1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот за слободна трговија ќе ја скроти Кина

Мартин Фриц
16 ноември 2020

Со потпишување на најголемиот глобален договор за слободна трговија Азија покажува политичка далекугледост и му испраќа јасна порака на Трамп: подемот на Кина во светска сила не може да се запре со конфронтации.

https://p.dw.com/p/3lLaH
Vietnam Hanoi | Abschluss virtueller ASEAN-Gipfel | Freihandelsabkommen
Кинескиот премиер Ли Кечијанг и кинескиот министер за трговија Жонг Шан при потпишувањето на договорот во ХанојФотографија: Nhac NGUYEN/AFP

Како да се натера Кина да се придржува до принципите на светскиот економски поредок? САД во текот на мандатот на претседателот Доналд Трамп се потпираат на санкции, забрани за инвестирање и казнени царини за избрани кинески компании и промовираат „раздвојување“ од Кина.

Од друга страна, Азија избира сосема спротивставен пристап, имено намалување на царините во рамки на најголемата слободна трговска зона, „регионално, сеопфатно економско партнерство“ (РЦЕП), со 2,2 милијарди луѓе и речиси 30 проценти од глобалното економско постигнување. Ова очигледно ветува поголем успех во скротувањето на Кина.

САД сакаат да ја одложат својата замена како суперсила од страна на Кина. Антикинеската политика на Трамп го отсликува консензусот на американската елита да ја задржат својата надмоќ што е можно подолго. Но, подемот на Кина веќе не може да се запре. Удвојување на економското постигнување до 2035 година, како што сугерираат најновите прогнози за раст, се чини многу реален. Со тоа Кина ќе ги замени САД како водечка економска сила.

Martin Fritz, Journalist in Tokio
Мартин ФрицФотографија: Privat

Соработка наместо конфронтација

За разлика од САД, азиските соседи на Кина ја прифаќаат оваа претстојна промена на моќ. Тие размислуваат долгорочно и оттука нова Студена војна не е реална опција за нив. Наместо тоа, тие избираат соработка за на некој начин да ја врзат Кина. Од оваа перспектива американските сојузници Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд го потпишаа најголемиот светски трговски договор.

Со учество во РЦЕП тие профитираат од растечката економска сила на Кина, а да не мора да стравуваат дека за неколку децении ќе станат вазали на Пекинг. Јужна Кореја и Јапонија имаат добра пракса во одржување на интензивни економски односи со Кина од една страна, и одржување на политичка дистанца од друга страна.

Тие препознаваат дека Кина по вторпат ја спасува глобалната економија – преку огромна инвестициска програма по глобалната финансиска криза 2008/2009 и сега, преку брзо економско опоравување по кризата од корона-пандемијата. Наместо да го изолираат Пекинг, тие порадо се решаваат за дијалог, со цел да може да влијаат врз развојот на настаните во нивна полза.

Азија - центар на светската економија

Уште еднаш земјите во Азија ја покажаа својата способност за политичко предвидување, далекугледост и стратешко размислување. Поради брзорастечката средна класа, Азија во следните децении ќе ја движи светската економија и заедно со Кина, како единствена трговска зона, ќе прерасне во центар, исто како што е тоа денес Европасо Германија и Северна Америка со САД. Западот мора да се прилагоди на ова.

Американскиот претседател Барак Обама за време на својот осумгодишен мандат ги усогласи САД со Азија. Се очекува неговиот тогашен потпретседател и иден американски претседател Бајден да му се врати на овој пат и да избере соработка со Кина. Во оваа смисла и азиските соседи на Кина со потпишувањето на РЦЕП договорот ја сигнализираат желбата за промена на стратегијата на САД. Тоа може да се сфати и како победа на Кина, но исто така може да се нарече политички реализам.