена шема таа стана јавна цел – главната опозициска партија во еден смешен обид да го копира слоганот за „Сваровски судство“, сега сите судски процеси за големите криминали на претходната власт ги квалификува како „Кацарска судство“, а по едно за јавноста невообичаено испрашување на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, како сведок, се појавија редица текстови во кои судијката се обвинуваше за злоупотреба на нејзината улога.
Неконтролиран гнев
Дали судијката Кацарска навистина преминала некои граници и дали таа треба да биде само нем набљудувач на настаните во судницата? Што беше тоа толку страшно во испрашувањето на Трајко Вељаноски за на површината да исплива дури и неконтролиран гнев против Кацарска. Или тој гнев беше единствено поради вистинските прашања што ги поставуваше судијката. Еве дел од извештајот на известувачот на порталот СДК.мк како течеше ова испрашување.
Кацарска: „Во колку часот почна вашата комуникација на вибер со Горан Ѓошевски – Леви на 27 април лани?"
Вељаноски: „Околу 17,50 часот“.
Кацарска: „Што точно му пишувавте на Ѓошевски?“
Вељаноски: „Не се сеќавам точно, но комунициравме дека ситуацијата е вжештена, како и за тоа да го координира внатрешното обезбедување“.
Кацарска: „Зошто во 17,48 часот му пишувате на Горан Ѓошевски: ’Бидете на штрек!‘?“
Вељаноски: „Од досегашното лично искуство“.
Кацарска: „И другпат сте му пишувале вакви пораки да биде на штрек? Имало и понепријатни ситуации?"
Вељаноски: „Да, сум му пишувал и друг пат“.
Кацарска: „Дали Ѓошевски ве извести дека во Собранието има луѓе со маски?“
Вељаноски: „Не“.
Кацарска: „Дали знаете дека Ѓошевски им го покажуваше патот на маскираните?“
Вељаноски: „Не“.
Кацарска: „Дали се сеќавате дека во 15,30 часот на 27 април имате повторно комуникација со Горан Ѓошевски?“
Вељаноски: „Да“.
Кацарска: „За кој Душко зборувате во пораката?“
Вељаноски: „Душко за рафтови и полици што требаше да ги прави за во село“.
Кацарска: „На 27 април како претседавач на Собранието, во таква зовриена состојба, вие зборувате за рафтови и полици?“
Вељаноски: „Да“.
Кацарска: „Дали се сеќавате дека на 28 април 2017 година Крсто Мукоски ви прати порака во која зборувате за камера? За таа многу актуелна кај собраниските врати".
Вељаноски: „Не се сеќавам“.
Кацарска: „Што презедовте како претседавач на Собранието за тоа што во прес-салата тепаа пратеници, па и новинари?“
Вељаноски: „Јас сум задолжен за редот, ама не треба во такви ситуации да му се отежнува работата на МВР“.
Кацарска: „Дали се јавивте да направите нешто за вашите колеги, да ги спасите?“
Вељаноски: „Не, не се јавив“.
Кацарска: „Единствено за што се грижевте вие на 27 април лани беше некој да не седне на вашето место".
Вељаноски: „Тоа столче не е за ако некој стане, на друг како што ќе му текне, да седне. Требаше да се брани институцијата".
Дали има нешто скандалозно во ова испрашување или тоа се логички прашања на еден искусен судија кој води еден толку комплициран процес?
„Моето гадење, мојот презир“
Оваа недела, во вторникот, во Америка сите го исчекуваа изрекувањето на пресудата за Мајкл Флин, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп. Тој е еден од најважните осомничени луѓе во кругот на Трамп за соработка со Русија за време на изборите во 2016 година. Специјалниот советник Роберт Милер со извонредна и методична работа, за која добива општи признанија, го склопува мозаикот за руското мешање во изборите. Поради важната соработка на Флин со обвинителите од тимот на Милер и многуте документи што тој им ги предал, специјалниот советник му препорача на судот да донесе ослободителна пресуда.
Но во судот се случи нешто друго. Вистинска драма во која главната улога ја имаше прекалениот федерален судија Емет Саливен. Саливен е едно од попознатите лица во американското правосудство. На федерална судска позиција го именуваше уште Роналд Реган во 1984 година, потоа функции добиваше од Џорџ Буш постариот и од Бил Клинтон.
Што се случуваше во судот во Вашингтон. Еве како ја пренесе таа драма тв-мрежата Си-ен-би-си:
„Флин требаше да биде осуден поради тоа што ги лажеше агентите на ФБИ за неговите разговори со тогашниот амбасадор на Русија во САД, Сергеј Кисљак, неколку недели пред инаугурацијата на Доналд Трамп. Сојузните упатства препорачуваа казна од нула до шест месеци затвор.
Адвокатите на Флин и обвинителите од канцеларијата на специјалниот советник Роберт Мулер биле подготвени за расправа во Окружниот суд на САД за Флин воопшто да не добие затворска казна - со оглед на неговата изјава дека е виновен и обемната соработка со Милер. Но тој план веднаш се распадна во експлозивниот претрес, на кој судијата Емет Саливен ја критикуваше одбраната на адвокатите дека случајот против Флин е неправеден. Судијата Саливен им рече на адвокатите и обвинителите да поднесат извештај за статусот до 13 март, истакнувајќи дека има уште ‘многу, многу, многу повеќе прашања’.
Одложувањето ќе му овозможи на Флин да им помогне на федералните обвинители во Вирџинија во нов случај. Во тој случај, двајца поранешни соработници на Флин се обвинети за заговор со Флин за да извршат екстрадиција за протераниот турски свештеник Фетула Ѓулен во Турција, без да ја информираат владата на САД дека дејствуваат како агенти за странска земја.
‘Сѐ заедно, вие бевте нерегистриран агент на странска држава додека служевте како советник за национална безбедност на претседателот на САД’, му рече Саливен на Флин, мислејќи на другиот случај, во кој Флин не е обвинет.
‘Тоа го поткопува ова знаме овде’, рече судијата. ‘Веројатно сте ја продале својата земја’.
Саливен му рече на Флин дека ако не прифати понуда за одложување на неговото сослушување, ‘не можам да ве уверам дека ако продолжите денес, нема да добиете затворска казна’.
‘Ова е многу сериозен прекршок’ рече Саливен. ‘Висок функционер од владата дава лажни изјави до Федералното биро за истраги, додека е во Белата куќа’. ‘Многу сериозен криминал’, изјави Саливен за 60-годишниот пензиониран генерал-полковник. ‘Не можам да го минимизирам тоа’.
‘Не го кријам моето гадење, мојот презир, за овој криминален акт’, рече судијата“.
Наместо ослободителна пресуда, каква што очекуваа обвинителите и адвокатите, поранешниот генерал Мајкл Флин доби наредба од 4 јануари да не смее да се оддалечува повеќе од 80 километри од Вашингтон без дозвола и да го предаде пасошот, а дури после 13 март ќе се одлучува за неговата казна. Адвокатите без поговор ја прифатија оваа одлука на судијата. Ќе имаат доволно време да размислат тешките зборови на судијата Емет Саливен.
Печатот во Америка не го осуди судијата дека зборувал за неговото гадење и презир за случај кој не бил во неговата судница, туку пишуваше дека „судијата Саливен потврди дека ние не сме луди. Ви благодариме судија Саливен за потврдата дека нацијата е со здрав разум – дека мразот е студен, дека дождот е влажен и дека жителите на Трамповиот свет се исто така предмети на законот“.
Пред да замине на изрекувањето на пресудата, која што не се случи, Трамп во порака му посака „среќа“ на Флин, но Белата куќа и сите нејзин медиумски пријатели се воздржаа да го клеветат или осудуваат судијата Емет Саливен. Се разбира, тоа се два различни судски системи, две демократии различни како два галактички света, но во една судница многу работи се слични. Па, сепак, овде еден, во основа, класичен распит на Трајко Вељаноски од страна на Добрила Кацарска се оквалификува како своевиден лов на вештерки. Оваа епизода од процесот за 27 април само покажа дека ова општество заборавило како треба да изгледа едно нормално судење за еден толку трауматичен настан, па јавноста повеќе се занимава со прашањата на судијата отколку со немуштите одговори на сведокот кои отворија нови дилеми. Тоа е Македонија – допрва треба да зрее.